- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Бајкалското езеро во Сибир е најстарото и најдлабокото езеро на планетата. Локалните жители со векови го обожавале и на децата им раскажувале мистериозни приказни за него. Но, може ли да им се верува на овие приказни? Одлучете сами или уште подобро: посетете го Бајкалското езеро!
Легенди за страшен змеј
Бајкалското езеро има свое чудовиште Неси, и тоа всушност е многу страшно. Постојат неколку описи на „водниот змеј“ кој живее во Мухорскиот залив, во најтоплиот дел од езерото, и ги одвлекува рибарите во своето подводно царство. Некои велат дека изгледа како огромна есетра со налутено лице; други велат дека тоа е рептил со канџи и „оклоп“ по должината на грбот, додека други веруваат дека ѕверот изгледа како древен ихтиосаурус, предокот на крокодилите. За да го смират ѕверот, мештаните пред само неколку века му „нуделе“ крзна, накит и храна. Некои дури практикувале и жртвување.
Патем, советските истражувачи во 1980-тите со сонар открија подвижен објект долг 30 метри на дното на езерото, но не успеаја да утврдат за што точно се работи. Затоа руските и странските љубители на мистерии и понатаму се обидуваат да го пронајдат „чудовиштето“, а на социјалните мрежи повремено се појавуваат фотографии со темни дамки во водата. Можеби тоа е само нов вид бајкалска фауна?
Легенда за златото на Руската империја
Една од најголемите нерешени мистерии во руската историја гласи: каде исчезнаа златните резерви на Руската империја по револуцијата во 1917 година? Земјата беше зафатена со граѓанска војна меѓу приврзаниците на царскиот режим (белогардејци) и поддржувачите на „новиот режим“ (црвеноармејци). Златото било преместувано сè подалеку и подалеку во Сибир и преминувало од рацете на едната во рацете на другата војска. Кога во 1919 година завршило во рацете на болшевиците, се покажало дека некои од сандаците содржеле тули наместо златни прачки. „Изгубени“ се околу 180 тони. Некои љубители на легенди веруваат дека златото на Руската империја потонало во езерото, кога возот што го превезувал по пругата околу Бајкалското Езеро се срушил во водата.
Се разбира, наводното богатство привлекува многу авантуристи. Неколку пати на дното на Бајкалското езеро беа спуштани подводни пловила „Мир“, при што беа пронајдени остатоци од сандаци стари сто години, а беа забележани дури и прачки со златен сјај. Но, не беа извадени, бидејќи секое поместување би предизвикало нови одрони.
Легенда за реката Ангара
Ова е веројатно најромантичната и најпопуларната легенда за Бајкалското езеро. Во ова езеро се влеваат триста реки и потоци, но од него истекува само една река - Ангара. Таа е една од главните реки на Сибир и, според старите приказни, се смета дека е ќерка на Бајкалското езеро.
Локалните жители го прикажуваат Бајкалското езеро како богатир кој собира „данок“ од околните места, а неговата ќерка Ангара веднаш го враќа. Имала само еден ѓердан, кој никому не го покажувала. Го чувала за идниот сопруг. Тогаш Бајкал им кажал на сите соседни богатири дека сака да ја омажи ќерката. Избрал младич по име Иркут, иако таа го сакала витезот Енисеј. Но, зборот на нејзиниот татко бил конечен. На крај Ангара побегнала од дома, носејќи си го ѓерданот и фрлајќи ги монистрата под своите нозе, делејќи им го на тој начин богатството на луѓето. На местото каде што се сретнала со Иркут денес се наоѓа градот Иркутск. Таму каде што ги фрлила монистрата, се појавиле други градови. А таму каде што се сретнала со Енисеј, се наоѓа слив: Ангара се влева во реката Енисеј.
Легенда за задгробниот свет
Бајкалското езеро е најдлабокото езеро на светот и локалните жители го знаеле тоа уште пред научните истражувачи. Тие верувале дека тука има бездна без дно што води или кон отворениот океан или во задгробниот свет. Се зборува дека над таа точка на површината на езерото се појавува воден вртлог, кој може да ги одвлече бродовите на дното. Дури во триесеттите години на ХХ век беше можно да се пресмета повеќе или помалку точната длабочина на езерото, која оттогаш се одредува со сé поголема прецизност. Се покажа дека просечната длабочина на Бајкалското езеро е 740 метри, но има и место со длабочина од 1642 метри, токму на местото што го опишуваат легендите. „Провалија без дно“ е всушност место на раседот на Земјината кора.
Легенда за името на езерото
Научниците сè уште спорат за староста на Бајкалското езеро (преовладува теоријата дека е старо 25-35000 години, додека некои велат дека е старо 150000 години или само 8000 години) и за неговото потекло (дали некогаш тоа бил вулкан или е од друго потекло). Познато е дека луѓето живееле околу ова езеро во II век п.н.е. Тоа биле припадници на различни народи. Но, за езерото користеле многу слични имиња. „Баи“ на многу јазици значи „голем“. На бурјатски Baigal-dalai значи „голема вода како море“. На јакутски baihal, baig’al значи „голема, длабока вода“. Постои легенда според која Бајкалското езеро настанало на местото на „огнена планина“, то ест на вулкан, и дека неговото име значи „Огну, запри“.