Најголемата дина позата како Големиот Брат е висока околу 20 метри. Налето на ова место температурата се искачува до 50 степен според Целзиус. Извор: Geophoto.
Степите заземаат огромна територија на картата на Евроазија. Овие тревасти рамнини се простираат од Манџурија до самата делта на реката Дунав, и во минатото го носела името Големата степа. Тука порано се наоѓал Големиот пат на свилата. Степите биле дом за номадите – Скифите, Хуните, Монголците и многу други, кои ѝ ги подариле на светската историја имињата на основачите на Монголската Империја Џингис Хан и големиот освојувач Тамерлан. Новинарот на „Руска реч на македонски“ замина на патување по Астраханската област – еден дел од Големата степа, каде до денешен ден живеат потомците на древните освојувачи.
В периодот од VIII до X век територијата на денешната Астраханска област влегувала во состав на Хазарскиот канат, на брегот на Волга се наоѓала неговата престолнина Итил, која била разурната од киевскиот кнез Свјатослав во 965 година. Подоцна на оваа територија се населиле Половците, а во првата половина на тринаесеттиот век тука дошле Татаро-монголците, кои во 16 век биле потисната од страна на Иван Грозни, со што територијата на Астраханското ханство била присоединета кон Русија.
Степите се протегаат долж левиот брег на Волга по целата територија на Астраханската област сè до падот на раката во Каспиското море. Налето ова се рамнини изгорени од сонцето, кои се простираат до крајот на хоризонтот, на кои од време на време се сретнуваат песочни дини. Најголемата дина позата како Големиот Брат е висока околу 20 метри. Налето на ова место температурата се искачува до 50 степен според Целзиус.
Цената на една астраханска камила од калмичката раса чини околу 1.000 евра
Основна работа на номадите отсекогаш била сточарството. Во Астраханската област тоа останало, но станало домицилно. Во изолираните населби со пасишта и без електрична енергија и водовод тука се одгледуваат овци, крави, расни коњи и камили. Месните жители со право се гордеат с своите двогрби „степски бродови“: астраханските камили се едни од најкрупните на светов. Како и пред илјада години, тие се користат како средство за пренос на товар. Во степите живеат потомците на номадите – Калмиките, Казахасите, Ногајците и Туркменците. Освен нив на астраханската земја живеат Руси и Козаци, кои се мнозинство во овој регион.
Во астраханската степа патешествениците можат да сретнат овчари кои јаваат на големи кабарадински коњи и од едно до друго пасиште ги следат и по неколку илјади овци. Патникот во степата може да наиде на диви камили, на стада коњи и на Сајга антилопи, но и на глутница степски волци. Волците нанесуваат прилично голема штета на сточарството, така што нивниот отстрел е дозволен во текот на целата година. Но, тие не претставуваат никаква опасност за патешествениците, зашто глутниците волци живеат далеку од луѓето.
„Света гора“
Астраханската степа има и своја „голема тајна“ – светата гора Богдо („Света“), единствената возвишеност во Астраханската област. Гората има карактеристично црвена боја, има многубројни пештери, пукнатини и гребени. Според една древна легенда, двајца будистички верници тука испуштиле еден камен кој на грб го носеле од планината Тјан-Шан, така што овој камен засекогаш останал место за поклон на будистите од целиот свет.
Богдо. Извор: Lori / Legion Media.
Научното објаснување за оваа појава вели дека солта е виновна за настанувањето на оваа гора среде непрегледните рамнини. Всушност тоа е монолит од камена сол. Солта е полесна од карпите што ја покриваат и затоа постепено се подига нагоре, кревајќи ги со себе старите слоеви, формирани пред околу 250 милиони години.
Богдо е вистински музеј под отворено небо. Уште во 1845 година тука се пронајдени скаменети остатоци на древни водоземци, па дури и на ајкули. Целото подрачје сега го има статусот на „Богдинско-Баскунчански резерват“.
... и „Мртво море“
Вториот збор во називот на резерватот се однесува на соленото езеро Бакунчак кое се наоѓа на подножјето на гората. Солта во ова езеро е исклучително чиста (99.8 % NaCl) и во денешно време оттука се црпи 1.5 милиони тони сол годишно, што претставува 80% од вкупната експлоатација на сол во Русија.
Солта тука ја имало уште за времето на Големиот пат на свилата.
Во минатиот век за пренос на солта се користеле камили, а денес специјално за оваа намена е изградена Баскунчанската пруга.
Извор: Geophoto.
Тукашните жители веруваат дека Буда еднаш дошол на гората Богдо за да ги оплаче верниците кои на ова место го испуштиле каменот и дека од неговите солзи во подножјето на гората се создало езерото.
Солта од езерото е лековита. На брегот се наоѓа и лекувалиште. Луѓето доаѓаат на ова место за да се капат во езерото и да вдишуваат воздух богат со бром и со фитонциди. Слојот сол на дното од езерото е дебел 6 километри, а езерото уште се нарекува и „второ Мртво море“ заради лековитите својства и можноста да ги држи на површината добро нахранетите туристи.
Ракетен полигон
Полигонот Капустин Јар. Извор: mil.ru.
Првата балистичка ракета во Советскиот сојуз била тестирана во астраханската степа, на полигонот Капустин Јар. Тоа беше прочуената Фау-2, која Русите ја беа заплениле од Германците. Нешто подоцна оваа пустина виде лансирања на сателити и почувствува експлозии од нуклеарни бомби, бомбардирања и ракетирања од многу авиони и хеликоптери, како и тешки гасеници од стотина оклопни возила. Недалеку од Капустин Јар се наоѓа затворениот град Знаменск (порано тој се викал Капустин Јар-1). На љубителите на екстремниот туризам, локалните туристички агенции им нудат специјална екскурзија по поранешниот советски полигон.
... и престолнина на Ордата
Седум век пред појавата на тенковите Бату хан, внукот на Џингис хан, ја покорил половина Европа, а во 1242 година се вратил од западниот поход и останал на Волга, основајќи го на нејзиниот брег градот Сарај, престолнината на Златната Орда (80 километри северно од местото каде сега се наоѓа Астрахан). Градот бил разурнат во 1395 година за време на наездата на големиот средноазиски војсководец Тамерлан, а неговите урнатини останале под земја се до 18 век, кога научниците почнале да го проучуваат овој уникатен споменик, кој секој треба да го посети за време на патувањето.
Туристичкиот Сарај-Бату. Извор: Lori / Legion Media.
За снимањето на рускиот филм „Орда“ (2012) изградена е сценографија која ја доловува атмосферата на древната престолнина. На молба на жителите од овој крај сценографијата не е тргната по завршувањето на снимањето, така што „кулисите“ на градот Сарај денес претставуваат туристичка атракција.
Што да купите од Астраханската област
Бреговите на Волга се омилени места за риболов во цела Русија. Тука се ловат трофејни сомови, крапови, буцови и костури. Ако немате можност да ловите риба на Волга, задолжително купете си од тукашната сушена или свежа риба. Астраханскиот крај е прочуен и по лубениците, чија цена во сезоната (август-септември) може да падне и до 4 рубли (6 денари) за килограм. Во истиот период на Волга можете и да набљудувате како цутат лотосите.
Како да стасате
До Астрахан или до Волгоград може да се стаса со воз, со авион (цените на авиобилетите се движат од 5.000 рубли, односно 125 евра), со автомобил (1400/970 километри) или со туристички брод. Преку степата не е лесно да се патува пеш, па затоа ќе ви биде потребен коњ, исто како и пред илјада години, а во овој случај тоа ќе биде „оловен“ коњ кој може да помине насекаде. Во поголемите градови има рентакар служби, а се организираат и различни екскурзии.
Комплексни туристички маршрути по југот на Русија во принцип не подразбираат одење во астраханската степа. Затоа е најдобро да побарате специјална екскурзија низ астраханските степи (на пример, туристичката агенција SagaTours веќе има организирано вакви екскурзии за странци, а најниската цена за посета на степите со веќе споменатите дестинации, вклучувајќи и сместување во номадска јурта, изнесува само 300 евра).
Имајте предвид дека за да ги посетите гората Богдо и езерото Баскунчак потребна ви е дозвола за влез во пограничната зона (тука минува државната граница помеѓу Русија и Казахстан). Мошне е комплицирано странец поединечно да добие ваква дозвола, па затоа ви препорачуваме тоа да го сторите со помош на туристичка агенција, со тоа што во тој случај целата процедура трае околу 2 месеци, така што посетата на степата треба да биде испланирана однапред.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче