Како танкерите превезуваат руски течен гас преку Северниот леден океан

Арктичкиот танкер за транспорт на гас „Кристоф де Маржери“ во водите на Опскиот залив, Карско море

Арктичкиот танкер за транспорт на гас „Кристоф де Маржери“ во водите на Опскиот залив, Карско море

Александар Рјумин/TASS
Екипаж од триесет членови (мажи и жени( го опслужуваат транспортот на 172.000 кубни метри течен гас со танкер во Европа. Овој потфат не е детска игра. Станува збор за стотици километри пловење низ мраз и снег.

Студената зимска вечер на почетокот на февруари ја дочекав сам на полуостровот Јамал, чекајќи ја пловидбата преку Северниот леден океан на еден од најголемите ТПГ танкери на светот. Станува збор за танкерот „Кристоф де Маржери“ кој ѝ припаѓа на компанијата „Совкомфлот“. Неговата носивост изнесува 172.000 кубни метри течен природен гас.

За време на танкирањето се чинеше дека бродските резервоари немаат дно. Во резервоарите беше наточен течен гас од фабриката „Јамал-СПГ“ која пред неколку години се појави на брегот на Опскиот залив во населбата Сабета. Црната магла на поларната ноќ, испреплетените џиновски цевки „замрсени“ во челичните конструкции, заслепувачката светлина на ламбите и на рефлекторите, искричното блескање на „ледениот“ снег кој бие во лицето и боцка – сето тоа изгледаше како да се снима сцена од некој научно-фантастичен филм во кој не сакајќи учествувам и јас. Мостот кон палубата, сиот завеан и излепен со снег, како да нема крај. Под налетите на ветрот се свиткувам, качувајќи се на високата палуба, речиси како на четвртиот кат од некоја зграда.

„Јамал-СПГ“

На палубата нè пречекуваат неколку дежурни развиени луѓе во поставени црвено-сини комбинезони и качулки набиени на глава, така што лицата речиси и не им се гледаат. Меѓу нив беше еден слабичок. Сфатив дека е тоа девојка дури кога ми ја пружи танката рака во ракавица и тивко ми рече: „Ќе ве одведам кај капетанот“. Таа е една од четирите девојки во бродскиот екипаж. Побрзавме по неа, препнувајќи се. Претстоеше пловидба до брегот на Норвешка на танкер кој им носи на жителите на Европа речиси две стотини илјади тони гас.

По една недела

Веќе седма вечер минуваме во бродската кабина, набљудувајќи го низ прозорецот сиот оној мраз во поларната ноќ. Во позадина се слуша звукот на дизел-моторот. Надвор дува суров северен ветар, на екранот од телевизорот се менуваат кадри без тон, а во кабината на капетанот светкаат мониторите од компјутерот.

На оние што никогаш не престојувале и не работеле ан Арктикот не е лесно да им се објасни колку може да му биде тешко на човека во животот. Не се тешки енормните студенила кога температурата се спушта на -40 степени според Целзиус, па дури и пониско. Не е тежок мразот кој штипе како да пече, ниту бурите кои ненадејно го „напаѓаат“ танкерот и човекот во него, така што „млечниот“ вртлог не се гледа ни прст пред носот, а особено не се гледа ништо пред масивниот и тромав танкер. Не се тешки ниту деноноќните дежурства (во флотата се „работи“ 24 часа, од кои само 3 часа се предвидени за спиење), каде се стои пред командниот пулт со стотици светлечки копчиња и само со помош на локатор се управува со бродот кој го сече мразот во црната магла, каде не се разликуваат водата и небото, а на небото не се гледаат ѕвезди, и каде во бродскиот дневник мора да се запише секоја десетта или петнаесетта милја од прејдениот пат.

Кабината за управување, набљудување и врска на арктичкиот гасен танкер „Кристоф де Маржери“ во Карското море.

Ништо од тоа не е тешко. Тежок е товарот на одговорност за својата компанија, за танкерот, за екипажот, за мошне вредниот товар кој лесно може да експлодира. Овој товар треба да се пренесе од точка А до точка Б, и тоа во предвиден рок кој зависи само од временските услови. И не смее да се дозволи ниту најмал дефект, ниту прекинување на работата на механизмот и на луѓето. Екипажот и капетанот имаат минато разни курсеви и тренинзи, дома и во странство, имаат искуство во управување со брод во сложените арктички услови, но тоа не може да се спореди до она што претстои. Згора на тоа, одговорноста на капетанот е толку отежната што му е дадена честа да раководи со првиот танкер кој деноноќно превезува течен природен гас на Арктикот, односно на подрачјето на вечно „истутканиот“ мраз.

Нашиот брод и „маѓијата“ на неговото пловење

Танкерот за транспорт на гас „Кристоф де Маржери“ е првиот во серијата од петнаесет вакви бродови (сега веќе ги има десет на Северниот морски пат). Го имаат направено стручњаците од компанијата „Совкомфлот“, „Јамал-СПГ“ и „Тотал“ со поддршка на руски и фински институти и бродоградилишта. Неговата проодност е фантастична. Може да плови во мошне тешки услови во замрзнато море, зашто моторите на овој танкер по силата се слични на моторите на нуклеарен мразокршач. Танкерот може да крши, да разбива и да дроби мраз на вообичаен начин, односно со сопствената тежина, но и со помош на специјални елиси кои се нарекуваат „азиподи“. Тие овозможуваат бродот да се движи напред и назад, и да се врти во место.

Замислете дека е тоа вентилатор кој е свртен наопаку и дека се движи околу должинската оска за цели 360 степени, и ќе ви стане јасно како работат тие азиподи на огромниот танкер-мразокршач. Велат дека овој брод во своите четири резервоари може да прими количество гас кое е доволно за месечните потреби на земја како Шведска. Овој гас се добива на полуостровот Јамал, се доведува во течна форма во фабриката „Јамал-СПГ“ подигната на подрачјето на пермафростот (вечно замрзнатата земја), на брегот на Опскиот залив, а потоа се испраќа во секоја земја онолку колку што е потребно.

Новиот руски арктички танкер за транспорт на течен гас „Кристоф де Маржери“

Посебна приказна е пловењето на ваквите танкери низ Опскиот залив. Во близина на пристаништето во населбата Сабета, каде се наоѓа фабриката за ТПГ бродот некако може да маневрира, но во Карското море може да излезе и од него да дојде до фабриката само низ вештачки канал долг 50 километри, широк 300 и длабок 14 метри. „Кристоф де Маржери“ има газ 12 метри, а широк е 50 метри. Мразот во каналот не е секогаш монолитен. Понекогаш цврсто се стегнува покрај брегот, а на определени делници плива, додека на други открива чиста вода. Кога има многу силен ветар, оваа вода може да однесе во плиткото каков било брод кој се движи со минимална брзина, заедно пливајќи со мразот.

А, капетанот нема право на грешка. Тој сега не е на тренажер каде лош маневар може да се поправи со нов обид. Секое негово движење, секое мрдање на џојстикот на елисата, секое зголемување или намалување на вртежите на моторот мора да биде беспрекорно точно. Зад него има огромен танкер, како некаква соборена десеткатница, а во него 172.000 кубни метри течен природен гас по цена од 350 американски долари за кубен метар, што е вкупно над 62 милиони американски долари. Па, згора на тоа и бродот кој чини 330 милиони американски долари. Па, и 30 члена на екипажот, нивните судбини и нивното здравје. А, исто така и престижот на фирмата и на татковината. Тешко е да се замисли товарот на една толкава одговорност.

Авторот на текстот е воен коментатор на агенцијата ТАСС.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња