Спортските вундеркинди на Русија

Марија Шарапова со  главната награда на турнирот WTA во Пекинг, октомври 2014. Извор:  AFP / East News

Марија Шарапова со главната награда на турнирот WTA во Пекинг, октомври 2014. Извор: AFP / East News

„Руска реч“ ви ги претставува спортските вундеркинди кои успехот во сениорската конкуренција го постигнаа мошне млади. Шарапова, Кириленко, Аљошин и Акинфеев зборуваат за тајната на својот успех.

Според бројот на спортски вундеркинди во Русија, без сомнеж, на прво место е уметничкото лизгање. Двократниот олимписки шампион Евгениј Пљушченко своите први награди во сениорска конкуренција ги освои уште во 1998 година, кога на 15-годишна возраст стана најмлад носител на титулата европски и светски шампион. Ирина Слуцкаја, двократна добитничка на олимписки медал, својот прв турнир во сениорска конкуренција (Nebelhorn Trophy) го освои на само 14 години.

Марија Шарапова (тенис)

Едноставно се чувствувам како Русинка, тоа е длабоко во мене. Кога доаѓам тука (во Русија – заб. ред.), се чувствувам како конечно да сум се вратила дома. Сум имала многу можности да се откажам од државјанството, да земам пасош од некоја друга земја и да ја заборавам својата татковина. Во извесна мера на тој начин многу работи би ми биле поедноставни. Но, никогаш, дури ни за миг, не сум помислила дека можам да го сторам тоа.

Во последниве дваесетина години во Русија се појавија неколку тенисерки кои својот успех го доживеала на рана возраст. Најистакната претставничка од оваа плејада е освојувачката на сребрениот олимписки медал Марија Шарапова. Мартина Навратилова, која во 6-годишното девојче виде натпросечен талент, уште во 1993 година го предвиде нејзиниот спортски успех. По една година Маша со татка си се пресели во САД, за да го продолжи своето образование во тамошните тениски академии. 

Во ноември 2000 година, кога имаше само 13 години, Шарапова го освои јуниорскиот турнир „Еди Хер“ за тенисерки до 16 години и ја доби наградата „Ѕвезда во искачување“ како „исклучително перспективна спортистка“. Само четири години подоцна Шарапова сензационално победи на Вимблдон и стана првата Русинка што го има освоено овој трофеј. Во финалето таа ја совлада актуелната шампионка на Вимблдон Серена Вилијамс. Шарапова ја порази Вилијамс и на крајот на таа сезона во финалето на завршниот турнир WTA. На 22 август 2005 година Марија стана првата Русинка која го зазела првото место на WTA-листата. Во 2012 година, пак, на Олимпијадата во Лондон таа стана првата жена-носител на олимписки медал во рускиот и во светски тенис.

Андреј Кириленко (кошарка)


Играчот на тимот „ Minnesota Timberwolves“ Андреј Кириленко од Русија (лево) и Харисон Барнс, играч на „Golden State Warriors“ во првото полувреме на кошаркарскиот натпревар на НБА одржан на 16 ноември 2012 во Минеаполис. Извор: AP

Кога бев дете имав само еден пар патики за една сезона. Доколку се скинеа, моравме да ги шиеме и да ги крпиме. Сега, пак, имам повеќе одошто ми требаат!  Во НБА по секои три натпревари добиваме нови патики. Ни ги носат во големи пакети. Ако сакаш, можеш и на секој тренинг да носиш нови.

Во руската кошарка вундеркиндите се реткост. Спортот кој го создаде Џејмс Несмит, во Русија не спаѓа меѓу најпопуларните. Затоа успехот на Андреј Кириленко, кој во јануари 1997 година со неполни 16 години заигра за главниот тим на „Спартак“, е попрво исклучок, одошто правило. Пет години подоцна руската кошаркарска ѕвезда преку ЦСК премина во НБА-лигата. Во екипата на „Јута Џез“ мина 10 сезони, стекнувајќи репутација на најдобар универзален играч во лигата. Во овој период Кириленко (прв меѓу Русите!) учествуваше на „Натпреварот на ѕвездите на НБА“, го освои златото на Европското првенство 2007, беше најкорисен играч (MVP) на турнирот таа година, а ФИБА го прогласи за „играч на годината“ на стариот континент. На списокот на неговите одликувања е и еден олимписки медал – бронза од Лондон 2012.

Михаил Аљошин (трки со автомобил) 


Михаил Аљошин пред трката на руската патека од Формула Рено 3.5 серијата одржана на Московското тркалиште Извор: Виталиј Белоусов / РИА Новости

Хемингвеј рекол дека за спортови ги признава само коридата, алпинизмот и автомобилските трки, а дека сето останато се игри. Се чини дека во извесна смисла би требало да биде така. Трките треба да бидат ризични, а оние што учествуваат во нив на професионално ниво треба да бидат свесни за степенот на опасност. Во Европа оваа опасност денес не е толку очигледна како тука (во серијата Индикар – заб. ред.).

Во рускиот автоспорт отсекогаш имало многу млади перспективни возачи. Но, поради недостигот од финансии поголемиот дел од нив останале непознати за љубителите на овој вид спорт во странство. Михаил Аљошин имаше повеќе среќа. На 11 години стана првак на Русија во картинг, а на 14 дебитираше во руската „Формула-1600“ (освои два пласмана на подиумот и го зазеде петтото место во генералниот пласман во 2001 година). Две години подоцна Аљошин веќе возеше во германската „Формула Рено 2000“. Тука му беа потребни неколку години за прилагодување, а потоа следуваше прекрасната сезона 2005: победа, пол-позиција, седум пласмани на подиумот и второ место во генералниот пласман. Потоа – следно ниво: светската „Формула Рено 3,5“ и победа во поединечен пласман во 2010 година (меѓу возачите со кои се натпреваруваше таа година беа Даниел Рикардо и Жан Ерик Верн). Следуваа тест-возења за тимот „рено Ф1“. Се чинеше дека патот кон „Формула 1“ му е отворен. Но, парите и понатаму беа проблем. Кариерата фактички му беше стопирана... Сè дури Аљошин не се реши на ризичен потег: да премине преку океанот, во американската „Индикар“ серија, со што стана првиот Русин кој учествува на ова натпреварување. Тимот „Schmidt Peterson Motorsports“ не спаѓа меѓу фаворитите на оваа серија, но во натпреварот „Гран-при Хјустон“ двата негови возачи, Французинот Симон Пажено и Русинот Михаил Аљошин, му ја донесоа првата двојна победа во историјата.

Игор Акинфеев (фудбал)


Игор Акинфеев за време на тренинг на стадионот „Новели Џуниор“ во Иту, Бразил, 2014. Извор: Александар Виљф / РИА Новости

Секогаш го имам истиот мотив – желбата да играм фудбал. Не можам да замислам дека човек кој не го сака фудбалот би ги минал сите етапи, да игра за јуниорите, во резерва, во прва постава, да одигра неколку стотини натпревари. Не станува збор само за парите и за славата, станува збор за огромен труд. Ако го сакаш фудбалот и си подготвен да работиш до истоштеност, тогаш имаш шанси за успех. Поинаков рецепт не постои. 

Работата на фудбалски голман е мошне специфична. Тука без стабилна психа не може ништо да се направи. А, кога на теренот ќе излезат добри противнички играчи, ниту психата не ви е доволна. Потребен ви е и исклучителен талент за да не се поколебате и да не бидете буквално згазен. Затоа во руските екипи врвните млади голмани се вистинска реткост. Но, сево ова не се однесува на Игор Акинфеев, кој со неполни 17 години го одигра првиот натпревар за тимот на ЦСК. Ова се случи на 29 март 2003 година во Санкт Петербург, на натпреварот за Купот на Русија против „Зенит“. Игор излезе на теренот во второто полувреме, кога резултатот беше 0:2 и успеа да ја сочува мрежата недопрена. Два месеци подоцна дебитираше во руската Премиер лига протива „Крилата на Советите“. Игор повторно не прими гол, а на крајот од натпреварот одбрани пенал. Веднаш потоа следуваше повик за репрезентацијата на Русија... Акинфеев за националната селекција првпат играше во април 20004 година, кога имаше 18 години, со што стана најмлад дебитант меѓу голманите во историјата на руската репрезентација.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња