Некогаш и сега: Како изгледаше Москва во рурално време (ФОТО)

Патувања
АНА СОРОКИНА
Козите, кравите, дрвените куќички и шумите... сега се заменети со шарени облакодери, отмени паркови и модерни автопатишта. Ви ги претставуваме московските предградија кои порано беа обични села и градови и споредуваме како изгледале некогаш, а како изгледаат сега.

Москва не е изградена одеднаш - овој древен град продолжува да се шири, припојувајќи нови села и градови. Вкупно преку 220 рурални населби станаа московски округ, но нивниот точен број е тешко да се процени. Активниот развој на периферијата започна во 1960 година, кога стана неопходно да се решат станбените (многу луѓе живееја во таканаречените комунални, заеднички станови) и сообраќајните (со изградба на обиколницата во Москва) проблеми. Тогаш Москва, со своите шест милиони жители, се зголеми речиси двојно, а нејзините нови квартови се наполнија со панелни згради, што до неодамна го дефинираше изгледот на секој станбен кварт во Русија.

До 1980-тите, кога бројот на официјални жители надмина осум милиони, Москва излезе надвор од московската обиколница, припојувајќи ги окрузите Бутово, Жулебино и други. А во 2012 година Москва со 12 милиони луѓе повторно се зголеми за речиси 2,5 пати, припојувајќи неколку градови до границата со Калушката област, со што стана најголемиот град во Европа. Денешните станбени подрачја вклучуваат многу облакодери, трговски центри, паркови и јавни простори.

1. Коњково

Помеѓу 1960-1986 година, неколку соседни села станаа новиот округ Коњково на југозападот на Москва (каде ќе ги најдете метро станиците Калушка, Бељаево и Коњково) со главната магистрала, улицата „Профсојузнаја“. Ова е многу убаво подрачје, без индустриски зони, а со многу паркови, ридови и стари цркви. Задоволство е да се шета по Коњково! На старите фотографии се гледа дека додека се граделе панелните згради, околу нив сè уште паселе крави.

2. Кожухово

Ова е едно од најстарите села во Москва, познато уште од 15 век, а од 1923 година е дел од Москва. Кожухово, на југоистокот на градот, имаше своја железничка станица дури и во царско време, но дрвените куќи останаа тука сé до 1970-тите, кога областа конечно беше опкружена со бетонски згради.

3. Тропарјово

Тропарјовскиот округ на југозападот на градот е изграден на местото на село, кое во 1960 година стана дел од Москва. Името потекнува од неговиот прв владетел, болјарот (благородник) Иван Тропар („тропар“ - кратка црковна песна), кој бил погребан овде во 1393 година. Во советските години постоеше голем колхоз (колективна фарма) со добра сообраќајна врска, училиште и продавница. Последните дрвени куќи беа урнати во 1981 година, а во 2014 година беше отворена метро станица.

4. Чертаново

Поранешното село Чертаново на југот на Москва влезе во нејзиниот состав во 1960 година. Покрај колхози и други земјоделски површини, во 1940-тите и 1960-тите постоеше аеродром каде што можеше да се учи да се лета со едрилица. Во тоа време селото почна да се гради со панелни згради, а северниот дел на Чертаново дури беше проектиран како населба за пример и сметан за „советски рај“, кој можеше да им се покаже на гостите на Олимписките игри 1980 година.

5. Черкизово

Старото село Черкизово-Подмосковно на истокот на Москва стана дел од градот на почетокот на 20 век, но сé до 1970-тите сè уште личеше на село со своите дрвени куќи и градини. Сега Черкизово е вклучено во Преображенскиот округ, а името на селото остана во имињата на неколку улици и станици на метрото. Во него ќе ја најдете и зачуваната црква „Пророк Илија“, изградена 1690 година.

6. Черјомушки

Во периодот 1956-1959 година, селото Черјомушки на југозападот на Москва беше подрачје на првата станбена населба што ја сочинуваа згради „хрушчовки“. Стана дел од Москва во 1958 година. Експерименталното место се состоеше од 13 четирикатни и 7 осумкатни згради. Пилот-становите беа мали, но фасадите беа украсени со цигли, во дворовите имаше вистински фонтани и перголи за растенија, а населбата имаше свои продавници, мензи, па дури и кино.

Денес, многу стари „хрушчови“ во овој округ се заменети со нови повеќекатници со големи станови и модерна инфраструктура.

7. Курјаново

Ако се прашувате каде застанало времето во Москва, тоа е во селото Курјаново (на југоисток) кое е дел од градот од 1960 година. Курјаново е одвоено од градот со железница и одењето таму е како да одите на мало патување во советското минато. Во овој крај повеќето станбени згради и понатаму се двокатни со многу градини во дворовите. Во центарот на округот има и голем споменик на Ленин. Локалните жители го сакаат својот крај поради неговата автентичност.

8. Вихино

Во 1960 година на градот му се придружи селото Вихино на југоистокот на Москва. Старата населба, заедно со колхозот „Ленин“ беше урната, а жителите преместени од нивните дрвени куќички во модерни панелни згради. Денес Викино е еден од најголемите окрузи во Москва, каде живеат повеќе од 220000 луѓе.

9. Комунарка

Еден од главните окрузи на таканаречената Нова Москва стана селото Комунарка во 2012 година. Во советско време имаше голем совхоз, кој пропадна со распадот на СССР. Денес главната улица во областа го носи името на последниот директор на совхозот Александра Монахова. Округот се гради многу активно - за неколку години овде се појавија околу стотина нови згради. Во 2019 година таму беше отворена метро станица.

10. Ватутинки

Ватутинки е уште една „новомосковска“ населба, која ѝ се придружи на Москва во 2012 година. До московската обиколница има17 километри. Пред 2012 година Ватутинки беше дом на околу 10000 луѓе, а денес има околу 35000 жители. Бројот на жители кои се вселуваат во нови згради постојано расте.