Првично се претпоставуваше дека токму кросоверот ќе биде најбараниот и најпопуларниот модел. Сега ситуацијата се промени, раководството на компанијата смета дека седанот и кросоверот се подеднакво важни што се однесува до маркетингот. Но, Komendant секако ќе биде важен модел во промовирањето и развојот на брендот.
Првиот прототип на кросоверот беше готов уште во пролетта 2019 година, а оттогаш овие камуфлирани автомобили во повеќе наврати беа видени на тестирања, но премиерната промоција неколкупати беше одложувана. На крајот на минатата година беше издадено одобрение за тип на превозно средство за партија од 150 возила.
Aurus Komendant има индустриски индекс 4124, направен е на истата Единствена модуларна платформа како и седанот Senat (индекс 4123) и минивенот Arsenal (индекс 4125) кој се прави во мал тираж. Кросоверот е најкраток во семејството Aurus: долг е 5380 mm (252 mm пократок од Senat), а меѓуоскиното растојание е 3100 mm (200 mm пократко од седанот). Широк е 2004 mm, висок 1820 mm (131 mm повисок од седанот). Во однос на димензиите, Komendant е сличен на автомобилите Rolls-Royce Cullinan (долг 5341 mm) или Cadillac Escalade (долг 5382 mm).
И покрај надворешната сличност со седанот, Komendant има различни челни панели во предниот дел на каросеријата. Има свои фарови, па дури и хауба. Стандардните тркала се со дијаметар од 20 инчи. И ентериерот на кросоверот е генерално ист како оној на седанот. Сè е унифицирано - и инструмент-таблата, и воланот, инструментите, класичниот селектор на автоматскиот менувач, копчињата и рачките. За декорација се користени скапи материјали, вклучувајќи природна кожа и дрвен фурнир.
Кросоверот има два реда седишта, но ќе има и верзија како со заден ред седишта со три места, така и со одвоени седишта. Во вториот случај, во масивниот централен бокс се скриени масички на расклопување, а седиштата се електрично прилагодливи. Не е предвидена трансформација на задниот ред на седишта, т.е. не можат да се спуштат потпирачите на седиштата за да се зголеми багажникот.
Технички гледано, Komendant ги има речиси истите компоненти како и другите возила Aurus, и има хибриден погон. Бензинскиот мотор НАМИ V8 4.4L со директно вбризгување и двоен турбо полнач користи бензин АИ-98 и има 598 КС и 880 Nm вртежен момент. Во автоматскиот менувач KATE со девет брзини е вграден синхронизиран електричен мотор со максимална моќност од 63 КС (номиналниот поврат е 38 КС).
Литиум-јонската тракциона (влечна) батерија на фирмата Enertech не е поставена во зоната на задниот препуст како кај седаните, туку над задната осовина. Капацитетот на батеријата е 16 Ah, а работниот напон е 220-361 волти. Komendant има хидрауличен серво волан, вентилирани диск сопирачки на сите тркала и погон на сите тркала со синџир во разводната кутија и електронски контролирана електромагнетна спојка за поврзување на предната осовина.
Кросоверот технички се разликува од другите возила Aurus само по пневматската суспензија наместо стандардните пружини. Клиренсот во стандардната положба е 230 mm, но може да се намали на 215 mm, а во off-road режим може да се зголеми на 260 mm. Максималната дозволена маса на возилото според одобрението за тип на превозно средство е 3495 кг, што е дозволениот максимум за „патничка“ категорија. Вкупната маса на возилото е 3235 кг, т.е. декларираната носивост е само 260 кг. Не е предвидена кука за приколка.
Производството на кросоверот во фабриката во Елабуга е планирано за почетокот на 2023 година. Капацитетот на фабриката е 5000 автомобили годишно. Komendant е поевтин од „Сенат“. Најавената почетна цена е 33,7 милиони рубљи (моменталниот курс е 55 рубли за 1 евро). Седанот сега чини најмалку 36,6 милиони рубли, а просечната цена по која се продава е 38,3 милиони рубли.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче