Како изгледа најисточната точка на копнениот дел на Русија и цела Евроазија: ‘Ртот Дежњов

Вјачеслав Викторов/Росконгресс
Висок карпест брег кој стрмно се спушта во шумното ледено море и ветер што те соборува од нозе. Тоа е најисточната точка на копното на Русија и на цела Евроазија, ‘ртот Дежњов. Овде можете да застанете на работ на Евроазија, да видите древно ескимско село и да им мавнете со рака на жителите на Алјаска.

Што има на ‘ртот Дежнев?

Најисточната точка на руското копно се наоѓа во далечен реон на Чукотскиот полуостров (Далечниот Исток на Русија) на ‘рт висок 740 метри. Го краси светилник-споменик подигнат во чест на рускиот козак Семјон Дежњов, првиот човек што стигнал до таа точка. На бел обелиск со врв во вид на ѕвезда-петокрака на страната свртена кон морето е поставена спомен-плоча со натпис и бронзена биста на Дежњов.

Овој простор се смета за свет, па затоа тука не само што не смее да се пцуе, туку ни да се зборува гласно. Да не зборуваме за фрлање ѓубре.

Актуелниот светилник-споменик е изграден во средината на 1950-тите, а на педесетина метри од него се наоѓа дрвен крст висок 15 метри, кој беше единственото обележје пред тоа. Обелискот може да се заобиколи и да се спушти во правец на напуштеното ескимско село Наукан. До средината на минатиот век тоа било најисточното населено место во Евроазија во кое живееле 400 луѓе. Меѓутоа, во 1958 година Наукан бил иселен поради близината на границата со САД, а од населбата останале само камени конструкции и огромни вилици од китови вкопани во земјата, на кои некогаш ги закачувале чамците.

Ако времето е ведро, во далечина ќе ги видите Диомедовите острови меѓу кои минува поморската граница меѓу Русија и САД, па дури и брегот на Алјаска. Всушност, Евроазија е оддалечена само 86 километри од Америка преку Беринговиот теснец. А земајќи ја предвид границата меѓу Диомедовите острови, само четири.

А кој бил Дежњов? 

Козакот Семјон Дежњов (околу 1605-1673), е еден од легендарните истражувачи на новите предели на Русија. Роден е во село во Архангелската област, служел како морнар на трговски бродови, а потоа како козак во Сибир, а на крајот на триесеттите години на XVII век се населил во Јакутија, каде што се занимавал со собирање даноци. Работата била мошне опасна по живот. Не само што требало да бара луѓе по темните тајги и тундри, туку, искрено кажано, имало и такви кои не сакале да плаќаат данок.

Во неколку такви операции, Дежњов и еден одред козаци ја откриле една од најважните реки на Далечниот Исток, Колима и основале неколку населби. Конечно, летото 1648 година, неговата експедиција ја напуштила Колима и се упатила кон исток по море, буквално стигнувајќи до самиот крај на континентот. Дежњов во своите белешки на ‘ртот му го дал името Големиот камен нос.

Морепловецот видел и два острова населени со домородни народи (денес познати како Диомедови острови). Експедицијата го заобиколила ‘ртот и се упатила надолу, подигнувајќи тврдина низводно на местото на кое подоцна ќе никне Анадир, главниот град на Чукотка. Нивниот брод доживеал несреќа во близина на полуостровот Камчатка, но одредот по неколку месеци успеал да се врати во Јакутск. Дежњов подоцна ја истражувал територијата на денешна Чукотка, меѓутоа, не стигнал до ‘ртот. Било премногу опасно. Починал во Москва, каде што дошол од Јакутск за да ѝ предаде пари на државата. На крајот од својот живот тој веќе бил јакутски атаман и под негова власт била целата тврдина.

Во 1728 година, тука пристигнала експедицијата на Витус Беринг, Данец по потекло кој служел во руската флота. Англичанецот Џејмс Кук предложил теснецот да биде именуван по Беринг, а ‘ртот Восточни (Источен).

Дека експедицијата на Семјон Дежњов веќе била тука, се дознало дури во средината на XVIII век, кога во Јакутската тврдина биле пронајдени неговите белешки. Во 1898 година, на предлог на Руското географско друштво, ‘ртот Восточни бил преименуван во ‘рт Дежњов.

Како да стигнете до крајната точка на Евроазија?

И денес патувањето до ‘ртот Дежњов е вистинска авантура која бара физичка и психичка подготовка. Крајната точка на евроазискиот континент е место каде што дуваат исклучително силни ветрови од кои можете да се сокриете или зад ридовите или зад споменикот на Дежњов. Времето постојано се менува, ту е сончево, ту облачно, па врне или вее снег. Патем тоа е дива природа и практично нема шанси да сретнете човек.

И покрај сето тоа, тука доаѓаат неколку стотици туристи годишно во придружба на искусни локални водичи. Она што никако не треба да го правите е да одите сами.

Првиот начин е пеш. Најблиското населено место до ‘ртот е селото Улен, оддалечено десет до петнаесет километри низ тундрата. Меѓутоа, почесто се оди пеш од селото Лаврентиј каде што се наоѓа аеродромот. Од таму до ‘ртот има сто километри. Пешачењето е најисплатливото,  но и најтешко решение.

Друга варијанта е поморска експедиција, со чамец од Лаврентиј, и тоа е најпопуларниот начин. Туристите пловат по леденото Берингово море неколку часа, а потоа остануваат да преноќат во шатори или се враќаат на истиот начин. До ‘ртот Дежњов може да се стигне и како дел од туристичка тура со брод за крстарење. Вистина, штом ќе се симнете од бродот, треба да се возите и со моторен чамец, но кратко. Тоа е најскапата варијанта, но најудобна во дадената ситуација.

Во многу ретки случаи до ‘ртот може да се стигне и со хеликоптер од селото Лаврентиј. Поради силните ветрови и карпестите брегови, леталото може да го приземјат единствено исклучително искусни пилоти и тоа само кога времето е убаво.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња