10 најнеобични напуштени места во Русија (ФОТО)

Legion Media
Во овие места спаѓаат опседната куќа, гробишта на бродови, па дури и напуштен хадронски колајдер.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

1. Планинско село во Дагестан

Селото Кахиб се наоѓа на 160 километри од Махачкала, главниот град на Дагестан. Неговиот централен дел го сочинуваат камени урнатини изградени пред неколку века на стрмна планинска падина со поглед на реката Кахибтљар.

Урнатините се претопени во пејзажот до точка во која визуелно се спојуваат со карпите и се претопуваат во околината. Меѓутоа, кога подобро ќе погледнете, стариот напуштен град се појавува во целата своја величественост.

Историчарите сметаат дека овие живописни куќи и кули се појавиле во 8-10 век од нашата ера. Луѓето можеби се населиле во оваа недостапна област за подобро да се заштитат од освојувачите.

2. Силоси за жито во Јарославл 

Овие морничави структури кои потсетуваат на филмски сет од постапокалипса не се ништо освен остатоци од советската земјоделска индустрија. Во текот на советското време, овие џиновски бетонски конструкции се користеа за складирање на стратешки резерви на жито и затоа беа оградени и строго чувани. Нивните прецизни локации често беа доверливи. По распадот на Советскиот Сојуз, многу од овие стратешки структури беа напуштени и на крајот се распаднаа. Денес, овие напуштени кули привлекуваат повремени посетители.

3. Екраноплан на брегот на Каспиското езеро 

Ова советско летало лежи напуштено на брегот на Каспиското езеро во Дагестан. Необичното возило познато како екранопланот „Луњ“ некогаш беше значаен советски воен проект.

Воената машина беше создадена за борба против непријателските носачи на авиони и требаше да лета блиску до површината на водата, избегнувајќи ги на тој начин непријателските радарски системи.

4. Гробишта на бродови во Мурманск 

За да „пензионира“ некои од своите бродови, Русија создаде „гробишта“ за нив во Арктикот и Тихиот Океан. Можеби најпрепознатливите гробишта на бродови се наоѓаат во близина на поморската база на руската Северна флота во населбата Олења Губа во Мурманската област. Таму, по завршувањето на активната воена служба, одмораат десетици деактивирани бродови, па дури и подморници.

5. Рудник за дијаманти во Јакутија

Советските геолози открија огромни резерви на дијаманти во Јакутија во 1950-тите. Легендата вели дека, по виталното откритие, испратиле шифрирана порака во Москва: „Го испушивме лулето на мирот“. Тутунот е одличен“. Дијамантската јама наводно е наречена по таа шифрирана порака.

Јамата „Мир“ стана огромна: длабока повеќе од 500 метри и со дијаметар од 1200 метри. Во одреден момент понатамошниот развој и одржувањето на јамата станаа мошне опасни и сопственикот ја затвори, одлучувајќи се за понов начин на ископување дијаманти.

Џиновскиот отворен коп произведе дијаманти во вредност од околу 17 милијарди долари пред да биде напуштен. Во подоцнежните години, архитектите се обидоа да го искористат отворениот коп за осмислување на проект за футуристички град под купола, но нивните планови пропаднаа и рудникот остана напуштен до ден-денес.

6. Светилник на островот Сахалин

Овој величествен напуштен светилник со години е туристичка атракција. Изграден од Јапонците во последните денови на Втората светска војна, светилникот се наоѓа на ‘ртот Анива, на едно од најнепристапните места на островот.

Посетителите велат дека светилникот наскоро би можел да стане опасен за посета, бидејќи многу делови од него почнале сериозно да пропаѓаат.

7. Град на духови во Магадан

Овој град на духови жителите го напуштија откако властите решија да ги затворат околните рудници по тешката несреќа во која загинаа шест работници. Остатоците од градот Кадикчан изграден од затворениците на Гулагот во 1940-тите сега стојат како чувари во оваа морничава област. Иако во 2010 година градот на духови беше прогласен за напуштен, ретки патници пријавија дека виделе неколку жители кои одбиле да си заминат.

8. Хадронски колајдер во Московската област 

Во 1980-тите советските научници планираа да изградат хадронски колајдер за проучување на честичките. Проектот бараше многу копање: беа изградени масивни тунели под градот Протвино недалеку од Москва. Кога проектот запре по распадот на Советскиот Сојуз и последователниот недостаток на финансии, и тунелите исто така беа напуштени. Лежат на длабочина од 60 метри и должина од над 20 километри и привлекуваат љубители на индустрискиот туризам кои на сопствен ризик се спуштаат и влегуваат во нив.

9. Хидроцентрала на Алтај 

Чемаљската хидроцентрала беше изградена во 1935 година од околу 700 затвореници. Во 2010 година во фабрика се случи несреќа – конструкцијата беше делумно поплавена. Оттогаш фабриката не работи. Понекогаш туристички групи го посетуваат напуштениот капацитет.

10. Вила Пор во Приморск

Во градот Приморск во Калининградската област има вила со морничав изглед. Изградена е околу 1905 година, кога градот беше познат по своето германско име Фишхаузен.

Нејзиниот сопственик, успешен бизнисмен, купи над 100 хектари земја и изгради вила со 13 соби со подрум и поткровје. Кога по Втората светска војна градот стана советска територија, зградата беше предадена на Министерството за одбрана на СССР и претворена во санаториум каде што се лекуваше туберкулозата.

Денес вилата стои напуштена и морничава, потсетувајќи на опседната вила од типичен хорор филм.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња