Запознајте го човекот кој патува од Јужна Африка на рускиот Далечен Исток… со велосипед!

Патувања
ЛУЧИЈА БЕЛИНЕЛО
Лоренцо Бароне (25) вози велосипед низ Русија во екстремна авантура која ќе го однесе до ‘ртот Дежнев, на најисточната точка на Азија.

Во Сибир доаѓа есен. Пејзажот станува жолт, портокалов и кафеав. Степата се расплетува пред очите на Лоренцо како забавена фотограма, следејќи ги мазните движења на педалите. Лоренцо Бароне (25) од Италија, со велосипед ја минува Русија... повторно!

Неговата прва авантура овде беше во 2020 година, кога возеше низ Сибир среде зима, понекогаш спиејќи во шатор на -55°C! Сега го чека нов предизвик: тргна во февруари од ‘ртот Иглен, на најјужната точка на Африка, а неговата крајна дестинација е ‘ртот Дежнев, на Чукотка, на најисточната точка на Азија, поминувајќи 12 земји на 3 континенти, вкупно од 29000 км со велосипед!

Идејата за вакво екстремно патување се родила од досада едно летно попладне на Апенините. „Сакав да си поставам цел која ќе ми го апсорбира целото внимание и енергија“, објаснува Лоренцо. „И така се настана овој проект! Решив да го возам „најдолгиот пат на светот“, рутата што ја покрива најдолгата копнена оддалеченост на нашата планета“.

„Додека го планирав ова патување, дел од мене не веруваше дека можам да стигнам толку далеку; дали да се обидам или не беше главното прашање и предизвик“, вели тој на својот блог, каде што секојдневно комуницира со илјадници следбеници (120 илјади на „Инстаграм“; 135 илјади на „Фејсбук“). Му се јавив додека се одмараше во мало село на планините Алтај со неговата сопруга Ајгул, која ја запознал за време на неговото претходно патување во Русија. „Поминаа десет дена откако се туширавме и се одморивме нормално“, ни вели весело, со глас на некој толку среќен што го прави тоа што го прави што чувствува потреба да го слушне цел свет.

Лоренцо стигнал до Ајгул во Казахстан и продолжиле да возат заедно. „Со месеци бевме разделени илјадници километри и знаевме дека ова ќе биде единствениот начин да поминеме некое време заедно“, вели тој. „Ајгул никогаш не била велосипедист, но реши да ме следи на овој дел од патот. Многу сум горд на неа!“

И така, по песочните бури на африканската пустина, карпестите предели на Турција и тишината на казахстанската степа, Лоренцо се враќа во Русија, земја која љубезно го пречека: „Овде секогаш ме третираат добро. Кога ќе кажам дека сум Италијанец, сите се насмевнуваат и се ракуваат со мене“.

Среде таа долина опкружена со планини, телефонската врска не е толку добра и често се прекинува. „Зедовме слободен ден и утре повторно тргнуваме по угорницата, следејќи ја реката по макадамски пат кој ќе нé однесе на надморска височина од 1600 метри“, вели Лоренцо. „Главно возиме со велосипед по изолирани патишта без сообраќај, од каде што можеме да видиме извонредни пејзажи! Во Омската област возевме преку бескрајни рамнини и сега им се восхитуваме на планините. Бев импресиониран од гостопримството на луѓето на рускиот Кавказ, во Дагестан и Чеченија: никогаш не платив за ручек, бидејќи сопствениците на продавниците или нивните купувачи секогаш ми нудеа!“

Покрај шаторот, Лоренцо со себе носи и мало решо, лонец, филтер за вода, вреќа за спиење, два полначи за батерии и разни мапи на мобилниот телефон кои работат офлајн. „Во минатото користев хартиени мапи, но тие ги прикажуваат само главните патишта, а не макадамските и споредните патишта. Иако спијам во шатор среде никаде, не се плашам: секогаш носам нешто со кое можам да ги исплашам волците“.

Неодамна Лоренцо и Ајгул дојдоа до завршната етапа на Чујскиот тракт, еден од 10-те најубави автопати според магазинот „National Geographic Traveler“. „Речиси го поминавме Чујскиот тракт, пат низ Алтајските планини кој се смета за еден од најубавите во светот. Последниве денови налетавме и на неколку велосипедисти: немам сретнато ниту еден уште од мојот престој во Кападокија во Турција, и беше убаво да споделам искуства и информации со нив. Вчера ги оставивме дивите шуми и сега започна степата. Границата со Монголија сега е блиску“.