На самиот крај на светот: Животот на границата помеѓу Русија и САД

Беринговиот мореуз. Oстровот Велики Диомед. Чукотка, Русија

Беринговиот мореуз. Oстровот Велики Диомед. Чукотка, Русија

Therin-Weise/Global Look Press
„Таму човек се изморува од белата боја. Постојано има снег, насекаде снег – сè до хоризонтот. И постојано чувство на глад. За животните потреби мора да се топат тони и тони снег. Нема телевизија, нема весници, нема телефон“. Поранешниот граничар на најисточната воена база за Russia Beyond – Македонија раскажува како изгледа животот на Диомед, единствениот остров на светот каде буквално може да се види вчерашниот ден.

Среде Беринговиот мореуз, помеѓу Чукотка и Алјаска, стојат два карпести острови. На нив има моржови, бели мечки и краби, магла и екстремни мразови. Да ја нема пограничната служба, тука човечка нога не би имала причина да стапне. Ако некаде постои крај на светот, тогаш тоа се овие острови. Единствената занимливост е временската разлика – за само 10 минути пловидба сте на територијата каде што сè уште е вчера.

Десно (во заден план) островот Велики Диомед. Лево (во преден план) островот Мали Диомед на Алјаска.

Велики Диомед (Ратмановиот остров) ѝ припаѓа на Русија, а Мали Диомед (Крузенштернов остров) на Соединетите Американски Држави. Островите се оддалечени 3.8 километри еден од друг, а меѓу нив има временска разлика од 23 часа. Токму помеѓу Велики и Мали Диомед поминува линијата на промена на датумот и руско-американската демаркациона линија. Затоа народот ги нарекува Островот Утре и Островот Вчера. „Тоа е како времеплов. Она што сме го виделе со очите всушност било вчера“, вели за Russia Beyond – Македонија 40-годишниот Рамиљ Гумеров. Тој служел во армијата две години, започнувајќи од 1995 година. Од нив повеќе од една година минал во единицата на островот каде денес покрај воена база постои само поларна станица и караула. 

Разлика во датумот и проклетството на шаманот 

„Заминувањето на војник на друг остров, во друга земја и вчерашниот ден е 'чиста фантазија'. „Можевме само да мечтаеме за тоа“, вели Гумеров. 

Само Ескимите како автохтони жители можат слободно да минуваат од остров на остров. Тие живееле тука кога до островите допловил првиот Европеец, рускиот морепловец Семјон Дежнов. Тоа било во 17 век и оттогаш 150 години двата острови, оддалечени 35 километри од Чукотка и од Алјаска, биле дел од Русија. 

Меѓу нив е повлечена државна граница во 1867 година кога Русија ја продала Алјаска на Соединетите Американски Држави. Тогаш автохтоното население се нашло во несекојдневна ситуација. Имено, на островите времето било исто, но датумите биле различно. Во однос на Ратмановиот остров, Крузенштерновиот е секогаш во минатото. За Ескимите важи безвизен режим за да можат да ги посетуваат своите блиски, иако на рускиот остров одамна не живеат цивили.

На почетокот на 20 век Ескимите се преселиле на Мали Диомед (на островот во мала населба сè уште живеат 135 Ескими), а останатите заминале на големото копно. Властите ја презеле грижата за островот долг 9 километри кој бил најисточната копнена точка на Советскиот Сојуз. Тука во 1941 година се појавила единица на првите граничари. 

„Во Владивосток била брзо направена барака со шест соби, а воедно и магацин и парна бања. Потоа сето тоа е демонтирано и во делови натоварени во пароброд, заедно со облека, храна и оружје за три години и било превезено на островот“, раскажува Гумеров. 

Велат дека локалниот шаман дошол на островот кога го напуштиле Ескимите и го проколнал. И оттогаш, наводно, луѓето на овој остров ги следи смрт. Гумеров за ова вели: „Насекаде гинат и умираат луѓе, па и тој остров не е исклучок. Не знам дали се тоа несреќни случаи, природна сила или шаманско проклетство“. 

Како во филмот „Денот на мрмотот“ 

На островот климата е сурива – девет месеци е зима. Мразовите се силни и дува силен ветар. Островот е 300 дена во годината под густа магла и затоа хеликоптерите тука доаѓаат ретко, 2-4 пати месечно, и носат производи и пошта. Гориво обично се носи со танкер. Гумеров дошол тука да служи од југот на Русија од Република Башкортостан. 

„Тука човек се изморува од белата боја. Секогаш има снег, насекаде снег – сè до хоризонтот. Во мое време носевме стара облека и обувки, а храната беше оскудна, така што секогаш бевме малку гладни. Дури и за подготовка на храна и за бањање моравме да топиме тони и тони снег. Се бањавме еднаш неделно. Некои беа џомби, некои гуштери. Секој ден беше ист, како во филмот 'Денот на мрмотот'“, се сеќава Гумеров. 

Сега, вели тој, работите се променија кон подобро. Во единицата служат само војници по договор, имаат вода во шишиња, телевизор, телефон и „останати благодати на цивилизацијата“. 

„Не се жалам, само ви кажувам како беше. Никогаш не се покајав што заминав таму. Ја имав таа среќа. Каде инаку би видел кучешка запрега, ирваси, илјадници птици на високите карпи, жерави кои напролет летаат во Евроазија, а наесен се враќаат во Америка, китови-убијци кои ловат моржови, и други китови, поларни лисици и бели мечки? Вистинска дивина, бродови, назима поларна светлина, налето поларен ден. Бев и на Камчатка. Ја видов Русија додека со воз патував од Уфа до Хабаровск. Тоа е посебно место. Таму се вкрстуваат посебни појави. Таму станав друг човек“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња