Патомски кратер: Мистерија во длабочината на сибирската шума

Патувања
КСЕНИЈА ЗУБАЧОВА
Дали тука има слетано НЛО или метеорит? Оваа геолошка формација која е висока четриесет метри никогаш не беше детално истражена сѐ до минатата децениjа, но сепак се стекнува впечаток дека руските научници на крајот пронајдоа објаснување.

Темно брекче се надвива над јарко зелениот пејзаж на густата руска тајга. Изгледа како џиновски звучник – висок 40 и широк 100 метри, и навистина не е нешто што би сте очекувале да видите во далечно подрачје на северот на Иркутската област, околу 210 километри северно градот Бодајаб.

До 1949 година за него знаеја само неколкумина локални жители. Тие го нарекуваат „Гнездо на огнениот орел“ и во минатото го сметале за лошо место кое го избегнувале дури и животните. Некои што го посетиле ова место умреле под необични околности, а домашните миленици тука исчезнуваат без трага. Каква тајна се крие зад овој кратер и постои ли рационално објаснување за сите овие мистериозни активности? 

Необично откритие 

Научникот кој прв случајно наиде на оваа уникатна формација е рускиот геолог Вадим Колпаков. Тој во 1949 година дошол во овој крај за да спроведе некакво истражување, а кога го видел кратерот не можел да им поверува на своите очи. 

„Мислев дека сум се мрднал од умот“, се сеќава Колпаков. „Оддалеку ме потсети на џиновски површински ископ, па дури се запрашав дали има луѓе таму. А, зошто би имало? Ова е густо подрачје на тајгата. Освен тоа, на местото немаше работни логори на НКВД, во тоа бев сигурен. Потоа помислив дека тоа би можело да биде некој археолошки артефакт, но локалните Евенки и Јакути, со целото свое почитување, не се древни Еѓипќани. Тие не знаат да градат камени пирамиди“. 

Подеталното истражување покажа дека кратерот е создаден од столчени блокови варовник со пречник од околу 160 метри и според процените тежок е околу милион тони. Кратерот го доби името „Патомски“ (според името на блиската река), но подетално не беше анализиран сѐ до минатата деценија поради недостиг од финансиски средства. 

Теории 

Мистеријата „Гнездо на огнениот орел“ беше добар материјал за разни теории, од слетување на вонземски брод до подземна нуклеарна реакција. Некои, вклучително и самиот Колпаков, ја поддржаа идејата дека кратерот го формирал метеоритот кој во 1908 година падната во сибирската тајга, Други сметаа дека кратерот е вулканска структура која настанала со дејствување на гас од големи длабочини. 

Првата сложена научна експедиција која го има посетено кратерот во 2005 година не даде никакви одговори. Водачот на експедицијата почина од срцев удар. Многумина веруваа дека оваа трагедија е лош знак. 

Сепак, научниците продолжија со истражување на ова подрачје. Експедициите во следните години (2006, 2008, 2010) беа успешни. Собраниот материјал од местото покажа дека кратерот настанал пред околу 500 години (многу порано од тунгускиот метеорит) и дека има зонална прстенеста структура со определени зони кои се формирани во различно време. 

Научниците на крајот ја отфрлија теоријата за метеоритот и хипотезата за криогената формација (која сугерираше дека конусот е формиран од замрзнување), па дојдоа до заклучок дека кратерот е формиран за време на фреатската експлозија која се случила поради втиснување на магма во хидратираните карпи или поради расед и декомпресија на загреани хидратирани карпи.

И покрај тоа некои повеќе сакаат да веруваат во возбудливите и прилично неверојатни објаснувања, како што е она дека станува збор за мало парче неутронска ѕвезда кое паднало на Земјата и кое било толку масивно што при падот ја пробило Земјата и излегло од другата страна, низ нашиот кратер. Тое не е сосема нереално, два слични настани се имаат случени во 1993 година на различни делови од Земјата и тоа во рок од еден месец. 

Сѐ уште не постои објаснување за чудните настани во близина на кратерот. Освен магнетската аномалија која е отворена во текот на една од првите експедиции, нема потврдени докази дека нешто големо е закопано во средината на кратерот. 

Без оглед на решението во која теорија ќе поверувате, кратерот најверојатно ќе остане едно од најмистериозните места во Сибир.