10 најневеројатни парчиња самородни минерали од Русија (ФОТО)

Наука и технологија
АНА ПОПОВА
Како изгледаат „Срцето на џинот“ или „Ирендичката мечка“, колку тежи „Уралскиот џин“ и кој го направил „Мефисто“? Дознајте повеќе за најинтересните парчиња самородни минерали пронајдени во Русија.

1. „Големиот триаголник“

Никогаш премногу злато. Ова најдобро го потврдува најголемото елементарно злато тешко 36,15 килограми кое го пронашол работникот Никифор Сјуткин во 1842 година на Јужен Урал. Одвај го подигнал од јамата: на изглед мал, каменот постојано го влечел својот пронаоѓач кон земјата. Ова парче самородно злато називот го добил поради триаголниот облик. Сјуткин се збогатил од ова пронаоѓање во Царево-Александровото наоѓалиште на реката Ташкутарганка. Добил 1.266 сребрени рубли, додека рударите во тоа време заработувале 15 рубли годишно.

2. „Срцето на џинот“

Најголемото парче самороден килибар во Русија е пронајдено во шеесеттите години од минатиот век во Калининградската област во Приморскиот коп. Тежината на овој огромен Сончев камен е 4,28 килограми! Пред неколку години каменот имаше сопствена страница на социјалната мрежа ВК, на која во негово име се опишуваа „здодевните денови на најголемиот килибар во Русија“. А, кога стана „медиумска личност“; модаше да добиме и име: така стана „Срцето на џинот“. Овој скапоцен експонат на Калининградскиот обласен музеј има и свој роденден: 9 јули.

3. „Ирендичка мечка“

Понекогаш самородните парчиња минерали самите им се „фрлаат“ на луѓето под нозе – тоа се случило и со „Ирендичката мечка“, парче елементарно злато пронајдено во 1992 година и тешко 4,78 килограми. Недалеку од башкирското село Кусеево возачот на трактор Радик Утјагулов запрел за да го наполни резервоарот со гориво и видел блескава нерамна плоча. Неколку недели ја носел во тракторот, сѐ дури таткото на Радиков не се сетил дека порано во тој крај имало наоѓалишта на злато. Постојат неколку верзии за тоа како настанала златната „мечка“. Според една, ова парче е самородно злато кое исчезнало за време на превозот во 1920 година. А, според друга, тоа е еден од даровите на Башкирите за Иван Грозни: карванот со подароци го нападнале разбојници, но некој стасал да го закопа парчето злато и дури на крајот од 20 век тоа е случајно најдено и со плуг е извлечено од земја.

4. „Уралски џин“

Најголемото парче самородна платина во Русија е пронајдено во 1904 година на Исовското наоѓалиште во близина на градот Нижни Тагил. Тежината на ова не многу големо, но масивно парче е импресивна – дури 1,86 килограми! Донесен е на дворот и на златна тацна е изнесен пред Николај Втори.

5. „Мефисто“

Малото парче елементарно злато тешко само 20,15 грама и високо три сантиметри необично потсетува на Мефисто. Профилот на извиен нос, остра брада и со капа изглед како самата природа да извајала портрет на злиот дух. За да се провери неговото потекло заседавала посебна комисија. Таа потврдила дека човек тука нема вмешано прсти.

6. „Бикова глава“

Копачите од Спасо-Преображенското наоѓалиште Источните Сајански планини во 1898 година буквално случајно налетале на огромно парче самородно злато тешко 31,6 килограми. Им лежело под нозете. Откако виделе златно преливање на камен, решиле со никого да не го пронајдат, но еден од копачите не издржал и ѝ кажал на жена си, а потоа за парчето дознале сите во наоѓалиштето. Каменот им бил одземен, но не ги карале, туку им дале по две илјади рубли награда.

7. „Зајачки уши“

Вредноста на парче самороден минерал не секогаш зависи од тежината, туку понекогаш и од неговата чистина. Работникот Пјотр Симонов во 1935 година кај вратата на работилницата во населбата покрај уралското наоѓалиште „Ленински“ пронашол парче злато со интересен облик, сличен на глава на зајак со кренати уши. Во споредба со рекордерите како што е „Бикова глава“, ова парче можеби и не е големо (само 3,34 килограми), но затоа е мошне чисто – 932 (што значи дека содржи 93,2% чисто злато).

8. „Елка“

Необични облици добиваат парчиња самородно злато кои се формирале во стеснети услови. На пример, дендрит од елементарно злато пронајден во 1952 година на Урал потсетува на елка. Парчето е мошне мало – само 10 сантиметри високо и тежи 199 грама. Но, меѓу дендритите оваа „Елка“ е вистински џин.

9. Самороден бакар

Облик на самородни парчиња немаат само благородните метали. Таков може да биде и бакарот. Во 1959 година на Тајметското наоѓалиште во Горна Шорија (Кемеровска област) пронајдено е парче самороден бакар. Џиновското парче тешко над три тони и високо три метри денес се наоѓа на влезот на Геолошкиот музеј во Новокузнецк.

10. „Демидовски“

Николај Први во 1827 година добил на изглед непривлечен подарок: самородно парче платина тешко 4,3 килограми. Пронајдено е недалеку од Нижнотагилскиот завод, но далеку од наоѓалиштата на платина. Императорот бил толку импресиониран што наредил самородното парче да се врати на сопственикот на заводот Николај Демидов со барање овој пронајдок да не смее да ја напушти територијата на Русија. Во 1831 година сместен е во музејот на Геолошката кадетска школа во Петербург.