Осум мошне корисни совети за оние кои низ Русија патуваат со воз

Валериј Шарифулин/TASS
Кога е најповолно да купите билет и што можете да добиете во вагонот бесплатно?

1. Како да изберете посовремен вагон?

Во Русија на определени линии сè уште возат старите возови кои немаат клима-уред, ниту биолошки тоалети, а може да се случи билетот за таков воз да не биде воопшто поевтин од современата варијанта. Ако сакате повеќе комфор на патот, тогаш кога го купувате билетот погледнете дали вагонот има ознака „ЗЭ“ (со кирилични руски букви). Доколку има тоа значи дека станува збор за кушет вагон со клима-уред и биолошки тоалет. Ознаките „3Т“ и „3Д“ значат дека вагонот има клима-уред, но можеби нема биолошки тоалет, додека со ознаките „3У“ и „3Д“ не ги гарантираат ниту едното ниту другото. Доколку купувате билет за кушет вагон без клима-уред тогаш најдобро да не ги земате местата 9-12, 21-24, 43-44 и 49-50 зашто тие седишта се покрај прозорци кои служат како излез во случај на опасност и не можат да се отворат.

Кога станува збор за вагоните со купеа, се смета дека најдобри се оние со ознаката „2Э“. Тука во цената на билетот се пресметани храна, весници и комплет влечки и паста за заби (во двокатните вагони овој пакет не е предвиден). Ако на вагонот со купеа стои ознаката „2К“ значи дека во него има клима-уред и биолошки тоалет, додека во вагоните со ознаките „2У“, „2Т“ и „2Д“ овие опции не се гарантирани. Ако билетот го купувате на сајтот на компанијата РЖД, тогаш за време на изборот на вагоните ќе ги видите пиктограмите на кои е прикажано сè што има во вагонот.

Имајте предвид дека возот може да има различни типови вагони, па ако има слободно место можете да го замолите домаќинот на вагонот да ве премести. Додека возот стои на станицата, можете бесплатно да ги користите тоалетите во зградата на станицата, потребно е само да го покажете билетот.

2. Кое време е најпогодно за купување билет?

Билетот е најлесно да се купи на сајтот на компанијата РЖД. Најважното правило гласи: колку порано ќе го купите билетот, толку помалку ќе платите. За сите возови кои сообраќаат внатре во Русија (и за возовите кои сообраќаат со Финска) можат да се купат билети 90 дена однапред и тогаш цената е најповолна. За возовите кои патуваат во странство билет може да се купи 60 дена однапред (исклучок се Молдавија и Украина – на овие линии продажбата на билети започнува 45 дена пред поаѓањето на возот). Доколку билетот се купува порано попустот може да изнесува и до 50% назима и 30% налето.

Во текот на годината најниски се цените од јануари до април и од октомври до декември. Освен тоа, РЖД обично дава попуст на возовите кои сообраќаат за време на државните празници на 31 декември и на 1 јануари, на 8 и на 9 мај. Често РЖД организира и интересни распродажби. Понекогаш тоа е попуст од 50% за купе, а понекогаш и билети за 100 рубли (погледнете ја секцијата „Акции“ на руски). Доколку често патувате со воз низ Русија, има смисла да се пријавите и да ги добивате од РЖД сите новости преку електронска пошта. На овој начин први ќе ги дознаете специјалните тарифи. Згора на тоа можете да извадите и билет „РЖД бонус“ и да добивате поени за патувањата.

3. Понекогаш повеќе се исплатува да се купи билет на касата на железничката станица

Постојат попусти кои се даваат само на касите на железничките станици. За среќа, можете да купите билет на секоја станица, а не само на онаа од која тргнува возот. Значи, една недела пред вашиот роденден и една недела по него можете да купите билет со попуст од 50% за возот Сапсан за себе и за уште тројца патници, или со попуст од 35% за меѓународните возови. Ако купувате повратен билет за патување во внатрешноста на Русија во вагон од класата „лукс“, тогаш добивате попуст од 30%.

4. Поевтино е да се патува со пријатели

За определени возови постојат групни попусти. На пример, на меѓународните линии за група од шестмина попустот ќе изнесува 20-30%, а за група од четворица можете да купите билет за „Аероекспрес“ (брз воз кој ги поврзува Москва со нејзините аеродроми) за само 950 рубли (инаку билетот за едно лице стандардно чини 500 рубли).

5. Како да го вратите билетот и да си ги добиете парите назад?

Електронските билети можете да ги вратите на сајтот најдоцна еден час пред поаѓањето на возот. Сите пари ќе ги добиете назад доколку билетот го вратите 8 часа (а, за меѓународните линии 24 часа) пред поаѓањето. Доколку до поаѓањето останало помалку време парите за резервацијата не се враќаат (обично резервацијата чини од една третина до една половина од цената на билетот).

А, што ако возот ви заминал „пред носот“? Морате веднаш да одите на касата на таа станица и таму можете да изберете дали во рок од 12 часа ќе отпатувате со друг воз или ќе го вратите билетот и ќе си ги добиете парите назад без сумата што се плаќа како провизија на име трошоци на железницата. Доколку сте задоцниле на возот поради болест или поради сообраќајна незгода, можете да добиете пари назад (најмногу половина од вредноста на билетот) дури и по пет дена, а на меѓународните линии по десет дена. Само не заборавајте ја потврдата од болница или од полиција.

6. Бесплатни услуги во возовите

Во руските возови кои сообраќаат на долги линии можете да го замолите вашиот домаќин на вагонот на вашето друштво да му донесе некоја друштвена игра. Обично имаат шах, домино или табла. Исто така бесплатно можете да добиете лажичка и чаша, прибор за шиење или лекови. Новите модерни возови имаат микробранови печки и фрижидери кои можете да ги користите, а во вагоните со купе ќе ви бидат понудени влечки, четкичка за заби и паста за заби. Кога станува збор за водата за пиење, во старите вагони секогаш има вода што врие во цилиндрични грејачи за вода на дрва или на јаглен, а во новите постојат апарати за вода.

7. Внимавајте на штекерот

Штекери постојат во сите вагони и купеа, но напонот во возот е често нестабилен, па постои можност да ја расипете батеријата на вашиот телефон или на лаптопот. Најдобро е да користите преносливи полначи или барем да не го оставате уредот долго време вклучен во штекер.

8. Имате право привремено да го прекинете патувањето

На која било станица можете да излезете од возот и да направите пауза од 10 дена, а потоа со истата линија да го продолжите патот. Потребно е само во рок од три часа по излегувањето од возот да го обележите билетот на касата на таа станица. Кога ќе сакате да го продолжите патот на касата ќе добиете нов билет и само ќе доплатите за резервација. Ќе го продолжите патот со истиот воз во истиот вагон. Најважно е да има слободни места.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња