Колку всушност реки има во Москва?

Зыков Кирилл / Агентство «Москва»
Едно од можните значења на името на градот Москва е „влажно, мокро место“. И навистина е така - територијата на градот е испресечена со стотици реки, рекички и потоци.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Сигурно ќе се изненадите кога ќе дознаете дека во Москва има над 100 реки, а веројатно и над 1300 различни водотеци (реки, извори, потоци итн.). Само две од нив - реката Москва и Јауза - обично се видливи со голо око. Но, всушност има неколку десетици реки, од кои повеќето досега се сведени на цевки поради потребите на градот. Во продолжение е опис на седумте најважни московски реки.

Москва

Москва е најголемата река во престолнината, која го дели своето име со градот. Нејзиниот извор е во близина на градот Можајск во Московската област. Потоа тече низ Москва и се влева во реката Ока. Се протега на 473 километри, а низ главниот град тече во должина од преку 80 километри. Во градот има преку 40 пристаништа на реката Москва.

Неглинка

Неглинка на платното на непознат уметник, 1790-тите

Оваа река некогаш течела низ Црвениот плоштад и се користела за полнење на ровот околу Московскиот Кремљ. Многу е кратка - само седум и пол километри. Започнува во северниот дел на центарот на градот, во округот Марјина Рошча, и се влева во реката Москва во близина на московскиот Кремљ.

Она што е најважно во врска со Неглинка е што од почетокот на XIX век е ставена во цевките на колекторот за да се избегнат редовните поплави во центарот на градот. Местото каде што Неглинка се влева во Москва може да се види од Големиот московорецки мост, најблискиот до Кремљ.

Jауза

Реката Јауза е најголемата притока на реката Москва во градот. Нејзината вкупна должина е 48 километри, а низ градот тече во должина од 27,6 километри. Името „Јауза“ може грубо да се преведе како „онаа што врзува“. Тоа се должи на фактот дека во речниот транспортен систем на Стара Русија оваа река служела за поврзување на водните патишта од Москва до Владимир. За жал, во моментов Јауза е најзагадената река во Москва, а многу индустрии сè уште фрлаат отпад во неа.

Сетуњ

Сетуњ е единствената голема река во Москва која тече претежно површински и го користи своето почетно корито - тоа не беше коригирано или исправано во текот на изградбата на градот, како што беше случајот со повеќето други московски реки (вклучувајќи ја и главната река Москва). Нејзините 38 километри целосно минуваат низ територијата на Москва.

Бреговите на Сетуњ се покриени со древни кургани - гробници на староруски воини. Името на реката веројатно е поврзано со овие погребувања - нејзиното име можело да потекнува од стариот руски глагол „сетовать“, што значи „тагува, жали“. Легендата вели дека луѓето доаѓале на бреговите на оваа река за да ги оплакуваат своите изгубени роднини.

Городња

Низ Москва протекуваат цели 16 километри од реката Городња. Се наоѓа на југот на градот и храни низа градски бари - вклучувајќи ги езерата Каричино, Борисово и неколку други помали водотеци. Реката, која тече низ индустриските делови на градот на југ, за жал е толку загадена што во неа нема риба, а за луѓето не се препорачува ниту капење.

Сходња

Третата најдолга река што тече низ територијата на Москва, Сходња, е долга 47 километри, но само пет километри всушност тече низ Москва, на север. Името на реката се преведува како „она што се користи за патување низводно“ (или спротиводно), бидејќи оваа река се користела за да се дојде до пловниот пат од реката Москва до реката Кљазма.

Нишченка

Оваа река тече цели 12,4 километри од нејзината должина низ источниот дел на Москва. Нејзиното име веројатно потекнува од фактот дека го пресекува автопатот на „Шосе ентузијастов“ (поранешна Владимирска магистрала), патот од Москва до Владимир, и понатаму, до Сибир. Овој пат се користел за испраќање на осудениците во прогонство, а нивните роднини обично ги оспраќале од Владимирскиот магистрален пат, на границата на градот, каде што реката Нишченко го пресекува патот. Наоколу обично имало многу просјаци, па оттука и името на реката, што буквално значи „просјачка“. Поголемиот дел од својата должина Нишченка тече под земја. Се користи за топење на снег во пролет. Тоа е веројатно најзагадената река во Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња