- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Светилникот Анива е еден од најнепристапните во Русија. Со години ги предупредуваше бродовите на опасните брегови на карпестиот ‘рт Анива во Охотското Море. Иако денес е напуштен, и понатаму е многу популарна туристичка атракција.
Јапонски проект
На Далечниот Исток на Русија, на најголемиот руски остров Сахалин, се наоѓа светилник со ненадминлива убавина. Оваа напуштена кула има долга историја.
Пред Русите да ги протераат Јапонците од островот Сахалин во последните денови од Втората светска војна, Јапонците успеваат да изградат светилник на едно од најнепристапните места на островот – ‘ртот Анива.
Јуриј Смитјук / TASS
Јапонски инженер по име Шинобу Миура го осмислува проектот. Изградбата започнува 1937 година и трае две години. Во 1939 година, на тешко достапниот карпест ‘рт Анива е изграден истоимениот светилник. Јапонците го нарекуваат „Накаширетоко“ (中知床岬).
Светилникот бил неопходен, бидејќи водите во ова ќоше на светот биле смртоносна замка за пловилата: подводните струи, честата магла и каменитите гребени се заканувале да ги уништат бродовите кои се приближувале до ‘ртот.
Легендата вели дека кога јапонските конструктори го завршиле проектот, на јапонскиот цар му била претставена намалена копија од светилникот.
Во светилникот
Светилникот Анива се состои од тркалезна бетонска кула со долен помошен објект. Кулата е висока 31 метар и има девет ката. Првично, првиот кат бил проектиран како магацин за опрема, а вториот кат – како просторија за радиокомуникација.
Сергеј Красноухов / TASS
Катовите од третиот до петтиот биле издвоени за простории за живеење, со кревети на спрат, каде истовремено можеле да престојуваат до дванаесет луѓе. Горните нивоа на светилникот се користеле како магацини.
Конечно, на најгорниот кат се наоѓало светлото и ротирачкиот механизам на механички погон со тег од 270 килограми, кој минувал низ централниот дел на кулата.
Светлината што ја произведувал била видлива на растојание до 19 наутички милји (35 километри).
Напуштање
Во 1990 година Русија го повлече персоналот од светилникот, префрлувајќи го во автоматски режим на работа. Светилникот беше опремен со радиоизотопски термоелектрични генератори кои го напојуваа до 2006 година. Меѓутоа, денес структурата стои неискористена и напуштена.
Legion Media
„Светилникот засега е во задоволителна состојба. Сè уште е безбеден за посета, но наскоро може да стане опасно, бидејќи има делови кои почнаа да се распаѓаат. Додека кулата е направена од бетон, делови од тулите, металните врати и конструкциите почнаа да рѓосуваат“, вели Дмитриј Куликов, кој дава туристички услуги на Далечниот Исток на Русија.
Legion Media
И покрај лошите услови, култниот светилник привлекува голем број посетители, кои одат таму поради погледот што го одзема здивот, живописните фотографии - и адреналинот.
Од најблиската населба се вози 1,5 часа, а потоа уште два часа со брод до ‘ртот Анива. Потоа посетителите треба да се искачат на карпа користејќи јажиња за да се доближат до основата на светилникот. Друг полесен начин нема. Сепак, наградата ги чека оние кои ќе се осмелат и ќе се искачат.
Сергеј Красноухов / TASS
„Кога туристите ќе стигнат таму за прв пат, тоа секогаш има „уау“ ефект врз нив. Светилникот изгледа епски: рапав, непопустлив, стои среде морето и се издигнува над стрмна карпа. Сега е потполно сив, но ако подобро се погледне, може да се види дека порано бил обоен на пруги. Остава впечаток на целосна напуштеност. Во него се гнездат галеби“, вели Куликов.