10 неверојатни саат-кули во Русија

Legion Media
Кула со саат-шифра, советска копија на Биг Бен или средновековна кула со бројчаник на кој наместо бројки има кирилични букви? Ова се најинтересните градби со часовник во Русија.

1. Спаската кула 

Главниот часовник во земјата и една од најпрепознатливите кули на светот. Токму со Спаската кула во позадина претседателот на Русија секоја година им ја честита на граѓаните Новата година.

Кулата е изградена од италијанскиот архитект Пјетро Солари во 1491 година. Се викала Фроловско стрелиште (по црквата што се наоѓала во близина). Речиси 200 години подоцна низ оваа кула во црквата „Успение на Богородица“ е донесена чудотворната икона на Неракотворниот Спас. Затоа кулата го сменила името во Спаска и станала свето место. Оттогаш, поминувањето низ неа е можно само пеш и само без капа. 

Што се однесува до часовникот, тој се појавува на Спаската кула во 1625 година. Го прават Англичаните, а оттогаш неколку пати е заменет. Сегашната верзија потекнува од почетокот на XIX век.

2. Камбанаријата на Софиската црква во Вологда

Оригиналната камбанарија била од дрво и била изградена во XVI век до Софиската црква. Уште тогаш, покрај 11 ѕвона, имала вистинска реткост за тоа време во Русија - часовник. Но, старата кула настрадала во пожар.

Онаа што ја гледаме денес е изградена во 1869-1870 година на зачуваното долно ниво на поранешната градба. Така настанала камбанаријата висока 73 метри во псевдоготски стил, на која е поставен и механизам за часовник.

3. Невјанската кула

„Кулата во Пиза“ во малото гратче Невјанск на Урал има наклон од речиси два метри. Изградена е во 1721-1725 година по нарачка на претприемачот Акинфиј Демидов. Кулата имала 9 камбани и часовник од англиско производство. Според легендата, кулата била намерно проектирана со наклон кон Тула, родниот град на династијата Демидови.

Низ вековите, кулата се користела како камбанарија, стражарница, фабричка архива, канцеларија, лабораторија, па дури и затвор. Денес е дел од Невјанскиот историски роднокраен музеј.

4. Саат-кулата во Виборг 

Тоа била камбанаријата на виборшката соборна црква срушена за време на Советско-финската војна, а исто така и главната градба на стариот средновековен Виборг. Ѕидовите на камбанаријата сé уште се состојат од крупен камен и во основата се дебели речиси 2 метри. Но, по војната, кулата ја променила својата функција. Таа станала саат-кула и во исто време стражарска кула на градската противпожарна станица.

Патем, и денес ги има старите ѕвона со посвета кои на градот му ги подарила Екатерина II пред речиси три века.

5. Краснојарскиот Биг Бен

Саат-кула по примерот на Биг Бен е изградена во 1960-тите во Краснојарск, град во Источен Сибир,.

Долго време, сé до 2001 година, на него имаше дигитален часовник, кој го покажуваше не само времето, туку и температурата на воздухот. Но, кога се расипа механизмот, беше заменет со часовник со механички бројчаник.

6. Камбанаријата на Петропавловската црква

Часовникот на гробот на руските цареви се појавил во 1776 година. Донесен е од Холандија, земја од која многу нешта се преземени при изградбата на „северната престолнина“.

Поради шилецот на покривот висок 40 метри Петропавловската црква беше највисоката зграда во Русија сé до 1952 година.

7. Кенигзбершката црква

Кулата со зашилен врв на поранешната главна католичка црква во Кенигсберг во Источна Прусија имаше часовник што ги отчукуваше часовите. Поставен е кон средината на XVII век, но не преживеа до наше време поради Втората светска војна.

Денешниот часовник на кулата потсетува на некогашниот, меѓутоа станува збор за модерен механизам кој го прилагодува времето според сателит.

8. Сочинската кула

Зданието на железничката станица во Сочи е изградена според проектот на еден од главните архитекти на московското метро, ​​Алексеј Душкин. За време на изградбата на саат-кулата тој смислил загатка која многумина се обидуваат да ја одгатнат веќе половина век. Имено, градителот го украсил бројчаникот со знаците на Зодијакот, но ги исфрлил знаците Водолија, Бик и Скорпија, заменувајќи ги со соѕвездијата на Запрежни кучиња, Лебед и Змија. Ги измешал сите знаци, оставајќи ги на своите места само Лавот, Девицата и Вагата.

Според една верзија, загадочната шифра е поврзана со словенските верувања. Во старите прикази, Запрежните кучиња ја влечат колата на Дажбог, покровителот на плодноста и Сончевата светлина. Велес, богот на народните раскажувачи, е претставен во форма на змија. А Лада, божицата на пролетта и љубовта, во словенската митологија е поврзана со бел лебед.

Според друга верзија, Душкин, кој бил љубител на архитектонскиот стил на Стариот Египет, на бројчаникот го напишал со шифра датумот на завршување на изградбата на железничката станица.

9. Кулата на Суздалската тврдина 

На четири часа возење од Москва се наоѓа стариот град Суздал, чиј историски дел во голема мера го зачувал оригиналниот староруски стил и уникатните објекти на архитектурата. Еден од нив е кулата на Суздалската тврдина со бројчаник сличен на часовникот на Московскиот кремљ. Меѓутоа, на часовникот во Суздал наместо бројки има букви.

Вакви часовници се користеле во ерата пред Петар I, кога бројките биле означувани со кирилични букви. Пред Петар, букви имало и на часовникот на московскиот Кремљ, но царот-реформатор не само што ја поедноставил кирилицата, туку и го вовел пишувањето на броеви на западен начин.

10. Водната кула на Раушен

Водната кула во Светлогорск, поранешната германска бања Раушен (до 1947 година), е препознатлива знаменитост на овој град. Изградена е според проектот на архитектот Ото Валтер Кукук во 1900-1908 година и припаѓал на морското лекувалиште. Додека познатиот сончев часовник се појавил за време на советското владеење - во 1978 година.

Бројчаникот со приказ на сонцето и знаците на Зодијакот толку добро се вклопени со изгледот на зградата што многумина мислат дека отсекогаш се наоѓал таму.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња