Руска земја на тигри, ајкули и лијани

1)	Приморската тајга нуди необична комбинација на суптропски и субарктички дрвја. Извор: GeoPhoto

1) Приморската тајга нуди необична комбинација на суптропски и субарктички дрвја. Извор: GeoPhoto

Ледената доба во свое време ја одминала територијата на денешниот Приморски крај, крајниот југоисток на Русија, кој го облеваат водите на Тихи океан. Затоа тука, во овие релативно свежи области на рускиот Далечен Исток, опстанале животински и растителни видови карактеристични за значително појужните региони на планетава.

Официјален симбол на Приморје уште во царските времиња бил тигарот од овие краеви, кој се нарекува усуриски, амурски или сибирски. За да се заштити од студенилото и за да преживее во длабокиот снег, тој развил долго густо крзно, какво што нема ниту еден од тигрите во јужните земји. Уште поредок вид мачка е сибирскиот или амурски леопард, кој се населил во Хасанскиот регион на југот на Приморскиот крај. Тигри има околу петстотини, додека леопарди останале уште педесетина. Но, во последно време федералните власти преземаат низа мерки за да ја обноват популацијата на леопардите, така што научниците со умерена доза оптимизам говорат за нивен постепен пораст.

Нуркачкиот рај на рускиот Далечен Исток
Крајната југоисточна точка на Русија, на пацифичкиот брег на Приморскиот крај, претставува вистински рај за љубителите на екотуризмот и на екстремното нуркање.

Во реките на Приморјето се среќаваат тропски видови риба, каква што е змијоглавата риба, кинескиот гргеч или касатка-чкрипалка, која кога ќе се извлече од водата со своите тврди боцки на страните и на главата прави звуци што потсетуваат на чкрипење. Приморската тајга нуди необична комбинација на суптропски и субарктички дрвја. Тука растат амурскиот сомот, лековитиот женшен, кој многу се цени во источната медицина, лимоновиот лијан (од семејството киви, чии плодови со големина на зрно грозје растат на лијаните). Локалните жители во шумите собираат семки од кедар, гранки папрат и сремуш. 

Во Јапонско Море, кое го заплискува брегот на Приморјето, јужните риби (на пример, отровната риба фуги, која е ценета во јапонската кујна, и ајкулите) се среќаваат со северните видови риба, какви што се харингата, аљаскиниот бакалар и навагата. Најубавите плажи на Приморјето се наоѓаат на јужниот брег: во Хасанскиот регион, како и во околината на пристанишните градови Нахотка и Владивосток. Тукашните жители активно се занимаваат со нуркање и со риболов, од морското дно извлекуваат мекотели за јадење (тукашните школки и остриги се значително покрупни од своите европски роднини). 

На територијата на Приморје се основани неколку општи и специјални природни резервати, но постојат и други посебно заштитени природни области. Меѓу отворените неодамна треба да се издвои националниот парк „Земја на леопардите“ на територијата на Хасанскиот реон. Брегот на овој реон е и граница на Далекуисточниот морски резерват, единствен од ваков тип во Русија. Тој е составен од пространа водна површина на која владее посебен режим на заштита на природата. Освен тоа, постојат и територии на кои се чува не само богатството на природата туку и традиционалниот начин на живот на малите народи  на Приморјето, какви што се Удегејците, Нанајците и Тазите. 


Во Јапонско море, кое го облева брегот на Приморјето, јужните риби се среќаваат со северните видови риби. Извор: GeoPhoto. 

Русија – светот во мало
Знаете ли дека е доволно да пропатувате низ Русија за да го видите сиот свет? Од песочните плажи на Далечниот Исток до селата што личат на швајцарски во зафрлените делови на Јужен Сибир, од германските села на брегот на Балтичкото Море до мостот преку Босфор – сето ова е Русија.

Додека првобитно главната цел била основање резерват за зачувување на природата, денес службениците, научниците и бизнисмените сѐ поголемо внимание му посветуваат на еколошкиот туризам. Така, во Хасанскиот реон властите имаат намера да основаат кластер на еколошки туристички организации, кои би можеле да примат до 700 илјади туристи годишно. Постојат слични планови и за северните реони на Приморскиот крај. На пример, Сихоте-Алињскиот резерват веќе сега предизвикува големо интересирање кај странските туристи, особено кај оние од Јапонија (преку територијата на резерватот поминуваат маршрутите на рускиот патешественик и писател Владимир Арсењев, кој е автор на книгата „Дерсу Узала“, според која јапонскиот режисер Акира Куросава го сними истоимениот фил, кој ја доби наградата Оскар). „Резерватот треба да стане привлечно место за екотуристите, планираме во текот на 2014 година да развиеме инфраструктура за едукативен туризам. Со нетрпение очекуваме во регионот да биде обновена малата авијација“, вели директорот на Сихоте-Алињскиот државен резерват, Дмитриј Горшков. 

Освен заштитените територии, во Приморјето постојат уште низа места што се исто толку привлечни за туристите. Тоа се, на пример, Кравцовските и Беневските водопади, Мокрушинската пештера, „камен-срцето“ во една од котлините на Хасанскиот реон, кое го има овековечено писателот Михаил Пришивин, Ливадиската планина (попозната под  своето стари име Пидан), на која, како што се смета, живеат приморските Јети (летачки шумски луѓе). Во „Сафари-паркот“ кај населбата Шкотово (стотина километри од Владивосток) можат да се видат дивите животни на усуриската тајга во природни услови. Тука, во посебно ограден дел на шумата, живеат диви свињи, мечки, елени, па дури и тигри.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња