Во Русија почнува масовна вакцинација против коронавирус

Evgeny Sinitsyn / Xinhua/Global Look Press
Жителите на Русија можат бесплатно да примат една од двете регистрирани вакцини - „Спутник V” или „Епиваккорона”.

Масовната вакцинација на сите заинтересирани жители од сите категории во регионите на Русија почнува на 18 јануари. Руските граѓани ќе можат бесплатно да примат една од двете регистрирани вакцини - „Спутник V” или „Епиваккорона”.

На 13 јануари претседателот на Русија Владимир Путин наложи да се прејде од селективна вакцинација, при која вакцина можеа да примат лекарите, учителите, луѓето со хронични заболувања и некои други категории граѓани, на масовна вакцинација на сите заинтересирани граѓани. Потпретседателот на владата на РФ Татјана Голикова, која се наоѓа на чело на оперативниот штаб за борба против инфекцијата, претходно исто така изјави дека сé е подготвено да прејде на масовна вакцинација од 18 јануари.

Според неа, околу 2,1 милиони дози вакцина против инфекцијата од коронавирус ќе им бидат достапни на граѓаните на Русија до крајот на јануари. Потпретседателката на владата исто така истакна дека Русија располага со ресурси за спроведување бесплатна вакцинација против коронавирус, независно од новото на имунитет во популацијата. Најважно е граѓаните на Русија да изразат желба да дојдат на вакцинација, како и да ги „почитуваат мерките за сопствена безбедност кои се исклучително важни, особено во денешни услови“, додаде Голикова.

Директорката на Федералната агенција за заштита на правата на потрошувачите и доброто на граѓаните Ана Попова, од своја страна, истакна дека вакцинацијата против коронавирус во Русија треба да биде организирана така што колективниот имунитет да биде воспоставен до почетокот на есенската епидемиска сезона. Притоа, според неа, во текот на првата година од вакцинирањето може да биде опфатено 60% од населението.

Во Русија до денес се регистрирани две вакцини против коронавирус: „Спутник V” од институтот „Гамалеја” и „Епиваккорона” од научниот центар „Вектор”. Уште една вакцина изработи Федералниот научен центар за истражувања и изработка на имунобиолошки препарати „Чумаков” во состав на Руската академија на науки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња