Волонтерски записи: Алтернативна реалност

Извор: Михаил Мордасов

Извор: Михаил Мордасов

Сè си оди по својот редослед. Сите наоколу навикнаа на овој чуден ритам на животот, и се чини, дека отсекогаш било така: рано станување, бесконечни патувања со воз и со автобус, безброј прегледи од страна на службите за безбедност, натпреварувања, враќање дома доцна, постојано чувство на пријатен замор...

Многумина мои пријатели се согласни во една иста работа: никој од нас не може да си претпостави како ќе се вратиме назад во реалниот живот. Сочи создава чувство на постоење во алтернативна реалност, каде не постојат нашите секојдневни проблеми, каде нема работа, нема учење, ги нема секојдневните трчкања, ами има нови обврски и нови разоноди. 

Ова чувство се зголемува и поради чувството на целосна безбедност. Пред почетокот на Олимписките игри многу се разговараше на оваа тема, и сите наоколу беа загрижени за себе и за своите блиски. Познавам луѓе кои се откажаа од одењето во Сочи исклучиво поради тоа што не можеа да поверуваат дека настанот ќе биде прилично безбеден. Сепак, кога доаѓаш тука, сфаќаш дека секое чувство на загриженост во однос на ова прашање е попусто. Целиот простор на кој се одржуваат Олимписките игри како во Сочи, така и на Краснаја Полјана, е направено така што на него не може да се најдат излишни или случајни луѓе. По неколку дена се навикнуваш на постојаните прегледи и на проверката на акредитацијата, и кога грижата ќе спадне, останува само цврстото сфаќање за тоа дека се наоѓаш на можеби најбезбедното и на најзаштитеното место на планетава во моментов. Дури и острите јазици на новинарите брзо престануваат да се исмеваат на тоа дека на автобусите, кои одат од објект до објект, секој пат им се ставаат пломби, за да не се дозволи влегување на други луѓе или за да не влезат некакви туѓи предмети. Смешно, да, ова е повод да се направи шега, но со почетокот на целосната работа дополнителен безбедносен преглед станува раскош што не можеш да си го дозволиш, па затоа е подобро да се возиш во запечатени автобуси, одошто да доцниш поради дополнителни проверки. 

Необичноста на она што се случува престануваш да ја забележуваш, и работите кои во обичниот живот ти се чинеле чудни, стануваат норма. Повеќе никој не се чуди на тоа што началникот на соработниците од транспортот им дава информации за измената на распоредот на движење на автобусот, а на крајот, без да го измени тонот, додава „... нека им е честита победата на сите“. Единствено нешто кое се провлекува низ сознанието е прашањето: која е таа победа од сите што се случуваат во дадениот интервал? Впрочем, нека е честит почетокот на мечовите по хокеј, ова прашање отпаѓа како непотребно.

Повеќе никој не се чуди на гласните расправии во прес-центарот околу далечинскиот управувал за телевизорот, што двајца новинари не можат да го поделат, решавајќи што да се гледа – санкање или уметничко лизгање. Повеќе никој не се чуди што поради извиканото уметничко лизгање ни дозволуваат малку да задоцниме на смена, за да можеме барем до половина да ги видиме настапите. Сосема нормална работа стана на автобуските постојки да среќаваш луѓе од светот на медиумите и на спортот, на кои им се восхитуваш, па дури не зачудува и кога ќе видиш акредитација на име кое толку добро го знаеш. Никој не обрнува внимание на тоа што распоредите на работните обврски со цимерот толку многу не се совпаѓаат, што постојат луѓе кои воопшто не се познаваат, не знаат како изгледа човекот што спие во соседниот кревет. 

Сега сето ова е нашиот обичен живот. Барем до крајот на Олимписките игри.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.