- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
1. Сместен на брегот на студеното Баренцово море, Мурманск е денес најважната „северна порта“ на Русија. Тука се наоѓа едно од најголемите пристаништа во земјата, преку кои Русија ја реализира редовната трговија со целиот свет.
2. Мурманск е најголемиот град на светот над Северниот поларен круг. Моментално во него живеат 282.000 луѓе. Животот во тукашните сурови климатски услови воопшто не е лесен, зашто дури и во текот на летото температурата ретко се крева над 16 степени Целзиусови.
3. Пред Мурманск да се појави на картата на Русија на почетокот на 20 век, главна „северна порта“ на Русија бил Архангељск кој е основан во 1584 година на брегот на Белото море. Мурманск, меѓутоа, има голема предност во смисла на тоа што водата во тоа подрачје никогаш не замрзнува.
4. Во текот на Првата светска војна Русија ја согледала потребата на северот да има пристаниште кое никогаш не замрзнува. Поради дејствувањето на непријателските сили на Балтичкото и на Црното море пресечени се комуникациите со Западна Европа преку кои Русија од сојузниците од Антантата добивала вооружување и за возврат им испраќала суровина. Така раководството на империјата побарало решение на север.
5. На брегот на Баренцовото море, кој од дамнина бил познат како „Мурман“, во 1915 година започнала изградбата на морско пристаниште и покрај него населбата Семјоновски. Следната година на 4 октомври на ова место е одржана свечената церемонија на полагање камен-темелник за храмот посветен на свети Николај Мирликијски, покровител на морнарите. Од тој датум официјално постои градот Романов на Мурман. Називот го има добиено во чест на императорот Николај Втори Романов. Шест месеци подоцна го добил називот Мурманск.
6. Последниот град кој е основан во Руската Империја за релативно кратко време станал сведок на многубројни настани. Во виорот на револуционерниот хаос и на Граѓанската војна Мурманск бил еден од главните центри на Белото движење и една од најважните бази на странските интервентни единици. Во него се базирале единиците на Велика Британија, Канада, Австралија, САД, Франција, Италија и на Полска. Тука престојувал дури и еден кинески баталјон.
7. Градот веќе наголемо се проширил кога во 1941 година повторно се нашол во епицентарот на борбените дејствија. Германските и финските единици се обиделе да го заземат во текот на операцијата „Зилберфукс“ („Сребрена лисица“), но доживеале пораз. Кога непријателот бил неколку десетина километри од градот, низ него минувале конвои со британско и со американско оружје за Црвената армија.
8. Сè до ноември 1914 година најважниот град на советското Заполарје заедно со советските пилоти ги бранеле пилотите од 151 воздухопловен полк на Кралското воено воздухопловство на Велика Британија, испратен во СССР во рамките на операцијата „Бенедикт“. „Тие дојдоа тука за да се борат, и се борат како вистински војници, пожртвувано и дисциплинирано... Кога ќе дојдат до бој, Англичаните се борат исто како моите орли. Можеби некој може, но јас не можам да најдам поголема пофалба од оваа“, изјави тогаш за новинарите еден советски командант.
9. Германците не успеаја да го заземат Мурманск, па поради тоа жестоко го бомбардираа. Најстрашните напади на Луфтвафе беа извршени на 18 јуни 1942 година. Тогаш врз градот беа фрлени 12.000 запаливи и илјадници фугасни бомби. „Треба да се има предвид дека Мурманск во тоа време беше изграден главно од дрво“, пишува Андреј Бескоровјани, тогашен раководител на редакцијата на списанието „Часовой Севера“ („Стражар на Северот“): „Пожари избија во сите краишта на градот. Пламенот ги зафати сите населби. Гореше и војничката населба. Набргу ми беше соопштено дека се запалил и магацинот за хартија и боја на списанието. Само благодарение на издржливоста, на храброста и на херојските напори на припадниците на воените единици, на борците на локалната воздухопловна одбрана и на жителите овој џиновски пожар беше изгаснат во вечерните часови. Тој ден непријателот запали и урна околу 800 станбени згради и десетина градски објекти“.
10. По бројот и густината на бомбардирањата Мурманск го зазема второто место меѓу советските градови. На прво место е Сталинград. Во нападите на германската авијација уништени се три четвртини од објектите во градот. По завршувањето на Втората светска војна градот е вброен меѓу петнаесетте градови чие обновување беше првостепена задача на раководството на СССР.