Кој го населува рускиот Кавказ?

Кавказот е мултиетничка област, каде што заедно живеат луѓе од различни религии, кои зборуваат различни јазици и почитуваат различни обичаи. Значителен дел од оваа област и припаѓа на Руската Федерација.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Кавказот е претежно планински терен сместен меѓу Каспиското езеро и Црното море. Тука со векови живеат десетици етнички групи, а поради оддалеченоста на планинските населби, овие групи развиле различни јазици и верувања. Сепак, сите тие имаат сличен начин на живот. Затоа Кавказот не е само географски поим, туку и историски и културен. Денес, Кавказот е поделен на Северен и Јужен, при што Јужниот Кавказ го сочинуваат постсоветски држави, а Северниот од национални републики кои се дел од Русија.

Чеченија

Кога Кавказот влезе во состав на Русија?

Кавказ од дамнина се наоѓал на крстопат, на место каде што се вкрстуваат интересите на соседните земји: Персија (денешен Иран), Отоманската империја (Турција) и Русија. Во подножјето на Кавказот Русија основала козачки населби и низа утврдувања со цел да ги заштити јужните граници од упадите на номадските племиња. Во исто време, таа барала нови трговски патишта за поврзување на Азија и Европа. Интересно е што многу кавкаски народи (Осетини, Кабардинци, Ингуши, Грузини и други) барале заштита под покровителство на руските цареви и сакале да се приклучат на Русија. Меѓутоа, поради некои територии, Русија морала да влезе во низа конфликти.

Кавказот конечно станал дел од Русија дури во 1864 година по Кавкаската војна. Во советско време кавкаските области добија современи административни граници и автономија во рамките на големата земја. По распадот на Советскиот Сојуз, Грузија, Ерменија и Азербејџан станаа независни држави, додека републиките од Северен Кавказ станаа дел од Русија.

Дагестан

Кои области на Кавказот се дел од Русија? 

На Северен Кавказ се наоѓаат седум републики:  

  1. Адигеја (главен град Мајкоп) 
  2. Карачаево-Черкесија (главен град Черкеск) 
  3. Кабардино-Балкарија (главен град Наљчик) 
  4. Северна Осетија –Аланија (главен град Владикавказ) 
  5. Ингушетија (главен град Магас) 
  6. Чеченија (главен град Грозни) 
  7. Дагестан (главен град Махачкала) 

Ставрополскиот (главен град Ставропол) и Краснодарскиот крај (главен град Краснодар) се исто така дел од кавкаскиот историско-културен регион.

Покрај рускиот јазик, во републиките на официјално ниво се користат и локалните јазици. На пример, во Карачаево-Черкесија, такви јазици се: абазински, карачајски, ногајски и черкески. Но, секако, Дагестан е шампион: има дури 14 државни јазици! И сите се толку различни што жителите на соседните села не можат да се разберат меѓусебно на својот мајчин јазик и мораат да го користат рускиот.

Кабардино-Балкарија

Кој живее на рускиот Кавказ? 

Северен Кавказ е најнаселената област на Русија. Според пописот од 2010 година, тука живеат околу 15 милиони луѓе, припадници на 50 етнички групи.

Освен Руси, меѓу најголемите етнички групи се Чечените, Черкезите, Аварите, Даргините, Осетините, Ингушите, Кумиците и Лезгините (повеќе за нив дознајте овде).

Интересно е да се истакне дека жителите на Кавказот се претежно муслимани, само меѓу Осетините е пораспространето православието.

Луѓето од Кавказот имаат, и покрај големите меѓусебни разлики, многу заеднички нешта. Тие главно го задржуваат традиционалниот начин на живот: претпочитаат да живеат во куќи отколку во станови (таму е најниското ниво на урбанизација во Русија), главно се занимаваат со земјоделство и имаат традиционални ставови за семејството (често постарите роднини се вклучени во изборот на идниот брачен другар). Слични се и нивните народни носии: на пример, мажите носат черкески кафтани со карактеристични мали џепчиња (дознајте повеќе овде), а жените носат долги тесни фустани и светло обоени шамии (повеќе овде).

Карачаево-Черкесија

Каква е економијата? 

Северен Кавказ е претежно земјоделска земја. Климата е топла, а земјата плодна, што овозможува одгледување на разно овошје, зеленчук и житарки. Меѓутоа, покрај тоа, Северен Кавказ е најпопуларната туристичка дестинација во земјата. Туристичките центри на брегот на морето и во планините тука настанале уште во царско време, а во советските години туризмот беше масовна појава.

Современите Руси го посетуваат Северен Кавказ заради одмор на море, рехабилитација во бањите со минерална вода, скијање и планинарење. Во текот на целата година тоа е атрактивно место за одмор поради незаборавните зајдисонца во кавкаските планини!

Адигеја

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња