Храм „Спас на крвта“
Legion Media
Подигнат точно на местото на кое 1881 година е смртно ранет рускиот цар Александар ӀӀ, Храмот „Спас на крвта“ е граден 24 години, во голем дел поради исклучително сложениот декор во внатрешноста на зданието. Неговите ѕидови ги покриваат седум илјади квадратни метри мозаик со прикази на православни светци и небесните покровители на фамилијата Романови, дело на неколкумина познати руски уметници. Првично храмот не бил наменет за масовни посети и веројатно токму поради тоа неговата внатрешност е толку раскошна. Во него до ден-денес се чува дел од калдрмата на која паднал погодениот владетел. На тоа место е подигнат посебен параклесион.
Legion Media
Legion Media
По Октомвриската револуција црквата стана достапна на пошироката јавност. Денес тоа е една од најголемите знаменитости на овој град.
Кеј на каналот „Грибоедов“ бр. 2
Дворецот на Јусупов на Мојка
IzoeKriv (CC BY-SA 4.0)
Дворецот припаѓал на еден од најстарите и највлијателни аристократски родови на Русија, кнезовите Јусупови. Според внатрешното уредување би можел да се спореди можеби само со царските резиденции. Поради тоа се прослави како „енциклопедија“ на петербуршкиот аристократски ентериер, а подоцна и како „музеј на раскошот“. Дворецот има речиси триесет блескаво уредени сали со огромни таписерии, масивни кристални лустери, стари книги, гипсени орнаменти од врвна изработка од италијански и руски мајстори, со насликана ротонда, па дури и со сопствен театар со барокна сцена.
Ninara (CC BY 2.0)
Ninara (CC BY 2.0)
Ninara (CC BY 2.0)
Ninara (CC BY 2.0)
Ninara (CC BY 2.0)
Иако тоа бил само еден од 57 дворци ширум Русија кои припаѓале на ова семејство, неокласичното здание на брегот на реката Мојка денес е најпознатото меѓу нив. Токму во овој дворец 1916 година младиот Феликс Јусупов со заговорниците го убива блискиот пријател на последниот руски цар Григориј Распутин.
Улица „Декабристи“ бр. 21А
Музеј на применета уметност на Државната уметничко-индустриска академија „Александар Штиглиц”
TorySevas (CC BY-SA 4.0)
Зданието е подигнато во 70-тите години на 19 век од средства на најголемиот мецена на епохата Александар Штиглиц. Тој во него основа уметничка академија. Многу години подоцна тука е собрана неверојатна колекција на уметнички предмети, набавени на европските аукции и добиени од руски аристократи, дипломати и индустријалци. Меѓутоа, ништо помалку внимание заслужуваат и вантрешната архитектура и декорот на самата градба.
TorySevas (CC BY-SA 4.0)
TorySevas (CC BY-SA 4.0)
Проектиран е од познатиот архитект Максимилијан Месмахер (кој исто така изградил дворци на многу големи кнезови во Санкт Петербург). Тој пред тоа пропатувал низ европските престолнини, запознавајќи се со нивното искуство во изградбата на музејски простори. Така Музејот „Штиглиц“ станува целосно нов тип на музејско здание за Русија: со посебно смислен систем на осветлување и јасен симетричен распоред.
Legion Media
Legion Media
Срцето и композицискиот центар на зданието го сочинува Големиот изложбен атриум, кој потсетува на двор на италијанска палата, со грандиозна стаклена купола.
„Сољан сокак“ бр. 13
Големиот Екатеринински дворец
Legion Media
Оваа летна царска резиденција кај Санкт Петербург е неоспорно едно од најубавите места поврзани со династијата Романови. Величествен однадвор, ништо помалку привлечен однатре. Свечените ентериери блескаат во позлата, ѕидовите се преслечени со кинеска и лионска свила, а во секоја сала со свечена низа се издига по една висока печка обложена со украсни плочки, направена специјално за дворецот.
Legion Media
Legion Media
Legion Media
Вистина, денес целата оваа раскош е резултат на реставрацијата при обновата на споменикот. Имено, за време на Втората светска војна дворецот е тешко оштетен, како и неговата позната Килибарна соба, сала од подот до таванот покриена со килибар. Содржината на оваа соба таинствено исчезнува за време на војната и никој до ден-денес не знае каде се крие. Во текот на последниве десетина години руските мајстори и научници ја вратија собата во претходната состојба, изработувајќи нејзина точна реплика.
„Садоваја“ бр. 7 (град Пушкин)
Мариински театар
Legion Media
Мариинскиот театар е сцената на петербуршкиот балет и театар. Во царските времиња тоа било главното место за средба на аристократијата и царското семејство. Ова велелепно здание е повеќе пати реконструирано менувајќи го својот изглед, но до ден-денес големата сцена на „Мариинка“ (како што популарно се нарекува театарот) претставува олицетворение на императорскиот шик.
Alejandro/Flickr.com (CC BY 2.0)
Alejandro/Flickr.com (CC BY 2.0)
Италијанско-рускиот архитект Алберт Кавос не го става акцентот на фасадата или главните скалила, туку токму на салата која со право се смета за една од најубавите на светот. Нејзините ѕидови со кадифени влошки и седиштата во боја на морските бранови одудараат од традиционалниот изглед на царските театри (обично ги краси црвена боја со позлата). Особено внимание привлекува плафонот со дванаесет нимфи опкружени со амури и медалјони со портрети на големите драмски писатели. Но, најпрепознатлив детаљ на театарот е лустерот од 60-тите години на 19 век со дури 23 илјади кристални висечки украси.
„Театрален“ плоштад бр. 1
Шуваловски дворец
Zamir Usmanov / Global Look Press
Уште едно од најубавите зданија на Санкт Петербург настанато кон крајот на владеењето на Екатерина ӀӀ на брегот на реката Фонтанка. Брзо се стекнува со репутација на популарно монденско место. Денес тоа е историскиот центар на градот, но порано Шуваловскиот дворец се наоѓал на периферијата. Во тоа време реката Фонтанка била границата до која се протегал Петербург.
Legion Media
Ninaras (CC BY 4.0)
Просторот внатре во стилот на неоренесансата е поделен на сали, при што секоја има свој сопствен декор. За една од најубавите се смета Танцовата сала која ја красат мермерни столбови, а горниот дел на ѕидовите е декориран со скулптурна композиција со сцени од Тројанската војна. Денес Шуваловскиот дворец е своевиден „ковечег“ со скапоцености: во неговиот велелепен ентериер е сместен приватниот Музеј на Фаберже.
Кеј на реката Фонтанка бр. 21
Руска национална библиотека во Санкт Петербург
Ова е една од најголемите библиотеки на светот и првата национална библиотека на Русија. Првично имала задача да ги собере сите (!) книги печатени на руски јазик (како во Русија, така и во странство), како и книгите за Русија на странски јазици. Но, не е импресивна само според својата колекција на книги.
Старата зграда на библиотеката, проектирана од Италијанецот Карло Роси и која гледа на Екатерининската градина (во прво време царицата дури лично ја надгледувала изградбата на библиотеката), ја сочинуваат неколку сали со посебно уредување. Веројатно најимпресивна меѓу нив е Кабинетот на Фауст или, како што уште се нарекува, Готичката сала. Уреден во средновековен стил со разнобојно насликани крстовидни сводови, Кабинетот потсетува на европска манастирска ќелија од XV век.
„Садоваја“ бр. 18
Ермитаж
Legion Media
Главното здание на Ермитаж, познатиот Зимски дворец, беше главната резиденција на руските цареви во текот на неколку векови. Затоа неговите 1084 соба се особено свечено и раскошно уредени: почнувајќи до гранитните Јордански скалила, па сé до приватните простории на Романови.
Legion Media
Legion Media
Со текот на времето салите накитени со скапоцени камења повеќе пати го менувале изгледот. Последен пат тоа се случи по Втората светска војна. Имено, дворецот беше лесна цел и беше погоден со 17 артилериски проектили и две авиобомби. Освен тоа, експлозиите во околината на зданието предизвикаа оштетувања на историските сали. Меѓутоа, и ден-денес дворецот ги зачувува оригиналниот декор и ентериерот. За да се спаси целото тоа богатство, вработените во музејот и доброволците во свое време морале да покажат посебна посветеност и да поминат повеќе ноќи во подрумите на Ермитаж.
Дворски плоштад бр.2
Големиот Петерхофски дворец
Legion Media
Овој раскошен дворец е проектиран од омилениот архитект на царицата Елисавета Петровна и автор на Зимскиот дворец, Италијанецот Бартоломео Растрели. Но, во текот на неколку векови летната резиденција е повеќе пати реконструирана (согласно актуелната мода во архитектурата) и затоа ентериерите покажуваат јасни траги на различни стилови и вкусови. Тука се и барокна галерија со позлатени орнаменти и големи огледала (заради визуелно проширување на просторот) и работниот кабинет на Петар Велики изработен од храстово дрво, а се препознаваат и црти на рококо-стилот и воздржаниот класицизам.
Legion Media
Legion Media
Ninara (CC BY 2.0)
Меѓутоа, сé што денеска може да се види овде е резултат на напорната работа на реставраторите во текот на неколку децении. Имено, за време на војната дворецот е запален и уништен. Фактички е подигнат од урнатините.
„Разводнаја“ бр. 2
Исакиевски собор
Legion Media
Во моментот на изградбата Исакиевскиот собор бил најскапиот храм во Европа (само на куполите е потрошено 100 килограми злато) и требало да биде „главната православна светиња на империјата“. Меѓутоа, овој статус постојано го освојувале нови кандидати. А соборниот храм висок 101 метар во центарот на градот остана како споменик на епохата и еден од најмонументалните храмови во земјата. Освен тоа, долго време е граден, дури 40 години, при што градителите му пристапиле на внатрешното уредување со еднаков пиетет како и кон изработката на преубавата фасада.
Legion Media
Legion Media
Legion Media
Legion Media
Плафонот со површина од 816 квадратни метри е насликан од најдобриот портретист на своето време Карл Брјулов. Однатре храмот е украсен со скапоцен мермер, лазурит, малахит и сложени мозаици. Импресивно изгледаат масивните лустери тешки по три тони, како и куполата на црквата во чиј центар се наоѓа скулптура на гулаб во лет, симбол на Светиот Дух.