Добредојдовте во Тирниауз, градот на најголемата надморска височина во Русија (ФОТОГРАФИИ)

Влезот во градот Тирниауз во Баксанската клисура.

Влезот во градот Тирниауз во Баксанската клисура.

Валериј Матицин/TASS
Ова индустриско гратче на Кавказ се наоѓа во близина на планината Елбрус, чиј врв е највисок во Европа. Тирниауз би можел да стане туристички центар, но ја доживеа судбината на типичен постсоветски „моноград“, т.е. на град чие население всушност живее од работата на едно единствено претпријатие.

Кавкаските планини се едно од најживописните подрачја на Русија. Тие ги привлекуваат љубителите на екстремните спортови, но и љубителите на природата. Покрај туризмот, Кавкаските планини се познати и по своите природни ресурси.

Во советскиот период овде за првпат беа откриени наоѓалишта на разни руди и ретки метали, што предизвика масовна изградба на фабрики и никнување на работнички населби. Меѓутоа, многу такви места не ја преживеаја кризата од 1990-тите (тука, во нашиот претходен прилог, можете да се запознаете со сенишната рударска населба Садон во Северна Осетија). Ајде да видиме како изгледа Тирниауз, градот со најголема надморска височина во цела Русија.

Тирнијауз е оддалечен само 80 километри од Налчик, главниот град на руската република Кабардино-Балкарија, на патот што води кон планината Елбрус. Тирниауз е сместен на 1300 метри надморска височина, а некои градски населби се и на поголема надморска височина (според различни извори, помеѓу 1500 и 2000 метри надморска височина).

Во 1934 година овде беше пронајдено наоѓалиште на ретки земни метали волфрам и молибден. Во текот на наредните неколку години на тоа место беа отворени рудници и погони за преработка. Првите готови производи беа добиени во 1939 година, но во 1942 година фабриката мораше да биде уништена бидејќи германската војска стигна до Кавказ. Меѓу другото, волфрамот беше неопходен во воената индустрија, па советското раководство не сакаше овој метал да падне во рацете на непријателот.

Фабриката беше обновена во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Луѓе од целиот Советски Сојуз доаѓаа тука за вработување. Рударската населба брзо растеше, така што во 1955 година Тирниауз доби статус на град. Во 1939 година имаше 3500 жители, а во 1959 година речиси 13000.

Тирниауз, Кабардино-Балкарска Република, Русија

Во однос на архитектурата, градот со ништо не се разликува од која било друга советска населба. Зградите се типични, панелни и ѕидани со тула, со зелени, розови и бели фасади. Но, сите изгледаат фантастично со планинскиот пејзаж во позадина.

Денес Тирниауз има малку жители и потсетува на напуштен град на духови.

Во моментот на распад на СССР, во градот живееја над 30000 луѓе и повеќето од нив беа вработени во рудниците и фабриките за преработка на волфрам и молибден. Меѓутоа, поради економската криза во 1990-тите, компанијата престана да добива нови нарачки, па во 2001 година банкротираше.

Рудниците не се одржуваа соодветно, објектите беа запуштени, а металните делови завршија во старо железо, како и опремата. Така од некогашниот успешен град остана само спомен.

Поранешните рудари го напуштија градот, продавајќи ги своите станови за мала пара на жителите на околните села. Денес градот има околу 20000 жители. Многумина одат на работа во селата каде што цвета планинскиот туризам.

Но, градот има други проблеми, не само економски. Имено, Тирниауз се наоѓа на реката Баксан, што на кабардиски јазик значи „онаа што се пени“ или „она што се излива“. Малку низводно патот често е блокиран од поројни наноси, кои се многу чести во овој крај, се случуваат речиси секое лето.

Поројната поплава беше особено силна во 2000 година. Тогаш однесе осум човечки животи, а 40 лица исчезнаа без трага. Силата на поројот била толку голема што зградите пред него се уриваа како да се од картон. Над 900 луѓе останаа без покрив над главата.

„Живеев во Тирниауз од 1987 до 1996 година. Дедо ми работеше во овој рудник“, пишува поранешниот жител Александар Јаковлев. „Кога заминувавме го запечативме станот, а сега таму живеат непознати лица чии куќи беа затрупани од поројната кал. Не ми е криво, нека живеат таму. Штета е што некогаш успешниот град сега стана депонија и што во него владее таков распад и сиромаштија“.

Со текот на времето градот целосно пропадна, но пред неколку години конечно било одлучено фабриката да се обнови.

Така, во 2021 година на наоѓалиштето Тирниауз започна изградбата на новата фабрика „Елбрусметал“.

Најавено е дека фабриката ќе биде пуштена во работа во 2023 година, а дека во 2026 година ќе работи со полн капацитет. Се очекува во рамките на овој проект да бидат отворени нови 800 работни места. Инаку, наоѓалиштето е многу богато, содржи околу 40% од сите резерви на оваа руда во Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња