Добре дојдовте во Хунзах, дагестанско село на работ на провалија!

@mukhtar_gadzhidadaev
Под селото има вистинска провалија, но луѓето ризикуваат и сепак се населуваат на ова место. Зошто?

Ова село во Дагестан никнало на работ на планинска висорамнина.

Некои куќи во ова место навистина се наоѓаат над самата бездна. Како тоа да не е доволно, сопствениците на некои објекти градат тераси кои се протегаат дури и понатаму и буквално висат над провалијата.

Долу се пружа понор длабок околу 100 метри.

Селото Хунзах се наоѓа во Дагестан, 140 км од Махачкала, главниот град на републиката, на висорамнина два километри над морското ниво.  

Историчарите сметаат дека првата населба во овој крај се појавила во шестиот век пред новата ера. Во тоа време градот на ова место бил престолнина на стара христијанска држава наречена Сарир.

Подемот на муслиманските држави во регионот довел до исчезнување на Сарир во XII век. Исламот се појавил како доминантна религија во областа која некогаш била христијанска држава.

Во XIII век Хунзах станал престолнина на новоформираното Аварско канство.

Во 1864 година Руската империја го освоила Аварското канство и тоа станало дел од нејзината територија.

За одбивање на нападите на локалните непокорни горштаци и јакнење на своите позиции во регионот, Русите ја изградиле Хунзашката тврдина.

Хунзашката тврдина била заштитена од топови со ѕидови дебели речиси еден метар. За време на руската Граѓанска војна таму бил стациониран коњанички полк. Подоцна зградата била користена како болница, училиште, па дури и како сиропиталиште. Денес оваа тврдина се смета за објект на културното наследство во Русија.

Во селото денес се наоѓаат многу стари бунари украсени со камења. Водата од некои извори се спроведувала до Хунзашката тврдина преку систем на цевки.

Водопадот Тобот се смета за едно од најубавите места во Хунзах. Зиме замрзнува во облик а леден столб. Локалните жители велат дека внатрешноста останува шуплива, што ѝ овозможува на водата да тече слободно.

Денес на работ на кањонот има база за „бејз“ скокање. Освен прекрасниот поглед од карпата и некои објекти на старата архитектура, тоа е ретко место за забава во ова прилично мало планинско село, па тешко е да се поверува дека некогаш бил престолнина на древна држава.

Овој крај е изложен на силни ветришта, бидејќи селото се наоѓа на извишено и рамно место меѓу планините. Локалните ветрови често дуваат со брзина од 17 до 20 метри во секунда.

Денес во Хунзах живеат повеќе од 4000 луѓе. Додека во Хунзашкиот реон се наоѓа 61 село со вкупно население од околу 33 илјади луѓе.

Ова необично село редовно привлекува туристи и фотографи во потрага по фасцинантни глетки и доживувања.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња