Како изгледа најскапиот воз во Русија (ФОТО)

Андреј Љубимов/Moskva Agency
Карта за купе за туристичкиот ретровоз „Златен орел“ чини еден милион рубли. И тоа е најевтината.

Од Москва до Владивосток најбргу се стасува со авион. Но, со воз е сепак најромантично, особено со оној најлуксузниот во Русија.

Овој воз нема да успеете да го пронајдете на ниту еден возен ред. „Златен орел“ е заеднички проект на Руската железница и на британската компанија „Голден игл лакшри трејнс“, а билет може да резервираат само туристички групи, и тоа претежно странски, оние кои сакаат да пропатуваат низ цела земја, од Москва до Владивосток и назад. Патувањето помеѓу градовите трае 14 дена.

Возот запира во Казањ, Екатеринбург, Новосибирск, Иркутск, на Бајкал, во Улан Уде и во Хабаровск. Патниците од крајното одредиште дома стасуваат со авион.

На своето прво патување „Златен орел“ тргна во 2007 година под Транссибирската железница, додека денес „покрива“ 12 линии годишно, и тоа најчесто налето. Возот, меѓутоа, патува и во други насоки, кон Пекинг, кон Техеран или на Кавказ.

Старинската локомотива влече 19 вагони во кои удобно можат да се сместат 120 патници и 56 вработени, вклучувајќи водичи и уметници кои ги забавуваат туристите во текот на патот.

Вагоните однадвор изгледаат како и сите останати, а кога ќе влезат внатре патниците имаат впечаток дека се во царски дворец. Постојат две класи вагони – златна и сребрена.

Во сребрената има шест купеа за двајца, а во златниот пет со поголема површина. Во секое купе има санитарен јазол, голем кревет, телевизор и гардеробер. Постојат и неколку пространи купеа „империјал суит“ кои имаат дури и вистинска када.

Покрај тоа во возот има и два вагони-ресторани, еден бар, салон за убавина, па дури и сала за вежбање.

На патниците им се нудат традиционални руски јадења: боршч, пељмени, кавијар, руски палачинки и, секако, вотка.

Почетната цена во купе за две лица во сребрен вагон изнесува 14.995 долари, што е нешто повеќе од еден милион рубли, во златното 19.595 американски долари (1.300.000 рубли), а во императорскиот 31.395 американски долари (над 2.000.000 рубли). Во цената се пресметани излетите и забавата.

Прочитајте повеќе: Осум мошне корисни совети за оние кои низ Русија патуваат со воз

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња