Сибир е бескрајно пространство во кое се наоѓаат и тајга, и тундра, и планини, и езера. Тука владее мошне кратко и жешко лето во кое дивата природа им се приближува на луѓето. Како се живее налето во Сибир?
Го гледате оној симпатичен облак во далечината? Подобро да не му приоѓате зашто тој облак е составен од огромни комарци желни за крв. По правило најстрашните меѓу нив живеат надвор од градовите и против нив не помагаат ниту најсовремените средства, ниту оделата за заштита. Тие касаат директно преку облека. Затоа по извесно време луѓето почнуваат да ги доживуваат како регионална специфичност.
„На почетокот секое каснато место чеша, се прави оток со пречник од 4-5 сантиметри, а по два-три дена се навикнуваш, па многу полесно го поднесуваш тоа“, велат мештаните.
Ова е снимка од Јакутија: на ѕидовите од куќите роеви комарци чекаат да се вратат домаќините.
Роеви вакви инсекти се нарекуваат „гнус“, а називот го имаат заслужено поради мошне непријатното однесување во близина на човекот. Пострашни се од рој комарци, зашто се составени од разни видови крвопијци во здружен напад.
„Кога ќе ве каснат, имате чувство дека секој пат го погодуваат токму нервниот завршеток, ужасно боли. На тоа не можете да се навикнете или за навикнување ви е потребно повеќе време одошто трае летото во северните краишта“, велат оние што имаат многу искуство со оваа напаст.
Назима во Сибир е мошне студено (постојат делови во кои владее вечен мраз, тука се и најстудените места на светот како што се Ојмјакон и Верхојанск). Но, налето е топло како, на пример, во Сочи! Ова е особено карактеристично за јужен Сибир (Краснојарск, Абакан, Кемерово), каде жештината може да трае со недели. Во централниот и северниот дел од регионот, пак, временските услови обично брзо се менуваат. Понекогаш жешките денови настапуваат толку нагло, што снегот не стасува да се истопи.
Во Јакутија постојат ледници кои не се топат дури ни налето (најпознат е Булуус). На него налето можете да се одморате и да се сончате. Во последно време овие места стануваат вистинска туристичка атракција! Тоа не се песочни плажи со лежалки, ами вистинско мавање со снежни топки по жештина.
На југот од Сибир, а тоа е огромна територија, летото трае три месеци и често е мошне топло, така што таму можат да се одгледуваат житарки и многу други работи. Додека на северот од Сибир летото е мошне кратко (од еден месец до буквално два дена), а времето е мошне променливо. Дење може да биде и плус 30 (и сите одат на плажа), а навечер плус 10. Затоа тамошните жители го ловат секој момент за уживање во убавото време, но сепак со себе носат и топла облека.
„Стасувам на први јуни со авион од Москва во сако и со танки чевли, излегувам надвор, со царски поглед ги опфаќам родните краишта, со полни гради го вдишувам сибирскиот дух, а во лицето ми долетува снежна топка“, пишува жител на Москва за своето патување во Јамал. „Прстите на рацете веднаш ми смрзнаа, а и лицето исто така. Три часа подоцна снегот на улиците веќе се беше истопил, птиците запеаја, додека се возев во автомобил рацете ми потемнеа од сонцето. Си помислив дека малку треба да се раздвижам. Го симнувам сакото, излегувам од кола, уживам во животот, кога слушам 'жжжжж' и чувствувам: гризат! Не можам ни да кажам каде гризнуваат зашто боцкаат насекаде. За три секунди отидоа во неповрат 10 литри крв и пет кила месо отидоа!“
Сите знаат дека налето деновите се подолги, а ноќите покуси. Прашање е само колку покуси. Колку што местото е посеверно, толку и летните денови се подолги. На географските ширини над 60 степени започнуваат белите ноќи, односно сонцето неколку часа се крие зад хоризонтот и настанува самрак, кој трае до утрото. А, зад поларникот ве очекува вистински поларен ден кој трае 24 часа.
Еден од проблемите во Сибир е што има многу реки, а малку мостови. А, тоа е така зашто коритата на сибирските реки се многу сложени за изградба на цврсти мостови за друмски сообраќај. Поради тоа и до соседниот град кој се наоѓа на другиот брег од реката луѓето мораат да одат одоколу (што може да значи и оддалеченост од повеќе од стотина километри). На пример, се случува на едниот брег да се наоѓа аеродромот, а на другиот железничката станица, како во Салехард или во Јакутск. Поради тоа луѓето назима ги користат премините преку мраз, а налето бројните траекти.
Во сибирските градови опкружени со тајга или со тундра налето се појавуваат диви животни. Ирвасите ви ги изгазиле доматите? Поларните лисици го влечат вашиот лов од рибарењето? А, што можете да им кажете на крајот на краиштата?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче