Зошто овој град се нарекува „јужната престолнина“ на Русија?

Legion Media
Ростов на Дон е еден од најголемите градови во Русија. За него се велело дека е „портата на Кавказот“ и „руски Чикаго“.

1. Покрај Москва, Русија ги има и таканаречените „северни“ и „јужни“ престолнини. Првата е Санкт Петербург и тоа го знаат сите, а за втората има различни ставови, бидејќи неколку руски градови претендираат на таа почесна титула. Па сепак, повеќето сметаат дека првенството му припаѓа на Ростов на Дон.

2. Градот се наоѓа на брегот на реката Дон, на околу четириесет километри од Азовското Море. Денес во него живеат над милион и сто илјади жители (Според овој показател е пред „конкуренцијата“, т.е. пред Сочи и Краснодар). Покрај тоа, од 2000 година, Ростов на Дон е административен центар на Јужниот федерален округ (цела Русија е поделена на осум федерални окрузи), кој опфаќа три републики, три области, Краснодарскиот крај и градот од федерално значење Севастопол.

3. Историјата на големиот мегалополис кој се развива многу брзо, а Ростов на Дон е токму таков денес, почнала од малиот граничен премин со наплата на царини на границата на Руската империја, основан во 1749 година со указ на царицата Елисавета Петровна. Дванаесет години подоцна овде започнала изградбата на тврдината која го добила името по Св. Дмитриј Ростовски.

Ростов на Дон пред Октомвриската револуција. Пловечки мост преку реката Дон, Таганрошки проспект (сега Буѓоновски проспект).

4. Вкупната должина на бедемите на тврдината во облик на ѕвезда изнесувала 3,5 километри. Во различни периоди тука служеле најдобрите војсководци во историјата на Русија: генералисимусот Александар Суворов, кој не изгубил ниту една битка, и непобедливиот адмирал Фјодор Ушаков. Самата тврдина никогаш не учествувала во борбени дејствија.

Планот на утврдувањето на Дмитриј Ростовски, 1768.

5. На почетокот на XIX век околу тврдината никнал цел град и народот го нарекувал Ростов. За да нема забуна, бидејќи на северот на Русија се наоѓа и древниот град Ростов Велики, на името на овој јужен град му е додаден атрибутот „на Дон“.

Пристаништето кај мостот во Ростов на Дон.

6. Низ Ростов на Дон минувале поголемиот дел од патиштата кои воделе кон јужните региони на империјата. Овде, во 1875 година, била отворена најголемата железничка станица во регионот, позната како „портата на Кавказот“. Наскоро тоа име се пренело и на самиот град.

Ростов на Дон пред Октомвриската револуција. Железничката станица.

7. На почетокот на ХХ век, за Ростов на Дон се велело дека е „рускиот Чикаго“, бидејќи во тоа време тој веќе бил еден од водечките индустриски центри на империјата. Во градот работеле околу 140 претпријатија, од кои една третина припаѓала на странски капитал.

Првиот железнички мост во Ростов на Дон.

8. Сите тие достигнувања беа анулирани кога избувна граѓанската војна во Русија во 1917 година. Во крвавиот конфликт, Ростов на Дон долго време служеше како едно од главните упоришта на Белото движење. Црвената армија го зазеде дури на почетокот на 1920 година.

Офицерска стража го пречекува генерал Деникин на железничката станица во Ростов на Дон, 1919.

9. За време на Втората светска војна, Ростов на Дон неколку пати минуваше од едни раце во други. Единиците на германската Прва тенковска армија го зазедоа на 21 ноември 1941 година, но советските трупи веќе на 29 ноември го истиснаа непријателот од градот. Тоа беше првата голема победа на Црвената армија во таа војна.

Германска теренска жандармерија на мотоцикли, Ростов на Дон.

10. По катастрофалниот колапс на советската офанзива кај Харков во мај 1942 година, Вермахтот презеде голема офанзива во правец на Дон, Волга и Кавказ и на 24 јули повторно го зазеде градот. Ростов на Дон конечно беше ослободен дури по триумфот на советските трупи кај Сталинград на 14 февруари 1943 година.

Ростов на Дон за време на германската окупација, до 14.02.1943.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња