Москва
Веројатно ова е најпознатиот споменик на Кирил и Методиј од сите што постојат во Русија. Беше откриен на 24 мај 1992 година. Споменикот се наоѓа на Славјанскиот плоштад во центарот на Москва каде на Денот на словенската писменост и култура (така овој празник се нарекува во Русија) секоја година се организираат празнување посветени на овој Ден. Автори на споменикот се скулпторот М.И. Кликов и архитектот Ј.П. Григорјев.
Мурманск
Токму во овој мал град на северот на Русија се појавил првиот во Русија споменик на светите Кирил и Методиј . Интересна е историјата на неговото појавување. На 24 мај 1986 година по иницијатива на мурманските писатели за првпат во СССР бил одбележан Денот на словенската писменост и култура кој потоа станува и државен празник. Во 1988 година во Бугарија се појавува идејата да се подари споменик на Кирил и Методиј, кој ќе претставува копија на бугарскиот монумент што се наоѓа пред зградата во која е сместена Националната библиотека во Софија. Во 1990 година споменикот беше готов. На 3 март 1990 година него го освети бугарскиот патријарх Максим, кој потпиша и акт за негово предавање на претставниците на Мурманск. По еден и пол месец, на 22 мај 1990 година, на скверот пред зградата на Мурманската областна научна библиотека се случи церемонијата на откривањето на споменикот.
Владивосток
Споменикот на свети Кирил и Методиј во Владивосток е единствениот монумент на Солунските браќа на Далечниот Исток. Тој беше свечено откриен на 1 јули 2006 година. Споменикот се наоѓа на главниот видиковец на градот – врвот на Орлиното ридиште, од каде се отвора прекрасен поглед на заливот Златен Рог и на самиот град. Во овие краишта Кирил и Методиј се сметаат и за заштитници на студентите, кои често за времето на сесијата доаѓаат тука и бараат помош во положувањето на испитите. Ритуалот завршува со ѕвон на камбаната во камбанаријата со златна купола и со крст, која се наоѓа непосредно зад споменикот.
Ханти-Мансијск
Во Ханти-Мансијск споменикот на Кирил и Методиј беше поставен на 23 мај 2006 година кога во овој сибирски град се одвиваа Серуските денови на словенската писменост и култура. Интересно е што правото за откривање на споменикот не им беше дадено на официјални лица, ами на учениците од православната гимназија и од неделната школа на храмот Во името на воскресението Христово, на чија територија и се наоѓа споменикот.
Самара
Во овој град кој се наоѓа на брегот на реката Волга, споменикот на Кирил и Методиј беше откриен и осветен на 23 мај 2004 година. Тој е третиот во Русија споменик на рамноапостолските браќа по Мурманск и Москва. Автор на овој споменик, како и на московскиот, е скулпторот В.И. Кликов. Тој е најголемиот споменик на словенските просветители во Русија: две бронзени фигури со височина од 3.5 метри се поставени по страните на крстот кој е висок речиси 6 метри, а кој се наоѓа на територијата на Кирило-Методиевскиот собор.