Градот Гудим беше тајна советска воена база. Познат е и под називите Анадир-1 или Магадан-11. Се наоѓа на Чукотскиот полуостров на рускиот Далечен исток. Денес во него се останати само напуштените згради.
Во овој град со години беа стационирани ракетите РСД-10 „Пионер“, подготвени за примена во секој момент. Овие балистички ракети со среден дострел имаа нуклеарни боеви глави и можеа да стигнат до Алјаска, Вашингтон, Калифорнија и некои делови на Јужна Дакота. Меѓутоа, нивната главна цел беше Китсап – воено-поморската база во близина на Сиетл, третата по големина во Америка.
Ракетите не се чувани во лансирни контејнери, туку во самоодни транспортери МАЗ-547. Ги штитеше тенковски баталјон, како и единици за АБХ-одбрана и воздухопловен полк сместен на блискиот аеродром.
Според легендата, градот е основан откако советскиот претседател Никита Хрушчов ѝ се закани на Америка со познатите зборови: „Ние имаме ракети дури и на Чукотка!” Војската во 1958 година ја основа базата која сѐ до затворањето 1961 година носеше ознака „опасна зона”.
Официјалното име на градот беше Анадир-1, но луѓето го нарекуваа Гудим – така се презиваше полковникот задолжен за изградбата на ова место. Кога изградбата е завршена, полковникот од непознати причини изврши самоубиство.
Војниците кои со семејствата живееја во неповолните услови на Камчатка добиваа добра плата, а трговските центри во Гудим беа добро опремени со роба дури и за време на кризата.
Објектите распоредени низ целиот округ го штитеа тајниот град од диверзанти и евентуално непријателско истоварување.
Базата е затворена 1987 година. Тогаш е донесена Спогодбата за ликвидација на ракетите со среден и мал дострел, која подразбираше уништување на нуклеарното оружје.
Војската целосно го напушти градот во 2002 година. Преостанатите жители се преселени во градовите Саратов и Енгелс во западна Русија.
До овој града не може да се стигне со јавен превоз, туку само со автомобил или со такси (за сто долари) од населбата Уголние Копи во близина на аеродромот „Анадир”. Во секој случај, по нерамниот терен можат да поминат само џипови.