Сé што треба да знаете за ковид-пасошите во Русија

Алексеj Маjшев/Sputnik
Еден руски регион планира да издава ковид-пасоши. За што се потребни и кој може да ги добие?

Почнувајќи од 5 февруари, жителите на Република Башкортостан, еден од руските региони, ќе можат да го добијат таканаречениот ковид-пасош, документ што потврдува дека лицето има антитела на коронавирус. Тие ќе им се издаваат на лица кои веќе ја прележале инфекцијата со коронавирус и на лица кои се вакцинирани. Властите на републиката ветија дека сопствениците на такви пасоши ќе имаат одредени повластици, вклучително и попусти на некои места. Меѓутоа, анкетите покажуваат дека Русите се скептични кога станува збор за ковид-потврдите.

Како изгледа ковид-пасошот?

Се работи за QR-код којшто едно лице може да го добие преку интернет-порталот за државни административни услуги (Госуслуги) и да го зачува на својот паметен телефон. Жителите на Башкортостан кои се веќе вакцинирани ќе го добијат автоматски 21 ден по примањето на втората доза на вакцината која ќе создаде антитела на коронавирус. Како што се наведува, околу 3000 жители на Башкортостан веќе ги примиле двете дози на вакцината „Спутник V“, додека уште 7500 се вакцинирани со првата компонента и чекаат на втората доза.

Ако некое лице се опоравило од коронавирусната инфекција и сака да добие пасош, потребно е да направи тест за антитела во една од овластените клиники во републиката (чини околу 1000 рубли или околу 13 долари). Потоа резултатите автоматски ќе се појават на личниот профил на лицето на порталот за државни административни услуги.

За оние кои се вакцинирани пасошот ќе важи една година, а за оние кои го прележале вирусот три месеци, но само ако тестот покаже дека нивото на IgG антитела надминува 10 единици.

Кои повластици ќе ги добијат жителите на Башкортостан?

Во Башкортостан е сè уште во сила режимот на самоизолација за жителите постари од 65 години, но оние со ковид-пасош ќе можат да излезат и слободно да шетаат. Другите сопственици на документот ќе можат да посетуваат кафулиња, театри и кина и покрај 30% од заземените места што ги пропишува законот. Регионалните власти исто така ветија и други бонуси, на пример, попусти за базени, теретани, музеи, театри и локални одморалишта. Училишните наставници со пасоши ќе добијат три дополнителни слободни дена.

Истовремено, дури и со ковид-пасош, жителите ќе мораат да носат маски на јавни места.

Што е со другите руски региони?

Засега нема планови за воведување на ваков документ ширум Русија, според зборовите на претседателот на Федералното собрание Валентина Матвиенко. „Вакцинацијата нема да се користи за создавање нееднаквост меѓу граѓаните“, рече таа на 20 јануари, истакнувајќи дека вакцинацијата во Русија е доброволно нешто. Меѓутоа, таа рече дека властите ќе водат евиденција за оние што се вакцинирани во вид на електронски регистар.

Претходно портпаролот на Путин Дмитриј Песков призна дека се разговарало за воведување ковид-пасош заради регулирање на меѓународните патувања, но дека „засега не постои официјален став за тоа“.

Имаше слични иницијативи и во други региони, на пример, локалните власти на Сахалин предложија воведување електронски значки за вакцинирани лица. Околу 2000 луѓе веќе ја примија вакцината таму.

Русите кои ги примиле двете дози на вакцината „Спутник V“ веќе можат да добијат електронска потврда од веб-сајтот за државни услуги. Сепак, тоа во моментов не им носи никакви предности.

Што мислат Русите за ковид-пасошите?

Многу луѓе во земјата се скептични кога станува збор за оваа идеја, бидејќи веруваат дека немањето ваков документ би можело сериозно да им ги искомплицира животото. Според истражувањето на веб-сајтот Superjob на средината на јануари, 59% од Русите се против воведување на ваков документ, 12% ја поддржуваат идејата, а скоро третина немаат никаков став за тоа. Главниот аргумент против пасошот е дека податокот за антитела е медицинска тајна. Идејата за пасоши ја поддржуваат главно оние кои мораат често да се тестираат за ковид-инфекција, на пример, заради работа или патувања.

Според официјалните податоци, од 13 јануари досега во Русија се употребени над милион дози на вакцината. Нема податоци за тоа колку луѓе ги примиле двете дози потребни за дејство на „Спутник V“, а колку само една. Русија веќе произведе 6,5 милиони дози од вакцината „Спутник V“ и би требало да произведе уште 33 милиони дози до крајот на март 2021 година. Во февруари би требало да почне и масовно производство на втората вакцина „Епиваккорона“. Од 18 јануари во земјата се врши масовна вакцинација, што значи дека вакцината сега е достапна за секого.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња