Кулата „Лахта Центар“ ќе има ресторан со панорамски поглед и платформа за набљудување на височина од 360 метри со поглед од 360 степени, што значи дека ќе можете да одите во круг и со уживање да го набљудувате сите градски квартови.
За жал, кулата сé уште не е отворена, завршните работи се во тек. Но, затоа можете да го набљудувате „Лахта Центарот“ од различни локации во Санкт Петербург. Ви предлагаме седум места од каде е лесно да направите убава фотографија на најголемиот облакодер во градот.
Ако сакате да ги почувствувате размерите на облакодерот, треба да отидете во Лахта, историскиот кварт на Санкт Петербург. Тука максимално ќе се приближите на петербуршкиот горостас. Најдобро е да отидете кога е сончево, бидејќи тогаш небото се рефлектира во стаклената фасада и добива сребрено-син отсјај.
Убави кадри може да се направат веднаш до споменикот на Петар I во близина на облакодерот. Неговата скулптура е поставена овде со причина. Легендата вели дека во 1724 година еден мал брод доживеал бродолом во близина на Лахта, а Петар видел луѓе како се дават и им притекнал на помош. Се верува дека познатиот руски владетел тогаш се добил воспаление на белите дробови и од последиците на таа болест починал во 1725 година.
Мултифункционален комплекс „Лахта Центар“, поглед од Паркот на 300-годишнината на Санкт Петербург.
Надежда Максимова/TASSПовеќето од сликите со „Лахта Центарот“ се направени токму од паркот на 300-годишнината на Санкт Петербург. Одовде се протега поглед на целиот облакодер, така што сигурно ќе направите добри снимки. Прошетајте и по кејот кај Финскиот залив и паркот и задолжително погледнете ја фонтаната до светилникот.
Ако патувате со деца или сакате авантури, наминете до забавниот парк „Островот на чудата“ (руски: „Диво-остров“). Покрај „тобоган на смртта“, отскочна даска и трамболина, паркот има и панорамско тркало со неверојатен поглед на градот. Од тој агол ќе можете да фотографирате две современи знаменитости на Санкт Петербург: стадионот „Гаспром Арена“ и „Лахта Центар“.
По активниот одмор може да се прошетате и по Приморскиот парк на Победата. Во самиот центар на паркот се наоѓа мала фонтана, а зад неа е стадионот „Гаспром Арена“.
Александра Војнова, руска спортистка во велодромски велосипедизам, на Јахтениот мост.
Алексеј Филипов/SputnikПешачкиот Јахтен мост беше изграден за Светското првенство во фудбал 2018 година. Мостот го поврзува Паркот на 300-годишнината со стадионот. Јахтениот мост нуди поглед на Финскиот залив. Глетката е особено убава бидејќи небото и морето се спојуваат во далечината. Оттука ќе направите многу добро селфи со „Лахта Центарот“. Најважно е да си ја придржувате капата, бидејќи овде е многу ветровито.
Ако тргнете од Паркот на 300-годишнината до Приморскиот парк на Победата, тогаш можете да го фотографирате облакодерот од три маркантни локации.
Ако сакате активен одмор, тогаш одете на езерото Лахтински Разлив. Таму можете да изнајмите SUР-штица, кајак или чамец. Ќе направите прекрасни фотографии од „Лахта Центарот“ од вода и воедно ќе уживате во природата на северот. Ви советуваме да отидете до реката Јунтоловка која се влева во езерото. Тивко е и нема многу народ - идеално место за фотографирање.
Интересно е што делот на Петербург од метро станицата „Приморска“ се наоѓа на посипано земјиште. Западниот дел на Василевскиот остров бил пуст. Неговото населување започнало дури во 1960-тите и изградбата е сè уште во тек. Се планира овде да се изгради Северен Намив, голема населба која има излез во заливот. Покрај устието на реката Смоленка има мал кеј од каде се гледа Финскиот залив и облакодерот. Таму можете да направите добри фотографии, а ако се прошетате покрај водата ќе ја видите и изградбата што е во тек.
Дури и да не стигнете до Смоленка, оваа глетка дефинитивно ќе ја забележите бидејќи оттука минува автопатот „Западен брз дијаметар“ кој води од аеродромот до градот.
Доколку сакате да направите необична снимка со облакодерот, ве советуваме да го посетите градот Кронштат во близина на Санкт Петербург. Тука има и стари утврдувања од времето на царска Русија, и реставрираниот Николски поморски храм, и неодамна отворениот парк „Островот на утврдувањата“.„Лахта Центар“ можете да го фотографирате од брегот или од платформата за набљудување на Николскиот храм.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче