Погледнете како живеат луѓето на Арктикот, во населбите Баренцбург и Пирамида (ФОТОГРАФИИ)

Патувања
ВИКТОРИЈА РЈАБИКОВА
Во текот на поларниот ден локалните жители ги лепат прозорците со фолија, а на температура од +12 степени се мачкаат со заштитен крем од сонце и ги кријат мачките од локалните власти. Како тие воопшто преживуваат таму?

„Многумина велат: тука живеат тројца несреќници, се плашат од белите мечки и не смеат да излезат надвор. Сето тоа се глупости“; вели Тимофеј Рогожин, раководител на Центарот за арктички туризам „Грумант“

Ова тој го вели за животот во Баренцбург и во Пирамида, руски населби на норвешкиот архипелаг Шпицберген во Северниот леден океан. Уште во триесеттите години од минатиот век земјата во овие краишта ја откупила компанијата „Арктикугољ“ за оттаму да вади руда. Денес локалните жители покрај експлоатација на руда се занимаваат и со проучување на Арктикот и со развој на туризам. Луѓето доаѓаат тука за да ја видат поларната светлина и автентичната арктичка природа.

На архипелагот во текот на осумдесеттите години од минатиот век живееле 2.400 државјани на СССР. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век нивните населби биле напуштени. Многумина се вратиле на „копното“, а Пирамида беше сметана за „град-сениште“.

Денес Баренцбург има 400-500, а Пирамида најмногу 50 жители. Тоа се главно луѓе кои се занимаваат со обновување на овие населени места. Граѓаните на Русија во поголем број доаѓаат на Шпицберген како сезонски работници на договор. Стандарден договор не трае подолго од 3-4 години, но определен број работници се трудат да го продолжат договорот. Тие живеат во Баренцбург веќе 10-20 години, вели Рогожин.

Во Баренцбург и во Пирамида практично нема патишта зашто мештаните како превозно средство назима користат моторни санки, а налето чамци и помали јахти, а понекогаш и вакви мотоцикли.

„За разлика од Мурманск и од Нориљск, кај нас поларната ноќ трае 24 часа во текот на 12 дена, и единствен извор на светлина се фенерите и Месечината. Но, сепак, некако наоѓаме разонода, не пиеме, го посетуваме тукашниот музеј“, раскажува Рогожин.

Во текот на поларниот ден (кој исто така трае 120 дена) дневната светлина е присутна 24 часа, и затоа локалното население на прозорците лепи фолија и се покрива преку глава за да можат да заспијат.

„На +10 ние веќе одиме во маици (просечната температура налето изнесува 5-7 степени над нулата – заб. ред.), а на +12 се мачкаме со заштитен крем од сонце, зашто сонцето тука е многу јако, така што кожата лесно поцрвенува и на таа температура“, објаснува Рогожин.

Во Баренцбург и во Пирамида има детска градинка, училиште, здравствен дом и помала капела.

Во Пирамида има и мал кафе-бар, во кој наминуваат и мештаните и туристите.

И на местото на поранешната библиотека исто така е отворено кафуле.

„Тоа се наоѓа во тукашниот културно-спортски комплекс на Пирамида, каде претходно имаше вистинска библиотека, но сега нема многу население и затоа таа повеќе не е потребна. Ова кафуле во целата зграда беше првата просторија која се грее“, раскажува Алексеј Каргашин, работник во Центарот за арктички туризам.

Покрај тоа, во Пирамида е обновено киното во кое се проектираат филмови од филмски ленти.

Од советско време тука има останато околу 1.500 филмски ленти.

На архипелагот е забрането да се чуваат домашни животни поради грижата за природната средина, но Русите сеедно чуваат мачки. Една од најпознатите е мачорот Кеша.

„Кеша всушност не е единствениот. Во населбата има повеќе мачки, но сопствениците гледаат да не ги пуштаат надвор, за случајно да не ги фати норвешката администрација, зашто стравуваат дека тие едноставно можат да ги отепаат тие мачки“, раскажува Лидија, која исто така живее тука.

Новите градби во руските населби често се во контраст со зградите од минатиот век.

Вака, на пример, изгледа поранешната зграда на метеорологот.

„Населбата е градена од 1946 до почетокот на деведесеттите години од минатиот век, за во 1998 година да биде конзервирана, а сега постепено се обновува. Постојат планови за целата следна деценија“, раскажува Каргашин.

Многу згради се на списокот за реставрација. Некои повеќе не можат да бидат обновени, но тие нема да бидат урнати. Ќе останат на архипелагот како историски споменик.

Шпицберген, а со самото тоа и руските населби, се единственото место на земјата каде не е забележан ниту еден случај на КОВИД-19, тврди Каргашин.

Сепак, сите ресторани и кафе-барови од пролетта ги почитуваат истите правила за безбедност како и секаде. Секаде на секои два часа се врши санитарна дезинфекција на сите простории, гостите и персоналот носат маски, а на секоја маса има средство за дезинфекција. Денес на архипелагот можат да влезат Норвежани и луѓето што го испочитувале 10-дневниот карантин на територијата на Норвешка.