Доаѓа летото во северната руска престолнина

Санкт Петербург со право се смета за еден од најелегантните градови во Европа. Но, тој е и најсеверниот голем град на светот. Летата во овие краеви се мошне кратки, ладни, но со многу сонце и речиси без ноќ. Во ова време треба да се посети руската северна престолнина: нејзините жители уживаат во секој топол ден и го претвораат градот во непрекинат синџир од културни и социјални настани за сечиј вкус.

Фотогалерија: Северната престолнина на Русија има посебен шарм во секое годишно време, но велат дека самото лето сосема ја открива сета магија. Извор: Lori/Legion Media, FocusPictures, Alamy/Legion Media.

За разлика од Москва која е деловна и е постојано во брзање, атмосферата во Санкт Петербург е многу помирна и полежерна. Во овој елегантен град образованието е она што ја определува положбата на единката во општеството. Помина еден месец откако деновите станаа подолги. Сепак, непредвидливото, ладно и дождливо време ширеше нерасположеност кај граѓаните сè до 17 мај. А, тогаш, во таа прекрасна сабота, желбите на боговите за студенило на крајот беа задоволени. 

Отидоа јакните и џемперите, и една вечер, која во тропските и во медитеранските краеви би се сметала за ладна, во најсеверниот петмилионски град на светов се појавија куси панталони. Тој ден, кога температурите го надминаа 25 степен, постарите жители на градот излегоа на Дворскиот плоштад за да се згреат на сонце. „Многу сме стари за да патуваме на Гоа или во Турција“, вели една пензионирана професорка по англиски јазик која спомена дека е во деветтата деценија од животот, иако изгледаше како да има само 65 години. „Тука ја впиваме својата ретка доза топло северно сонце“. 

По дождливите денови, стушените лица на луѓето беа заменети со насмевки додека пристигнуваа на Невскиот проспект за да уживаат во топлото време. До вечерта младите трпеливо чекаа во бескрајните редици, но не за фудбалски натпревар или за концерт. Тоа беше третата сабота во мај, кога во градот се организираше „Ноќ на музеите“. Вратите на сите градски музеи беа отворени за посетителите до раните утрински часови. Таа ноќ се чекаше и по два часа за да се влезе во Ермитаж, но редици се гледаа и пред други помалку познати галерии и музеи. 

Бројните посетители кои трпеливо чекаа, пиеја вино од пластични чаши и разговараа за финесите на модерната уметност. Таа вечер и официјално беше отворена летната сезона – и забавата започна. Градините на баровите и на кафулињата беа преполни, а студентите упорно им додеваа на сопствениците на малите дуќани молејќи ги, главно безуспешно, да купат шише пијалак. Продажбата на алкохол во продавниците по 22 часот е забранета и никој не сака да го прекрши овој закон, особено не сопствениците на дуќаните во центарот на градот каде полициските патроли се секогаш во близина. 

Некои досетливи граѓани си купиле по некое шише од ресторанот во кој вечерале. Забавите на отворено можеа да се видат во речиси секој агол на историскиот центар на градот. Со закон е забрането консумирање алкохол на јавни места, но кога тој доследно би се почитувал, полицијата би морала да уапси десетици илјади луѓе за овој прекршок. Популарно место за собирање е брегот на реката Нева, каде многумина се дојдени за да го набљудуваат подигањето на мостовите кога под нив поминуваат бродови. Се налеваше и шампањ додека луѓето се дружеа, но без желба да се опијат. Прочуените „бели ноќи“ сè уште не се дојдени, а летото веќе завладеа со градот. 

Имаше и такви кои не пиеја. Организирани беа и екскурзии на ученици кои го набљудуваа кревањето на мостовите. Семејните луѓе шетаа низ улиците, иако родителите се обидуваа да ги избегнат групите бучни студенти. 

Санкт Петербург го очекуваат потопли, подолги и поубави денови. Градот е особено убав од третата недела на јуни до крајот на јули, кога дневна светлина има и по полноќ. Музичкиот фестивал во Мариинскиот театар „Ѕвездите на белите ноќи“ започнува на 31 мај и трае до 31 јули. На годинешниов фестивал премиерно ќе бидат изведени две опери – „Тројанци“ на Хектор Белиозо и „Војна и мир“ на Сергеј Прокофјев, а ќе бидат организирани и низа концерти на класична музика и балетски претстави. Посетете го овој фестивал за да го почувствувате духот на вистинската руска европска култура. 

Санкт Петербург има да им понуди нешто и на оние кои не се големи вљубеници во класичната музика. Колку што деновите стануваат подолги, толку повеќе концерти се одржуваат во градините на приватните згради, каде гостуваат алтернативни и помалку познати музичари од земјата и од странство, особено од соседството, од Финска. Топлите месеци што доаѓаат се време за прошетка низ древните палати и поседите на некогашното руско благородништво. До префинетите места, како што се Петерхоф и Екатеринскиот парк во Пушкино, лесно се доаѓа со јавен превоз. Посетителите можат преку цел ден да уживаат во прошетките. 

Северната руска престолнина треба да се посети во следниве неколку месеци. Налето овој град ја открива сета своја магија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.