Каде завршува снегот од руските улици и патишта?

Наука и технологија
ДМИТРИЈ ЛИСОВСКИ
Оваа зима сигурно ќе биде остане забележана како една од најснежните во средниот климатски појас на Русија во последните неколку години. Виулици и снежни бури ги затрупуваат Москва, Петербург и другите големи градови со обилни врнежи.

Над 150 илјади луѓе и 14 илјади машини беа потребни за расчистување на снегот во јануари, се наведува во соопштението на комуналните служби на Москва. Речиси секојдневно од снегот се чистеа тротоарите, патиштата и покривите на куќите. Но, каде оди целиот тој снег кога ќе се расчисти од улиците?

Класичниот метод за отстранување на снегот е да се однесе на полигон надвор од градот, каде што се собира и постепено се топи кога ќе се стопли времето. Ваквите места намерно се избираат далеку од градот за да не им прават проблеми на граѓаните. Недостатокот на овој метод е тоа што е неопходно камионите да го возат снегот низ целиот град, што го оптоварува сообраќајот. Покрај тоа, тоа е скапо поради употребата на специјална техника и ангажирањето на возачи. Затоа за поефикасно чистење во најголемите градови во земјата како Москва, Петербург и Казан, се користи техника за топење на снег.

Во суштина, тоа се големи уреди кои прво го филтрираат донесениот снег од нечистотии и отпадоци, а потоа го прелеваат со топла вода и го истураат во канализацијата. Целиот процес е многу ефикасен. За 3-4 минути уредите можат да стопат и до десет тони снег.

Пунктовите за топење на снег заштедуваат време и ги намалуваат трошоците за чистење снег, но се многу скапи: 1-5 милиони рубли (11-15 илјади евра). Цената зависи од брзината на станицата и количината на снег што може да ја прими одеднаш. Во Москва на територијата на градот работат 49 уреди, а во Санкт Петербург 18.

Покрај тоа, снегот има својство да ги апсорбира штетните материи од атмосферата. На пример, нечистотиите од автомобилски издувни гасови. Во процесот на топење тој ги загадува почвата и водата со тешки метали, па дури и со нафтени деривати. А пунктовите за топење на снегот, опремени со комплетен циклус на прочистување, овозможуваат да се избегнат овие негативни ефекти, што секако е благотворно за екологијата на градот.

„Денес вкупната количина на исчистен снег поминува низ комплетен циклус на прочистување и се испушта како чиста вода во Финскиот залив“, објаснува Владислав Пономарјов, раководител на прес-службата на претпријатието „Водоканал на Санкт Петербург“. Оваа институција е одговорна за функционирањето на овие пунктови.

Во текот на последните неколку години во Санкт Петербург и во Москва се комбинираат и двата методи на чистење снег: покрај техниката за топење снег, се прават и мали полигони. Кога има невреме таму се носи снегот од околните реони со цел што поскоро да се расчистат улиците без да се губи време за транспорт.