Македонија го освојува рускиот пазар

Македонски штанд. Извор: Иван Николаев

Македонски штанд. Извор: Иван Николаев

Република Македонија започнува активна кампања за унапредување на својот туристички потенцијал на рускиот пазар. Првите чекори се веќе направени. Владата на РМ специјално за Русија воведе субвенции кои, како што сметаат претставниците на националната туристичка организација, треба за неколку пати да ја зголемат посетата на Русите кои ќе заминат во Македонија.

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на националната туристичка организација на Македонија д-р Кристијан Џамбазовски, руските туристички оператори оваа година од македонската влада ќе добиваат по 65 евра за секој донесен турист во Македонија. Ваквата стимулација Владата ја применува во Скандинавија и во земјите на Бенелукс, а од оваа година и за Русија, што сведочи за разбирањето за важноста на промоцијата на Македонија кај руските љубители на патувањата.

Туристичката организација на Македонија под брендот Macedonia Timeless (“Maкедонија вечна) веќе вторпат зема учество на меѓународниот саем за туризам MITT, кој се одржа во март во руската престолнина.

Македонија има што да им покаже на Русите, уверени се во туристичката организација. Тука се уникатните одморалишта на Охридското езеро, и древните градови и храмови каде се родила словенската писменост. Џамбазовски истакна дека „руските граѓани не заборавија дека земјата, од каде потекнува азбуката кирилица, се наоѓа на Балканот.“ 

Македонија – нова квалитетна насока 

Во оваа словенска земја руските туристи можат да ги привлечат ниските цени: одморот во Македонија е поевтин, одошто во Западна Европа, а според квалитетот воопшто не е полош. Во ова е уверена генералната директорка на московската туристичка агенција „7 tour“ Евгенија Добровољскаја, која беше доволно храбра да биде една од првите во промоцијата на Македонија во Русија. „Уверена сум дека ова е идеално време за промоција на Македонија во Русија. Имам слично искуство со Абхазија. Своевремено, пред 18 години, сите сакаа во Сочи, а јас им велев: не, ајде во Абхазија. Како резултат на тоа сега нашата компанија влегува во првите три туристички оператори за Абхазија“. 

Досега преку нејзината агенција во Македонија имаат заминато само мали групи или индивидуални туристи. „На саемот го претставивме Охрид, зашто тој може да привлече најмногу луѓе. Езерото е како море, плус православието, што е многу важно за Русите“, смета Евгенија. 

Напливот на руските туристи не е далеку 

Македонските претставници, пак, сметаат дека е можно да се зголеми бројот на туристите од Русија за неколку пати. На вакви оптимистички мисли ги тера статистиката: во споредба со 2012 година, бројот на Руси кои ја посетиле земјата во 2013, само според официјалните податоци пораснал за 41%. А, ако се пресметаат „дивите“, многубројните љубители на балканскиот колорит, кои доаѓаат кај своите пријатели или кои се сместуваат во приватниот сектор со поглед кон Охридското езеро, тогаш оптимизмот може да биде уште поголем.

Овој пат Македонците беа целосно „вооружени“. Доколку минатата година можеа да се пофалат само со брошури на англиски јазик, оваа година сè изгледа поинаку. Штандот е забележливо зголемен и изгледа поубаво, на сите гости им даваа убави брошури, напишани на прекрасен руски јазик.

Шесте рекламни брошури од „Македонија вечна“ се посветени на чувствата на човекот. Ова се називите: Поглед, Допир, Звук, Мирис, Вкус, Инстинкт. Извор: Иван Николаев

„Македонија вечна“ оваа година се подготвува да организира цела низа настани за туристичките оператори и за медиумите, за да го привлече нивното внимание. За втората половина од годината e планирано организирање на Денови на Македонија во Русија. Ова за „Руска реч на македонски“ го најави директорот на организацијата Џамбазовски. „Ние не се обраќаме само на Русија, туку и на сите оние што зборуваат на руски“, додаде тој и откри дека Македонија наскоро планира да се појави на руските телевизиски екрани со своја реклама.

Тешкотии со авиопревозот 

Амбасадорот на Република Македонија во Русија Илија Исајловски, кој исто така ја посети изложбата, заедно со Кристијан Џамбазовски и Евгенија Добровољскаја од „7 tour“ се сложија дека глава пречка за промоција на Македонија во Русија е отсуството на директна авиолинија: во 2001 година „Аерофлот“ ги откажа директните летови Москва-Скопје, а други авиокомпании не брзаат да ја пополнат оваа дупка. Директорот Џамбазовски смета дека оптимален излез од оваа ситуација се чартер-летовите, со кои е планиран превоз од Москва директно до одморалиштата во Охрид. „Во овој правец веќе се водат преговори“, изјави тој со очигледна тешкотија во гласот. Туристичкиот оператор Евгенија Добровољскаја забележа: Во изминатата зимска сезона „7 tour“ спроведе голема рекламна кампања со надеж дека ќе се промовира скијачкиот центар Маврово, но од тоа не излезе ништо“. Евгенија смета дека луѓето едноставно не сакале да летаат со чекање – Русите веруваат дека колку повеќе има менување авиони, толку се поголеми шансите да се изгуби багажот. Таа, пак, се надева на ветувањето на AirSerbia дека ќе се пушти линија со маршрута Москва-Белград-Охрид, со специјални саатници на линиите за да им биде удобно на руските туристи. 

Од друга страна, позитивен момент, како што забележа амбасадорот Илија Исајловски, е тоа што на државјаните на Руската Федерација не им е потребна виза за да ја посетат Македонија, што значително ја олеснува промоцијата на туристичкиот потенцијал на земјата на рускиот пазар.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња