Мистеријата на алтајската принцеза или сибирската ледена девојка

Уметничка реконструкција на ликот на „сибирската ледена девојка“ направена од Екатерина Шардакова

Уметничка реконструкција на ликот на „сибирската ледена девојка“ направена од Екатерина Шардакова

Хотел „Царскаја охота“
Се верува дека мумијата на тетовираната скитско-сибирска благородничка од висорамнината Укок поседува натприродни моќи, а во музеј е ставена поради нејзината научна вредност.

Рускиот археолог Наталија Полосмак и нејзиниот тим во 1993 година открија древна гробница на висорамнината Укок во регионот на Алтајските планини во близина на руската граница со Кина.

Висорамнината Укок

Содржината на гробницата била окована во мраз. Додека археолозите внимателно го топеле мразот, почнале да забележуваат гроб на некоја многу важна личност. Имено, шест коњи во полна опрема биле жртвувани и закопани покрај дрвен ковчег направен од стебла од ариш. Во ковчегот било пронајдено тело на млада жена во неверојатно добра состојба - биле видливи дури и тетоважите на нејзината кожа.

Археолозите го пренеле телото во Новосибирск на дополнително испитување. Сепак, тоа предизвика незадоволство кај староседелците на Алтај. Тие и понатамѕ веруваат дека „принцезата од висорамнината Укок“ или, како што ја нарекуваат во печатот на англиски јазик, „сибирската ледена девојка“, е мистериозниот чувар на Алтај и заштитничка од злите сили. Локалните жители тврделе дека „принцезата“ е предок на Алтајците и дека мора да биде вратена на местото каде што била погребана.

Дали навистина била принцеза?

Реконструкција на погребот на „алтајската принцеза“

Телото на жената, внимателно балсамирано со тресет и кора од дрво, е поставено на страна како да спие. Била млада и главата ѝ била избричена, но носела перика и висока шапка. Била висока 167 сантиметри. Некои племенски тетоважи со прикази на животни се задржале на нејзината бледа кожа: животни со рогови кои преминуваат во цветни форми.

Тетоважите на принцезата

Тетоважите на принцезата

Сандакот е направен доволно голем за да ја смести шапката од филц висока 90 сантиметри што ја имала на глава. Исто така, била облечена во долг волнен фустан со црвени и бели пруги и имала долги бели чорапи од филц. 

Уметничка реконструкција на ликот на „принцезата од висорамнината Укок“ направена од Екатерина Шардакова

„Принцезата“ припаѓала на Пазиричката култура. Луѓето од оваа култура, група скитски номадски племиња, живееле во Алтајските планини од VI до III век п.н.е. Но, како телото е толку добро сочувано?

Се случило многу гробници од Пазиричката култура да бидат поплавени, најверојатно поради подземните води, а потоа да се замрзнат на ниските температури што владееле таму. Така што се зачувани остатоци се во исклучително добра состојба. Во текот на 20-те години кои „принцезата“ ги помина во Новосибирск, научниците детално го проучија нејзиното тело и ги објавија своите наоди.

Балсамираното тело било погребано најмалку три месеци по смртта. Сето тоа време мистериозната жена играла посебна улога во животот на племето. На пример, била ставана да седи на некои столчиња, што може да се заклучи од трагите на нејзиното тело. Притоа комплицираната и долга церемонија на балсамирање укажува на исклучителниот статус на починатата. Меѓутоа, научниците ја отфрлаат можноста дека се работи за „принцеза“.  

„Не би било во ред да ја наречеме принцеза. Таа не била принцеза, туку претставничка на средниот сталеж на пазиричкото општество“, изјави во 2012 година за списанието „Експерт Сибир“ археологот Вјачеслав Молодин, академик на Руската академија на науките.

Жена-шаман

Уметничка реконструкција на ликот на „принцезата од висорамнината Укок“ направена од Екатерина Шардакова

Гробницата на „алтајската принцеза“ не била толку голема и богато украсена како некои гробници на пазиричкото благородништво во истиот реон. Но, она што е уште позначајно, нејзиниот гроб бил одделен од аристократските.

Во древните култури таквите одвоени погребувања биле вообичаени за жените чија професија барала целибат. Според научниците, таа веројатно била исцелителка или шаман. Повремено вдишувала испарувања на бакар и жива што е утврдено со хемиска анализа), а тоа најверојатно било поврзано со одредени ритуали. Тие испарувања секако биле штетни за здравјето на жената. Но, тие не ја предизвикале нејзината смрт. Тогаш од што умрела „принцезата од висорамнината Укок“?

Мистеријата беше решена дури по 2010 година со помош на компјутерска томографија (КТ скенер). Испитувањето покажа дека девојката боледувало од рак на дојка од кој починала во рок од три години. Во моментот на смртта имала 25 години. Тестирањето на ДНК покажа дека „принцезата“ е генетски блиско поврзана со денешните Селкупи и Кети, домородни сибирски племиња чии потомци и денес живеат во Русија.

Реконструкција на ликот на „принцезата од висорамнината Укок“

Во 2012 година мумијата беше вратена на Алтај, но не во нејзината гробница. „Додека шаманите изведуваа ритуали на местото каде што е ископана, челниците и најстарите претставници на домородниот народ ја испратија во реновираниот Национален музеј на Алтај во Горно-Алтајск, уметничко-историски музеј кој ги негува алтајската култура и различноста во Русија“, напиша Гертјан Плетс за магазинот „Post-Soviet Affairs“ во 2019 година.

Подготвување на мумијата за враќање од Новосибирск на Алтај во 2012 година.

„Принцезата од висорамнината Укок“ се врати на Алтај. Во музејот е сместена во посебна просторија согласно верувањата на староседелците на Алтај и се наоѓа во реплика на ковчегот во кој првично беше пронајдена. Посетителите можат да ја видат само неколку пати во годината, бидејќи постојаното изложување на светлина може да ги оштети останките. Во останатите денови е изложена верна копија на гробницата која прикажува како „принцезата“ можела да изгледа во времето кога го напуштила овој свет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња