- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
На рускиот Кавказ има речиси моноетнички национални републики, како што е Ингушетија, во која Ингушите сочинуваат 95% од населението, но и мултинационални републики како Дагестан со околу 30 народи и 14 јазици. Кои кавкаски етнички групи се најбројни?
1. Чеченци
Елена Афонина / TASS
Ова е една од најголемите етнички групи не само во регионот, туку и во целата земја. Меѓутоа, повеќето Чеченци живеат во Чеченската Република, над 1,2 милиони (од вкупно 1,5 милиони). Чеченците живеат и во соседните Дагестан и Ингушетија. Чеченскиот јазик има седум дијалекти и голем број локални наречја.
Чеченците се нарекуваат себеси „Нохчиј“ (народ) и „Вајнах“ (наши луѓе), што е вообичаено име за Чеченците и сродните Ингуши. Чеченското општество се состои од „тајпи“, кои опфаќаат по неколку фамилии поврзани со роднински врски. Повеќето Чеченци се муслимани. Жените ја покриваат главата со традиционалната шамија (меѓутоа, обично не го покриваат лицето) и носат долги шарени фустани. Мажите на улица не носат шорцеви.
2. Черкези
Сергеј Бобиљов / TASS
Черкезите (често се нарекуваат и Адиги) имаат неколку субетноси: Адигејци, Кабардини, Черкези и Шапсуги. Во светот ги има 2,5 милиони (некои извори ги проценуваат и до 5 милиони), а околу 720000 во Русија. Над половина од нив живеат во Кабардино-Балкарија (Кабардини), Адигеја (Адигејци), Карачаево-Черкесија (Черкези), Краснодарскиот крај (Шапсуги) и други региони. Черкезите зборуваат еден јазик со различни регионални дијалекти. Субетносите исто така имаат исти обичаи, традиции и култура.
Черкезите се исто така претежно муслимани, но во Северна Осетија има и извесен број православни.
Патем, традиционалната кавкаска машка носија е именувана токму по Черкезите: „черкеска“.
3. Авари
Антон Апостол / TASS
Најбројна етничка група во Дагестан се Аварите. Во оваа република ги има околу 900000 (од проценети милион во светот), што значи дека тие сочинуваат четвртина од населението на Дагестан. Аварскиот е исто така најраспространетиот јазик во Дагестан, но неговите регионални дијалекти се многу различни. Многу модерни Авари се сунити. Еден од најпознатите современи Авари во светот е поранешниот шампион на УФЦ Хабиб Нурмагомедов.
4. Даргинци
Антон Апостол / TASS
Втората по големина група во Дагестан по Аварите се Даргините, околу 500000 (од околу 600000 во светот). Даргинската култура и јазикот имаат долга историја: првиот ракопис со зборови на даргински јазик датира од XIII век.
Современата даргинска алфабета има 46 букви, но јазикот е поделен на неколку дијалекти. Како и Аварите, и Даргините се сунити.
Меѓу Даргините има субетнички групи; на пример, Кубачинци, жители на селото Кубачи, познато како центар на народните занаети (овде прочитајте за кубачинските шамии и за нивното село).
5. Осетинци
Елена Афонина / TASS
Во Република Северна Осетија поголемиот дел од населението го сочинуваат Осетинците, кои себеси се сметаат за потомци на древниот народ Алани. (За Аланите повеќе можете да дознаете овде.)
На рускиот Кавказ живеат околу 500000 Осетинци, додека на светот ги има вкупно околу 700000.
Осетинскиот јазик припаѓа на иранската група. Повеќето Осетинци се православни, кои ја комбинираат оваа религија со древните кавкаски обичаи, со само 10% муслимани, за разлика од соседните региони.
Патем, главното јадење на локалната кујна, осетинската пита си сирење, се стекна со популарност ширум земјата и може да се најде во речиси секој руски град.
6. Ингуши
Елена Афонина / TASS
Повеќето Ингуши живеат во Република Ингушетија (околу 400000 луѓе), додека уште 300000 живеат во другите делови на Русија и во странство. Ингушите се нарекуваат себеси „Галгај“. Според лингвистите, овој збор доаѓа од „гала“ што значи кула и значи „станари на кули“. Ингушките кули-караули се навистина импресивни споменици на старата архитектура зачувани во оваа планинска република.
Тие се нарекуваат себеси и „Вајнах“, како и Чеченците. Ингушите имаат свој јазик, кој е официјален во Ингушетија, покрај рускиот. Локалните медиуми емитуваат програма и на ингушки јазик.
7. Кумици
Антон Апостол / TASS
Кумиците се најголемиот туркиски народ на Кавказот. Се проценува дека ги има над 500000, од кои 430000 живеат во Дагестан (тоа е третата по големина етничка група во оваа република). Историскиот реон каде што живеат се нарекува „Кумикија“ (меѓу реките Терек и Сулак). Кумичкиот јазик е еден од најстарите пишани јазици на Кавказот, а до почетокот на 20 век бил јазик на меѓуетничка комуникација на Северниот Кавказ. Го проучувал дури и Лав Толстој, кој го посетил овој регион.
8. Лезгини
Антон Апостол / TASS
Можеби сте слушнале за популарниот танц на Кавказот наречен „лезгинка“? Ниту еден настан, од свадба до голем концерт, не може да помине без оваа фолклорна нумера. Историски гледано, Лезгините живеат во југоисточниот дел на Дагестан, како и на северот на Азербејџан. Речиси 400000 Лезгини живеат во Дагестан и уште 100000 во другите руски региони. Покрај тоа, околу 200000 Лезгини живеат во Азербејџан. Затоа модерните Лезгини често зборуваат не само руски и лезгински, туку и азербејџански.
9. Карачајци
Сергеј Бобиљов / TASS
Ова е туркиска етничка група која претежно живее во планинската република Карачаево-Черкесија. Денес има вкупно околу 200000 Карачајци. Научниците веруваат дека нивни предци биле Аланите. Имено, многу алански зборови се зачувани во карачајскиот јазик, а зборот „Алан“ се користи во обраќањето на Карачајците.
Во животот на современите Карачајци се посветува големо внимание на почитувањето на моралните норми, народните обичаи, како и на гостопримството. Сите гости мора да добијат хичин, пржен бесквасен леб полнет со зеленчук или месо!
10. Лакци
Антон Апостол / TASS
Една од најголемите етнички групи во Дагестан се Лакците. Ги има околу 200000 и повеќето од нив живеат во својата историска татковина Лакија, во близина на Кумикија.
Првата џамија на Кавказот се наоѓа во Лакија, во селото Кумух. Изградена е во VIII век и е добро сочувана до денес.