Ељгигитгин – најтаинственото езеро на Чукотка (ФОТО)

Тимур Ахметов
Древното езеро не било целосно замрзнато дури ни за време на ледената доба. Во него и ден-денес живеат прастари суштества какви што не можат да се најдат на ниедно друго место во светот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

„Ако луѓето се казнуваа со очај во неизвесност и осаменост, тогаш човек кој целиот свој живот го поминал во град и заслужил таква казна треба да биде оставен на брегот на Ељгигитгин“, напиша за ова езеро рускиот геолог Василиј Бели.

Езерото со комплицираното име Ељгигитгин се наоѓа зад Северниот поларен круг, во самиот центар на полуостровот Чукотка и тоа навистина е едно од најтешко достапните места во регионот, идеално за престој во самотија. Бидејќи од езерото до најблискиот град Певек има 200 километри.

Наједноставен начин да стигнете до Ељгигитгин е да уплатите тура за разгледување и да отидете до таму со хеликоптер од Анадир, бидејќи до езерото не води ниеден пат. Други варијанти се превоз со теренско возило од Певек или во рамките на сплаварење по реките Енмивам и Анадир.

Ова е најдлабокото езеро на Чукотка. Додека неговиот пречник е 12 километри, неговата длабочина е 175 метри. Ако се гледа одозгора од хеликоптер, неговата форма е практично идеален круг и наликува на модро-црно око. Но, не секогаш изгледа така.

Во превод од чукотски Ељгигитгин значи „бело езеро“ или „езеро на нетоплив мраз“. Поголемиот дел од годината површината е покриена со мраз, а некои години мразот не се топи ниту лете.

Бреговите на езерото се вечен мраз и ниски планини. Зимата на Чукотка трае 10 месеци и во тој период температурата се движи од -15 до -39°C. Во лето, воздухот може да достигне и +34 °C, но дури и тогаш на површината на езерото се формира ледена покривка. Температурата на водата во Ељгигитгин никогаш не надминува +3°C.

Некои луѓе се воодушевени од ова езеро среде пустата тундра. „Не знам со што би го споредил. Можеби ако истуриме шишенце густо мастило на чист бел лист хартија - би било нешто слично“, напиша геологот Олег Куваев.

Но, тоа на многумина им влева страв. Жителите на околните предели го опишуваат како „необично, морничаво место“, обвиено со легенди. Според една од нив, во длабочините на езерото живее древното чудовиште Калилгу, кое личи на џиновски рептил со голема челуст. Нешто како шкотската Неси од езерото Лох Нес. Понекогаш Калилгу излегува од длабочините на површината со голема бучава и бранови и веднаш се враќа на дното.

На Ељгигитгин навистина доаѓа до разбранување. Локалните жители веројатно ги толкуваат како изнуркувањето на Калилга. Според друго објаснување, тоа е всушност ослободување на метан од Земјината кора.

Во секој случај, ова длабоко езеро го има она што е потребно за да стане дел од митовите и легендите. Старо е повеќе од три и пол милиони години. А неговото потекло е, покрај тоа, многу специфично.

Долго време се сметаше дека езерото Ељгигитгин најверојатно настанало во вулкански кратер. Тоа го потврдија анализите на карпите кои укажуваа на нивното вулканско потекло. Меѓутоа, во 2009 година, меѓународен тим научници направи бушотина, продирајќи во седиментите на дното на езерото до длабочина од 225 метри. Таму пронајдоа карпа што се формира само во кратери кога Земјата ќе се судри со метеорит. Тоа ги реши споровите за потеклото на езерото: настанало по пад на метеорит.

Второ, се верува дека Ељгигитгин никогаш не бил целосно замрзнато. Додека пред повеќе милиони години Европа и Америка биле покриени со мраз, на територијата на денешна Чукотка немало ледници. Затоа во езерото е зачуван единствен екосистем, а неговото дно е извор на податоци за животот на Чукотка во текот на последните три и пол милиони години. Во однос на важноста за истражувачите, Ељгигитгин може да се спореди со Бајкалското Езеро и глечерите на Гренланд.

Водата на езерото буквално врие од риби. Затоа тоа ги привлекува љубителите на екстремни патувања и специфичен риболов. Меѓу другото, тука има ендемични видови, претставници на флората и фауната кои можат да се најдат само во Ељгигитгин и никаде на друго место во светот.

Тоа е, меѓу другото, необичната риба под називот долгоперкаста палија. Овие риби се прилагодени на животот во многу студена и мрачна вода и го населуваат езерото уште од времето на мамутите. Древната палија живее речиси на самото дно на езерото. Во нејзината крв беа пронајдени траги од многу древни физиолошки адаптации. Имено, таа е во состојба многу долго да остане без кислород. Според научниците, оваа способност кај неа се појавила уште во ледената доба. Видот преживеал под мразот без практично без кислород десетици илјади години.

Во околината на езерото живеат лисици, волци и мечки. Затоа патниците кои доаѓаат овде обично носат огнено оружје со себе во случај на неочекувана средба со ѕверовите.

Освен тоа, се зборува дека за патување до Ељгигитгин треба да се решат само оние кои не само што се силни по дух (го нарекуваат „место на силата“ или „околу Земјата“), туку и со добро здравје. Имено, на тоа подрачје преовладуваат нестабилни метеоролошки услови: лете температурата и атмосферскиот притисок можат да се променат неколку пати во текот на еден ден.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња