Мошне препознатливите згради во Москва се нарекуваат „Седум сестри“. Изградени се на предлог на Сталин во текот на четириесеттите и на педесеттите години од минатиот век. Слични зданија во стилот на Сталинскиот ампир се подигнати според советските проекти и во странство. Меѓу нив има станбени згради, хотели, деловни објекти, па дури и академија на науките.
Дворецот на културата и науката, Варшава
Ова здание е високо 187 метри (а, заедно со шпицот 270 метри). Изградено е според советски проект во центарот на Варшава како „подарок од советскиот народ“. Дворецот на културата и науката го граделе над 3.000 работници во периодот од 1952 до 1955 година. На почетокот архитектот Лев Руднев (кој претходно го имаше проектирано главното здание на Московскиот државен универзитет) планирал далеку поскромна градба со височина од само 120 метри. Советското раководство, меѓутоа, на крајот одлучило зградата да биде многу поголема. Медиумите во тоа време ја известуваа јавноста за текот на изградбата.
Зградата има 42 ката и меѓу нив, меѓу другото, има и плато за набљудување, изложбени сали, деловен простор, четири театри, четири музеја, Полската академија на науките, кина, па дури и базен. Ова е сè уште највисоката градба во Полска.
Хотел Интернационал, Прага
Денес зградата од 16 ката не може баш да се третира како облакодер, но во средината на педесеттите години таа беше исклучително изразена во Прага каде зградите главно немаа многу катови, а и денес е една од најголемите во градот. Било планирано во неа да се наоѓаат станови за воените лица и објекти од државно значење, но потоа беше донесена одлука ова да биде хотел. Холот е украсен со мозаици со народни чешки мотиви и со слики од Прага.
Покрај тоа, тука сè уште е зачувана скривницата за цивилна заштита која може да прими 600 луѓе. Сега таа е преуредена во магацин за облека за вработените во хотелот.
Дворецот на слободниот печат, Букурешт
Во овој облакодер во текот на педесеттите години од минатиот век се наоѓаше редакцијата на списанието „Скинтеја“, официјален весник на Романската комунистичка партија. Од 1960 до 1990 на плоштадот пред облакодерот стоеше огромна статуа на Ленин.
До 2007 година ова беше највисоката зграда во Романија. Висока е 92 метри, без да се смета антената долга дванаесет метри. Беше прикажана дури и на најголемата романска банкнота од 100 леи. Денес во оваа зграда сместени се редакциите на различни локални изданија, а наместо статуата на Ленин на плоштадот стои споменик на антикомунистичкото движење во облик на крило.
Зградата на Академијата на науките на Латвија, Рига
Оваа зграда за научниците ја проектираа латвиските архитекти по угледот на московските облакодери. Тука и денес се сместени институти на Академијата на науките и Центри за проучување на латвискиот јазик и култура, а на висина од 65 метри се наоѓа видиковец.
Ентериерот е доста изменет во 1991 година кога по распадот на СССР се отстранети сите „идеолошки“ барелјефи со ликовите на Ленин и на Сталин, а од шилецот е тргната петокраката.
Комплекс Ларго, Софија
Три зданија во стилот на Сталинскиот ампир во центарот на главниот град на Бугарија подигнати се кон средината на педесеттите години од минатиот век за државните органи. Во центарот е поранешниот Партиски дом каде се наоѓаше Бугарската комунистичка партија (денес тука заседава Народното собрание на Бугарија). Во едно од страничните крила на зградата е Советот на министри и стоковна куќа, а во друго е резиденцијата на претседателот, Министерството за образование и хотелот „Балкан“.
Пред комплексот претходно стоеше споменик на Владимир Ленин. Тој во 2000 година беше демонтиран и наместо него беше поставена Света Софија. Наместо ѕвездата на шилецот денес се виори државното знаме.
Зградата со шилец, Харков
Станбената зграда вo центарот на овој украински град е вистинска знаменитост. Центарот на Харков за време на војната беше многу оштетен така што во текот на педесеттите години од минатиот век на местото на урнатите згради беше подигната оваа зграда за работниците на локалната фабрика за турбини. Интересно е што едното крило на оваа зграда воочливо се разликува од сите останати делови. Имено, тоа е доградено во текот на шеесеттите години од минатиот век во времето на Никита Хрушчов кој беше противник на непотребните архитектонски украси.
ДОДАТОК
Изложбениот центар во Шангај
Во Шангај во 1955 година беше отворен Домот на советско-кинеското пријателство. Ова здание го изградија советските стручњаци, а за ентериерот и за украсите се зафатија кинеските архитекти.
Однадвор зданието потсетува на главниот павилјон на изложбениот комплекс ВДНХ во Москва, дотолку повеќе што проектот го изработи Виктор Андреев кој работеше и на создавањето на ВДНХ. Денес оваа зграда во Шангај се користи за одржување бизнис-изложби.