Спектакуларни прошетки околу Сочи

Ѓаволската порта во Навалишченската клисура. Извор: Lori / Legion Media.

Ѓаволската порта во Навалишченската клисура. Извор: Lori / Legion Media.

Сочи, градот што спектакуларно ги обединува палмите и зимските терени има исто толку спектакуларно окружување. Запознајте ги Ѓаволската порта, реликтните суптропски шуми, Агурските водопади и Ѓаволската крштелница, Орловските карпи и Воронцовските пештери.

Покрај живописниот карпест пејзаж планинската река Хоста пробила величествена клисура, која е долга околу еден и пол километар. Тука се наоѓа и едно мало езеро, кое налето туристите го посетуваат за да се освежат, а на зима за да уживаат во неговата кристално сина боја. Малку понатаму по должината на кањонот се наоѓа водопад висок четири метри. Идеалната слика на мир и спокојство е надополнета со прастарите стебла на тисите и шимширите, со моќните лијани и мовта што ја покрива земјата како мек тепих.

Навалишченска клисура, населба Хоста, Сочи: влез две евра. Кањон Ѓаволска порта, пет километри од населбата Хоста во Сочи: цена на влезницата за возрасни е десет евра, а за деца е шест евра.

На ова место е отворен кафе-бар во кој можете да пробате долма (вид сарма), овчки ребра, месен и рибји шашлик и локални вина. Тука е и руската парна бања со задолжителните свежи гранки од еукалиптус. Тука може и да се преноќи во хотел по пристапна цена.

Во клисурата, исто така, постои место што се нарекува Ѓаволска порта. Овој споменик на природата својот застрашувачки назив го добил поради непредвидливото однесување на реката за време на големите врнежи. Кога ќе паднат големи количества дожд, нивото на водата на ова место нараснува за три метра и меѓу карпите останува само тесен расцеп низ кој ита водата. Во овој процеп, како што велат Русите, „ниту ѓаволот не си го пика носот“. Кога времето е убаво, кањонот е мирен и живописен. Тука можете да уживате покрај езерото, во парната бања, во ресторанот на подиумот за танц со жива музика. Ако си донесете свои продукти, тукашните готвачи за скромна сума пари од нив ќе ви направат ручек. Ѓаволската порта е, исто така, омилено место за љубителите на пејнтбол од Сочи.


Ахун. Извор: РИА Новости

Ахун е највисоката точка во крајбрежниот дел од градот. Оваа планина е сосема покриена со густа шума и од сите страни е опкружена со вода од две реки и од Црното Море. Се наоѓа на надморска височина од 663 метри. Порано љубителите на убавите планински панорами пеш се искачувале на планината, но кога ќе стасале на врвот останувале разочарани, зашто високите дрвја со кои е обрасната планината не им дозволувале да ја видат убавината на овој чудесен предел. 

Влезот во кулата чини две евра, а за деца до десет години влезот е бесплатен.

Сѐ се изменило кога по наредба на Јосиф Сталин до врвот на Ахун бил изграден крив пат со должина од 11 километри, по кој советскиот водач со задоволство шетал. Една година подоцна на врвот била подигната висока кула за набљудување од природен камен од околината. Оттогаш се поминати речиси 80 години, а качувањето на врвот на Ахун останува една од најпопуларните екскурзии во Сочи. Кулата за набљудување е отворена за туристите во текот на целата година. Во подножјето на планината угостителските објекти ви нудат да пробате домашно вино, чај од руски самовар со мед или сочен шашлик.

Цената за разгледување на паркот по малиот круг изнесува четири евра за возрасни и едно евро за деца, додека по големиот круг цената за возрасни е седум, а за деца – две евра.

Во Сочи, освен градбите од епохата на Сталин, можете да видите и нешто што потекнува од периодот пред ледената доба – реликтна суптропска шума. Овој уникатен споменик на природата, шума од тиси и шимшири, се наоѓа во населбата Хости. Тука дури и налето, под густите крошни на прастарите дрвја, покриени со мов и обвиени со лилјани, владее специфична зеленкава полутемнина, во која од ниските растенија успева само папратта. Во оваа шума расте тиса, која е висока 30 метри и е стара над 1.000 години, 400-годишна бука и исто толку стара разгранета врба. Низ овој „парк од јурата“ можете да прошетате по малата или по големата кружна пешачка патека. Малата патека е долга 1.800 метри, бетонирана е, со клупи и со информациски таблички. Големата кружна патека е долга пет километри и се протега низ карпестите предели.


Орелски карпи. Lori / Legion Media.

Цената на влезницата е две евра, а за деца до десет години влезот е бесплатен.

Уште еден бисер на Сочи се Орелските карпи. Дрвјата и грмушките растат директно од белите карпи, а на височина од 380 метри се протега величествен поглед на Црното Море и на планината Ахун. Староседелците велат дека порано тука се гнезделе орлите. Со ова место е поврзана и една интересна легенда за старогрчкиот јунак Прометеј. Се смета дека токму на ова место, недалеку од сегашната локација на Сочи, титанот бил закован на карпата зашто им го украл огнот на боговите и им го дал на луѓето. Секој ден до Прометеј долетувал орел, му го колвел црниот дроб и со канџите му ги парал градите. На врвот на карпата се наоѓа статуа на окованиот Прометеј.


Агурски водопади. Извор: strana.ru.

Откако ќе каснете нешто во локалното кафуле и откако ќе ги надополните резервите со вода, можете да се спуштите кон Агурските водопади, кои дури и на зима претставуваат незаборавна глетка. На реката Агура се нижат еден по еден три големи водопади. Последниот во низата е составен од две каскади, од 18 и од 12 метри. Висината на средниот водопад е 23 метри, а на првиот во низата е 21 метар. Тука се наоѓа и живописната Ѓаволска крштелница, езеро во кое на висина од три метри паѓа еден мал водопад.


Воронцовски пештери. Извор: Lori / Legion Media.

Овој геолошки споменик се наоѓа на 20 километри од населбата Хоста. Цената за влезница за возрасни е 2 евра, а за деца помлади од 10 години влезот е бесплатен.

Во близина на градот се наоѓаат Воронцовските пештери, еден од најголемите комплекси на подземни пештери во Русија. Нивната вкупна должина изнесува над 11 километри. Со археолошки ископувања научниците докажаа дека пред 15-20 илјади години во овие пештери живееле праисториски луѓе. А, многу порано на ова место се наоѓал океанот Тетис. 

Цената на влезницата во Пастрмскиот рибник за возрасни изнесува четири евра, за деца од 7 до 14 години – 1,5 евро, а за деца до седум години влезот е бесплатен. Еден килограм риба чини осум евра.

Воронцовските пештери денес се состојат од три основни дела, кои меѓусебно се поврзани со тесни тунели. Особено внимание кај посетителите привлекува галеријата со неверојатни димензии под назив „Прометеј“. Долга е 120, а висока 20 метри, на нејзините ѕидови и на сводовите извајани се различни варовни форми, скаменети реки, како и сталактити и сталагмити. Необично убави и хармонични форми природата создала во „Естрадната“ галерија или во „Галеријата со лустери“. Во неа се наоѓа камен подиум, како и „оргули“ од камен, кои при удар создаваат необични звуци. Во центарот на галеријата виси „лустер“, кој настанал со сложен процес на растворање и на таложење минерали.

Обичното возење со автомобил од Адлер до Краснаја Полјана може да се претвори во незаборавна авантура. На само неколку километри од аеродромот се наоѓа Пастрмскиот рибник познат во целиот Краснодарски крај. Тука можете да ловите риба колку што сакате или, пак, да ја купите. Тукашната неверојатно вкусна пастрмка со додаток на различни зачини и сосови ја подготвуваат готвачите во ресторанот „Кањон“, кој се наоѓа недалеку од рибникот. Понатаму патот води по течението на реката Мзимта, најголемата планинска река во регионот.


Ахца. Извор: Lori / Legion Media.

Видиковец – влезот е бесплатен. „Мечкино катче“ – цената на влезницата е две евра, за деца до десет години влезот е бесплатен. Водопад „Момински солзи“ – назима посетата е бесплатна.

Од видиковецот се отвора величествен поглед на клисурата Ахцу. Се зборува дека оваа глетка била инспирација за архитектите што го проектирале Централниот олимписки стадион во Сочи. 

На пет километри од населбата Кепшу се наоѓа хотелскиот комплекс „Мечкино катче“, познат по минералните извори. Ќе можете да видите пчеларници во кои дури и во најголемата зима патниците ќе можат да се поткрепат со планински мед и да се згреат со голтка лут пијалак. По самиот пат своите гости ги очекуваат бројни кафулиња и ресторани со кавкаски колорит.

Уште една локална знаменитост е водопадот „Момински солзи“, кој паѓа од карпите на височина од 13 метри.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња