Каде се наоѓа географскиот центар на Русија?

Патувања
ЕЛЕОНОРА ГОЛДМАН
Остра клима, пермафрост, долги поларни ноќи – и отсуство на луѓе на километри наоколу. Дали знаете уште некоја земја на светот со слична средишна точка?

Што мислите, каде се наоѓа географскиот центар на Русија? Не, не е некаде на Уралските планини или на бреговите на реката Волга. „Срцето“ на земјата се наоѓа на мошне оддалечено место на Сибир – на брегот на езерото Виви во Евенкискиот автономен округ и еве како изгледа тоа.

Виви е најголемото слатководно езеро во овој регион кое населението го нарекува и Бајкал на Евенкија. Има издолжен облик: 90 километри во должина и 4 километри најширока точка. Во поголемиот дел од годината езерото е покриено со мраз поради исклучително студените услови на рускиот север. Водата е ладна дури и во јули.

Ова место во 1992 година беше означено како географски центар на Русија. Координатите ги пресмета Пјотр Бакут (1933-2018), доктор на технички науки и член на Географското друштво: 66°25 северна географска ширина и 94°15 источна географска должина – југоисточниот брег на езерото Види. Ова е само 16 километри јужно од Арктичкиот круг!

Кон средината на август 1992 година експедиција на Руското географско друштво на ова место постави седумметарска плоча во облик на расцутен цвет со двоглав орел на врвот – симболот на Русија. Дното на плочата е украсено со камења собрани на брегот од езерото. Тимот истражувачи на ова место стави и временска капсула.

А, кон крајот на август, Федералната служба за геодезија и картографија го потврди официјалниот статус на географски центар на Русија токму на ова место. Тука во 2006 година се појави капела во знак на сеќавање на Сергиј Радонежки, еден од најпочитуваните православни светци.

Езерото Виви се наоѓа во југозападниот дел на висорамнината Путорана, земјата на водопади и карпи и едно од најоддалечените места на светот. А, наоколу нема ништо, само диви животни и карпести пејзажи. Едноставно среде пустелија.

Најблиското населено место е селото Тура, кое е и главен град на Евенкија. Тука живеат околу 5.00 жители од кои една четвртина се староседелци, пред сè Евенки. Само 366 километри со хеликоптер или со чамец и вие сте на брегот на Виви. Тука обично запира за да преноќи по некој турист кој се упатил кон географскиот центар на Русија.

Самото езеро е популарно не само кај планинарите, ами и помеѓу љубителите на риболовот. Виви е дом на околу 40 различни видови риба, вклучувајќи и лосос. Во него се влеваат и 133 реки. Постојат дури и посебни тури со водич.

Езерото е толку далеку од цивилизацијата, што е речиси неистражено. Досега неговата длабочина не е проучувана – варира од 80 до 200 метри според различни студии.

Во близина на езерото Виви во 2020 година беше направен истоимен природен резерват.

На стотина километри североисточно од езерото на висорамнината Путорана се наоѓа уште една интересна точка – Полот на недостапноста – најоддалеченото место од транспортните патишта во земјата. Достојна локација за оние што уживаат во географските екстреми.