Кострома: Родното место на внуката на Дедо Мраз

Извор: Владимир Смирнов / ТАСС

Извор: Владимир Смирнов / ТАСС

Градот Кострома е едно од двете најважни места во Русија за време на новогодишните празници. Снежанка, која е и внука на Дедо Мраз од Русија, е родум токму од овој град и нејзината резиденција се наоѓа токму тука.

Кострома е прекрасно место, кое може да се посети во кој било период од годината, но најинтересно е за време на новогодишните празници. Тука можете да најдете една од највозбудливите глетки покрај кејот, каде што снегот паѓа во реката Волга, додека златните куполи на Ипатјевскиот манастир сјаат во далечината.

Која е Снежанка?

Снежанка е внука и помошничка на Дедо Мраз од Русија. Резиденцијата на Дедо Мраз од Русија се наоѓа во Велики Устјуг во областа Вологда. На неговиот имот постојат голем број атракции, кои годишно привлекуваат повеќе од 200 илјади туристи. 

Снежанка не е поврзана со словенската митологија и за првпат се среќава кон крајот на деветнаесеттиот век. Но, без оглед на тоа, за многумина Снежанка е вечна, каква што е и самата Русија.

Снежанка е родена


Извор: Lori/Legion-Media

Еден од најзначајните руски драматурзи, Александар Островски, чии корени се од Костромската област, го одгледала дадилка, која му ја всадила љубовта кон сказните. Токму оваа жена му ја дала инспирацијата за оживување на Снежанка. 

Островски ја завршил драмата „Снежанка“ во 1873 година (музиката за неа ја напишал Чајковски), а таа подоцна била адаптираа во опера од страна на композиторот Римски-Корсаков. Премиерата на оваа опера во четири чина се одржала во 1882 година во Санкт Петербург, додека балетската верзија била изведена во 1878 година. 

Островски живеел во Кострома, на една од главните авении, па и главниот театар во градот го носи неговото име. Многу од своите драми, вклучувајќи ја и „Снежанка“, ги напишал на имотот во селото Шчеликово, кое се наоѓа на 120 километри од Кострома. Неговата поранешна куќа е претворена во музеј. 


Извор: Lori/Legion-Media

Верзијата на Островски имала и свои претходници. Александар Афанасјев, кој се смета за руски еквивалент на браќата Грим, во 1869 година напишал сказна што ја нарекол „Снежанка“. Сказната зборува за сиромашните селанчиња Јованче и Марика, кои направиле снежна кукла што оживеала.

Во верзијата на Островски Снежанка е ќерка на Пролетта-убавица и на Дедо Мраз. Таа копнее по човечка дружба, но нема способност да сака. Нејзината мајка ѝ ја дава таа способност, но бидејќи е направена од снег, таа почнува да се топи откако нејзиното срце ќе се затопли од љубов. 

Во времето на владеењето на Николај Втори, Снежанка почнала да се поврзува со прославувањето на зимските празници. Таа била дел од божиќните празници сè дури советските власти не го забраниле прославувањето на верските празници. Таа повторно се појавила откако Новата година станала главен зимски празник, заменувајќи го Божиќ, во 1935 година. Оттогаш Снежанка, која сега станала внука на Дедо Мраз (наместо негова ќерка), е неизоставен дел од новогодишните забави во цела Русија. Заедно со нејзиниот дедо таа им ги носи подароците на децата.

Снежанка од Кострома


Извор: Lori/Legion-Media

Не е тешко да се најде Снежанка во Кострома. Таа е толку обожавана во својот роден град што нејзиниот роденден се прославува цели два дена. Во 2015 година Кострома ќе го прославува роденденот на Снежанка на 27 и на 28 март. 

Домот на Снежанка, кој се наоѓа во обновена зграда од 19 век, е вистински снежен рај. Снежанка ги пречекува гостите, им ја објаснува уникатноста на регионалните фолклорни традиции и им ги претставува другите ликови од драмата на Островски. Постои и голема колекција костуми и кукли од областа, а, исто така, се одржуваат и занаетчиски работилници за деца. 

Хотелот „Снежанка“ својата инспирација ја добил од снежната девојка од Кострома, која е изразена на секое ниво. Во него има сувенирница во кои ќе ги најдете сите можни сувенири со Снежанка на нив. Ресторанот во овој хотел се вика „Метелица“ (снежна виулица), а во него секоја недела се организираат новогодишни забави, освен налето, кога во него се прават свадби. Во хотелот има 55 соби, а нивната цена се движи од 50 до 150 американски долари за вечер. До него се наоѓа Ледената палата на Снежанка, која претставува забавен парк во кој температурата е константно на -14 степени Целзиусови, а таа е, пред сè, наменета за интерактивни екскурзии. 


Извор: Lori/Legion-Media

Хотелот нуди и специјален новогодишен пакет од 31 декември до 2 јануари, кој вклучува дочек на Новата година, забава со музика од осумдесеттите години од минатиот век, традиционална новогодишна сауна, посета на Ледената палата и специјален ручек на кој се служат традиционални јадења од Кострома. Оваа понуда е наменета за семејните луѓе, а за време на најлудата ноќ за нивните деца е обезбедена и услуга за чување. На забавата, секако, се појавуваат и Дедо Мраз и Снежанка.

Снежанка станува глобална ѕвезда


Извор: Lori/Legion-Media

Во извесна смисла, Снежанка стана премногу голема за малата Кострома. 

На национално ниво таа е поврзана со идентитетот на градот како еден од водечките ликови во Руското национално танцово шоу „Кострома“ во Москва. Популарно кај странците, ова шоу ја раскажува приказната за древната Русија преку ликот на Снежанка, кој е во центарот на вниманието. 

Снежанка е главен лик и во два советски филма. Едниот од нив претставува анимирана верзија од 1952 година, која е многу блиска до драмата на Островски, а во неа се користи и музиката на Римски-Корсаков. 

Познатата словенечка писателка Светлана Маркович има напишано и своја приказна со овој лик, со што ја покажала својата љубов кон руските сказни. Во 2004 година, пак, во Америка, Рут Сандерсон, која е специјалист за илустрирани божиќни книги, ја објави „Снежната принцеза“, а главниот лик е – погодувате кој – Снежанка!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња