1. Хотел „Советски“
Хотелот е отворен кон крајот на четириесеттите години од минатиот век по наредба на Јосиф Висарионович Сталин, и бил местото каде што постојано престојувал неговиот син Василиј, а подоцна Никита Хрушчов тука ги примал странските делегации.
Александар Зеликов / TASS
Сега еден ден престој во овие историски апартмани на семејството Сталин чини 21.500 рубли (околу 300 евра).
2. Менза бр. 57 во ГУМ
Јавните мензи сè уште се популарни во Русија, но малкумина се трудат во нив да ја доловат атмосферата на Советскиот Сојуз. Мензата број 57 во трговскиот центар ГУМ на Црвениот плоштад е едно од таквите места. Тука има и апарати со газирани пијалаци, советски плакати, алуминиумски виљушки, „витаминска“ салата, „московски боршч“ и сето останато што го имала една обична советска менза.
3. Мавзолејот
Олег Ласточкин / Sputnik
Свето место за сите оние кои тагуваат по Советскиот Сојуз. За водачот на револуцијата и понатаму нема место во црната земја, и секој што сака може да го види тука, со главата и со брадата. Но, не и да го слика.
4. Измајловскиот бувји пазар
Михаил Фомичов / Sputnik
Се наоѓа на територијата на Измајловската тврдина која всушност и не е никаква историска градба. Но, ако сакате да набавите предмет што го има секоја куќа во СССР, од керамички садови и стари грамофони до одвратните и легендарни цигари „Беломорканал“, сето тоа може да го најдете токму тука.
5. Музеј на советските аркадни игри
Михаил Фомичов / Sputnik
На ова место ќе најдете околу 40 вистински автомати за аркадни игри од Советскиот Сојуз кои не се за гледање, ами и за игра.
6. Кружната линија на московското метро
Legion Media
Метрото во Москва е вистински подземен музеј. Многу станици имаат над 50 години, а најубави се, сепак, оние на Кружната линија (Кольцевая). За нивниот дизајн биле ангажирани главните советски сликари и скулптори и сè е направено во стилот на таканаречениот сталински ампир.
7. Вареничнаја бр.1
Синџирот ресторани го има добиено името по малите варени пирошки полнети со разни слатки и пикантни филови – вареники – и тој не постоел во Советскиот Сојуз, но сопствениците помислиле дека ќе им се исплати рестораните да изгледаат како вистински советски станови. И не згрешиле!
8. Мосфилм
Сергеј Бобиљев / TASS
Најголемото европско филмско студио има речиси 100 години. Тука се снимени над 2.500 филмови, вклучувајќи ги и ремек-делата на Сергеј Ејзенштејн и на Андреј Тарковски. Архивата на Мосфилм чува илјадници сценографии и експонати кои може да ги видете на организираните екскурзии.
9. ВДНХ
Дмитриј Серебрјаков / TASS
Но, симболот на Мосфилм, споменикот „Работникот и колхозницата“ изложен е во паркот ВДНХ. Тоа не беше само еден од најголемите изложбени комплекси на светот. Тоа беше и своевиден храм на човековиот труд кон кој целел сиот Советски Сојуз, центар на националните натпревари во работа и производство. ВДНХ е составен од 250 изложбени павилјони посветени и одредени на републиките или на определени области од стопанството, науката и техниката, од кои речиси секој е ремек-дело на архитектурата.
10. Кино „Илузион“
Moskva Agency
Киното во една од Сталиновите облакодери на Котељническиот кеј е отворено во 1966 година и своевремено било важно место за културниот живот на градот. „Илузион“ е реновиран и повторно работи од 2018 година. Едно од ретките кина каде се прикажуваат стари советски и странски филмови.
11. Ресторан на чебурекот „Дружба“
Најпознатиот ресторан во Москва каде се приготвуваат чебуреки (полнето тесто слично на панцерота). „Дружба“ го нема сменето изгледот од шеесеттите години на минатиот век: мала и тесна сала без слободни места, а на менито има само чебуреки со месо, пиво и жестоки пијалаци по ниска цена.