Суздаљ: 1000 години згусната историја

Гратчето Суздаљ има најмногу зачувани споменици по глава на жител во Русија. Во 16 век имало по еден храм на осум домаќинства!

 

Гратчето има нешто повеќе од илјада жители. Во него нема ниту индустрија, ниту особено климатски или економски погодности, нема ниту море, ниту лековити извори, ниту пловни реки, ниту какви било важни регионални сообраќајници. Дури ни железничката пруга не поминува оттука. 

Сепак Суздаљ е попознат од многу други градови во Русија. По бројот на туристи што доаѓаат тука во текот на годината (сепак најмногу налето) ниту еден град не може да се мери со него. Покрај тоа Суздаљ има најмногу зачувани споменици по глава на жител: на споменатите десет илјади жители има пет манастири и едно кале. Тоа го нема ниту еден друг град. Но, и тоа не е ништо во споредба со она што Суздаљ го имал кон крајот на 16 век: едно кале со катедрален храм од камен и седум други храмови, 11 манастири со вкупно 27 храма и уште 14 дрвени храма во самиот одбранбен насип, и сето тоа на 400 градски домаќинства. Сè на сè, еден храм на осум домаќинства!


Прикажи поголема мапа

Ако времето на основање на овој град е непознато, тогаш кај нас вообичаено е за датум на основањето да се земе неговото прво споменување во летописите. Така излегува дека Суздаљ настанал во 1024 година, зашто под таа година е споменат во прочуениот летопис на Нестор. 

Сиот град е како голем музеј. Во Суздаљ од секое место се гледа барем еден од петте манастири и уште некој храм. Најстар архитектонски споменик е Суздаљското кале. Соборната црква во центарот на калето е изградена во 12 век. Таа е позната и по своите златни порти кои датираат од 1230-1233 година. Крилата им се поделени во квадрати, а во секој квадрат се прикажува сцена од некој настан. Сите прикази се направени во оригинал и со впечатлива техника на златопис на бруниран бакар. Портите се наоѓаат на западниот и на јужниот дел од црквата.

Малиот и изолиран Суздаљ е попознат од многу други големи градови во Русија. По бројот на туристи што доаѓаат тука во текот на годината (сепак најмногу налето) ниту еден град не може да се мери со него. Покрај тоа Суздаљ има најмногу зачувани споменици по глава на жител: на десет илјади жители има пет манастири и едно кале. 

За да се дојде до црквата, најпрво треба да се влезе во ѕидините на калето. Овие ѕидини, би се рекло, не се доволно високи за да го заштитат градот. Во секој случај не се доволно јаки како оние со кои е опкружен Спасо-Ефимовскиот манастир. Околу калето понекаде можат да се најдат остатоци од дрвени земјени насипи кои му одолеале на забот на времето. Денес на територијата на калето се наоѓа музеј во чиј состав влегуваат неколку зданија, меѓу кои и „Архиерејските одаи“, односно резиденцијата на духовното раководство. Одаите претставуваат сложен склоп на простории, кои биле доградувани во периодот од 15 до 18 век. Судејќи според обемните градби, тукашните архиереи располагале со голема сума пари.

Во 1653 година во калето се појавува камбанарија со шаторест покрив. Тоа е мошне масивна и тешка градба каде на приземјето е сместена мала куќна митрополитска капела. Црквичката е поврзана со митрополитските одаи со галерија, преку која црковните великодостоинственици можеле да доаѓаат „на работа“ без да излезат надвор.

Наспроти калето, на спротивниот брег на реката Каменка, се наоѓа музеј на дрвена архитектура со мошне интересна експозиција.

Северно од градот, на високиот лев брег на реката, во 1352 година по налог на суздаљско-нижегородскиот кнез Константин е основан Спасо-Ефимовскиот манастир. Бил замислен како каче и првобитно бил опкружен со дрвена ограда, што ја урнале Полјаците. За волја на вистината, треба да се напомене дека Полјаците сами ја обновиле оградата откако ја сместиле својата војска во манастирот. Денешните ѕидини од црвеникава тула се подигнати во 1664 година. Затворот што бил сместен тука во 1667 година е укинат дури во 1905 година и (за чудо!) не бил повторно воспоставен по Октомвриската револуција (за разлика од затворот во Соловецкиот манастир).

Сиот комплекс манастирски згради е одлично сочуван. Во внатрешниот дел на ѕидините се наоѓа Спасо-Преображенскиот храм (1564), храмот Успение на Пресвета Богородица со шатореста купола (1525), зградата на манастирската економија, конаци и камбанарија (16-17 век). Камбанаријата денес е целосно реставрирана, а ако имате среќа, можете да ги чуете и мајсторите на црковното ѕвонење кои тука често ги демонстрираат своите вештини.

Реката Каменка минува низ целиот град. На нејзиниот спротивен брег, кон Спасо-Ефимовскиот манастир, се наоѓа Покровскиот женски манастир, основан во 1364 година. Ансамблот на манастирот е составен од бели камени ѕидини со девет кули (од кои две кули имаат камен шаторест покрив), единствениот „надвратен“ храм на Благовестието (изграден 1518 година над една од манастирските порти), храмот Покров на Пресвета Богородица (1510-1514) со доградена камбанарија, храм посветен на Зачнувањето на света Ана (изграден 1551 покрај зградата на монашката трпезарија) и неколку манастирски згради. Денес во манастирот повторно можат да се видат монахињи, иако сега неговата основна намена е поврзана за ресторански и хотелски услуги. Ако никогаш не сте живееле во руска „изба“ или не сте платиле 100 долари за ноќевање, тука без проблем можете да го пробате и едното и другото.

Јужно од Спасо-Ефимовскиот се наоѓа Александровскиот манастир. Него, според некои извори, го основал самиот Александар Невски во 1240 година. Сепак единствениот сочуван храм од тој период (посветен на Вознесението Господово) датира од 1695 година. Оттука се отвора убав поглед на Покровскиот манастир. И тука, на територијата на Александровскиот манастир, има хотелска услуга, додуша не толку луксузна како и во Покровскиот манастир.

Ако тргнеме на југ, ќе наидеме на уште еден манастир, посветен на Положувањето на ризата на Пресвета Богородица. Основан е во 1207 година од страна на суздаљскиот епископ Јован и бил наменет за монахињите. Денешниот изглед манастирот почнал да го добива мошне подоцна, некаде во 16 век, кога дрвените градби се заменети со зданија од камен. Главен историски споменик на овој манастир е Светата порта (1688) на јужниот ѕид, која е свртена кон градот. Подобро да не се влегува во кругот на манастирот, зашто реставрацијата сè уште не е завршена, а историските споменици се во очајна состојба. Манастирот е „украсен“ со камбанарија од 72 метри, која датира од 1813-1819 година. Оваа градба сосема се изделува од архитектурата на древниот град, а ниту во архитектонска смисла нема особена вредност. Веројатно градските татковци ја подигнале само за да покажат дека Суздаљ не е ништо полош од престолнинскиот Петербург. Така во градот се појавил објект кој воопшто не му прилега по стилот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња