Запознајте ја Русија: Какви се тие Курилски острови по кои Јапонија толку копнее?

Патувања
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Овие огнени острови со вулкани, гејзири, езера со врела вода и со црна песок се предмет на ништо помалку жешки децениски, ако не и вековни, спорови помеѓу Русија и Јапонија. Ова место со неземска убавина истовремено е сурово опкружување за животот на луѓето.

Крајолик

Архипелагот познат како Курили е составен од 56 острови во Тихиот океан кои се распослани од рускиот полуостров Камчатка до јапонскиот остров Хокаидо. Јужниот дел од Големата Курилска низа сè уште претставува пречка во односите помеѓу Русија и Јапонија. Иако минаа веќе 27 години од распаѓањето на Советскиот Сојуз, Москва и Токи сè уште не можат да се договорат околу прашањето кому во иднина ќе му припаднат островите Итуруп, Кунашир, Шикотан и групата острви Хабомаим а кои моментално ѝ припаѓаат на Русија (овие територијални неслагања всушност траат повеќе од три века). Сепак, политичките тензии околу островите слабо влијаат на животот на локалното население и тој веќе со децении се одвива без значајни промени.

Курилските острови имаат вулканско потекло. Многу села, па дури и помали градови, се наоѓаат буквално на падините на активни вулкани. Маглата во овие предели е многу густа, па видливоста понекогаш е намалена на само два метри.

Честите земјотреси, цунами и ерупции на вулкани повеќе пати ги имаат принудено жителите на островите да ги напуштат своите домови. Поради тоа островите се преполни со напуштени куќи и на нив нема градби повисоки од два ката. Недалеку од стариот и напуштен светилник се наоѓаат гробиштата на тенковите и потопен бункер, некогаш користени во воените операции.

На Курилските острови се наоѓаат и неколку езера со врела вода која ја загреваат вулканските гасови. Едно од нив е на Кунашир, најјужниот остров на Големата Курилска низа. Кунашир е оддалечен од Јапонија само 16 километри. Поблизу до Јапонија се само ненаселените Мали Курилски низи. За да дојдете на Кунашир потребна ви е посебна дозвола со оглед дека станува збор за гранична зона.

Луѓе

Над илјада години староседелската популација на Курилските острови била составена од народот Аину, но во 19 век тој веќе бил во изумирање, а неговото присуство на островите ограничено на резервати. По поразот на Јапонија во Втората светска војна, преживеаните припадници на народот Аину, околу 200, се преселиле во Јапонија.

Сè до денес јапонската историја на јужните Курилски острови се открива често низ пронаоѓање древни артефакти. На пример, предмети од стар јапонски порцелан можат да се најдат за време на прошетката по брегот на Кунашир.

Денес на Курилските острови живеат околу 20.500 луѓе. Најголем остров е Итуруп со градот Курилск каде живеат 6.409 лица и важи за центар на сите бизниси. Нема трговски центар, но има мало кино. Сите возила се од јапонско производство, а островот е целосно прекриен со мрежа од асфалтни патишта.

Детали

Островите првенствено живеат од риболов и оваа индустрија е носител на целата курилска економија. Луѓето од државата добиваат таканаречен „северен додаток“, односно поголеми плати за да се компензираат потешките услови за живот во суровата клима. Многу луѓе од копнениот дел на Русија доаѓаат тука за да заработат пари и да ги искористат привилегиите, а потоа се селат на места со пријатна клима.

Меѓу предностите за живот на Курилските острови е и тоа што вообичаениот појадок содржи кавијар (кој во поголемиот дел од Русија се смета за деликатес). Секоја година Курилските острови ги посетуваат бројни туристи, иако патувањето до нив е едно од најскапите во Русија, со оглед дека станува збор за голема оддалеченост која морате да ја минете за ги запознаете овие неверојатно убави предели.