1. Териберка, Мурманска област (2.000 километри од Москва)
Legion Media
Единственото село на рускиот Север до кое може да се дојде со автомобил е сместено на брегот на Баренцовото море. Името го добило според реката на Колскиот полуостров. Селото било познато уште во 16 век како рибарска база, а во советскиот период станало едно од најважните рибарски места над Поларниот круг.
Legion Media
Рибарските претпријатија во текот на деведесеттите години од минатиот век беа затворени поради кризата. Локалните жители почнаа да заминуваат во поголемите градови. Денес тука живеат околу 700 луѓе. Рускиот режисер Андреј Звјагинцев во 2014 година го сними филмот „Левијатан“, а некои сцени се снимени токму тука. По премиерата на филмот забележливо е зголемен приливот на туристи во Териберка.
Викторија Рјабикова
Едни доаѓаат тука поради поларната светлина, арктичките специјалитети, риболовот и посетата на тукашните водопади, а други за кајтинг (во Териберка секогаш дува ветар), нуркање и уживање во уникатните северни пејзажи.
2. Планинскиот парк Рускеала, Карелија (1.000 километри од Москва)
Legion Media
Од 17 до 19 век на ова место се наоѓал мајдан долг половина километар. Во него се вадел бел мермер кој подоцна бил користен за изградбата на Казањскиот и на Исакиевскиот храм во Санкт Петербург. Во 20 век мајданот бил потопен. Во текот на првата деценија од 21 век наоколу се направени патеки за шетање и видиковци, а во ископаните пештери почнаа се спуштаат нуркачи.
Legion Media
Туристите доаѓаат тука за да уживаат во скаменетите фигури од бел мермер, во синотиркизната вода и зеленилото што ги обиколува планинските врвови.
Legion Media
Оние што не се плашат од височините летаат над паркот по зиплајн (односно по должина на жичана сајла). Туристите велат дека тие дваесетина секунди им оставаат впечаток неколку дена.
3. Хибинските планини, Мурманска област (1.800 километри од Москва)
Legion Media
Ајкуајвенчор и Кукисвумчор се двата најпопуларни ски-центри на рускиот Север. Се наоѓаат во подножјето на Хибинските планини, кои, според процените, се стари над 390 милиони години. Туристите доаѓаат тука во текот на целата година, многумина за скијање и за сноубординг.
Legion Media
Од птичја перспектива планините имаат облик на овален прстен во кој се наоѓаат долини, реки, езера, водопади и извори опкружени со тундра.
Legion Media
Снегот ги покрива планинските врвови веќе во август и септември и останува речиси целата година. Поради тоа туристите во текот на летото заминуваат во походи на тукашните планински превои и езера, а назима Хибините ги посетуваат скијачи и сноубордисти. За нив тука се подготвени неколку падини и ски-центри. Исто така доаѓаат и љубители на возење со моторни санки и ловци на поларната светлина.
4. Кимжа, Архангељска област (1.500 километри од Москва)
ITitov83 (CC BY-SA 4.0)/Legion Media
Ова е најубавото село на рускиот Север (таа титула ја доби во 2017 година). Оддалеку изгледа неупадливо, има само три реда куќи во кои живеат најмногу стотина луѓе, и две помали ветерници. Ова е жив музеј на паганизмот под отворено небо со вистински северни изби, амбари и црквата на Пресвета Богородица Одигитрија подигната во 1709 година.
Матицин / TASS
Во селото сè до 18 век живееле пагани и старобредници. Се раскажува дека тие умееле да урочат човек. До 1951 година селото немало дури ни свои гробишта. Луѓето своите блиски ги погребувале покрај куќите зашто се сметало дека духовите на предците го штитат домот од сите неволи.
Матицин / TASS
Во текот на летниот и на пролетниот распуст во селото доаѓаат децата и внуците на тукашните жители и тогаш Кимжа уште повеќе личи на село од руските сказни.
5. Соловецки острви, Архангељска област (1.400 километри од Москва)
Legion Media
Словецките острови се најголемиот архипелаг во Белото море кој опфаќа шест поголеми и над стотина помали острови. Секоја година со брод или со хеликоптер тука доаѓаат 20.000 туристи.
Legion Media
Тука гостите ги очекува огромниот локален музеј во кој централното место му припаѓа на Соловецкиот машки манастир, подигнат во првата половина на 16 век. Во советско време на територијата на манастирот се наоѓал совхоз (државно земјоделско добро) и казнено-поправен логор кој подоцна бил претворен во затвор.
На архипелагот може да се види Соловецката тврдина чии ѕидини се направени од гранит, а исто така и голем број храмови и еден храм-светилник на Сејирната гора.
Legion Media
Соловецките острови често се покриени со магла, што создава посебна атмосфера. Налето туристите со чамци пловат по тукашните езера, на Белужиот ‘рт во текот на јули и август се набљудуваат китови, а на Великиот Зајацки остров се проучуваат мистериозни лавиринти (не се знае кој и зошто ги изградил). На брегот на островите понекогаш испливуваат брадести фоки.