Како СССР стана лидер во производството на струја со помош на енергијата на ветрот (ФОТОГРАФИИ)

Наука и технологија
АНА СОРОКИНА
Болшевиците не водеа толку многу грижа за екологијата. Поважно им беше тоа што енергијата на ветрот е бесплатна.

Денес, ветроенергетиката е популарна во целиот свет како еколошки начин за добивање електрична енергија. Моќноста на ветерните турбини се зголемува од година во година и изнесува стотици гигавати. Во Европа, на пример, ветерниците веќе произведуваат 16% од вкупната енергија, а во некои земји како Данска тој показател е близу 50%.

Денес во Русија енергијата на ветерот не е многу распространета. Нејзиното учество во вкупното производство на електрична енергија изнесува само 1% (со тоа што во 2020 година моќноста на ветерните турбини е тројно зголемена). Меѓутоа, пред сто години, советските научници имаа голем ентузијазам во поглед на користењето на ветрот за таа цел.

Ветерни турбини во далечните подрачја

Електрификацијата на земјата беше една од глобалните задачи на болшевиците по револуцијата во 1917 година. Во тоа време, мал број електрани работеа на тресет, јаглен и нафта. Беше јасно дека драстично зголемување на производството на електрична енергија не е возможно без некој нов извор кој би бил поевтин и би можел да се користи обилно. Така, научниците обрнаа внимание на енергијата на водата и ветерот. Се покажа дека хидроелектричната енергија е поефикасна, па затоа и зазеде значајно место во снабдувањето со енергија на СССР (денес, 20% од енергијата во Русија се произведува во хидроцентралите), но големи надежи се имаше и во ветрот.

Во Москва 1918 година е основан Централниот аерохидродинамички институт, каде што беа конструирани првите сериски ветерни турбини со моќност до 30 киловати. Во споредба со современата техника, толку струја би била доволна за еден фрижидер да работи месец дена.

Во домаќинството, таквите мали генератори беа од голема корист. Ги имаше во оддалечените подрачја на СССР, на пример во Бурјатија и на станиците на Северниот морски пат. Се користеа за полнење акумулатори, се напојуваа радиодифузни станици и се осветлуваа куќи. Беа изградени неколку илјади мали електрани со ветерници.

И други проектантски бироа конструираа ветерни турбини. На пример, во 1931 година кај Балаклава (Крим) се појави ветерна електрана од 100 киловати, што беше прилично голема сила за тоа време.

Сега индустриските ветерни турбини имаат моќност од 6-8 мегавати, но пред еден век и 100 киловати беа големо достигнување.  

Балаклавската ветерна турбина беше тешка 9 тони, пречникот на пропелерите изнесуваше 30 метри. Ја измисли Јуриј Кондратјук, еден од пионерите на космонаутиката (тој, меѓу другото, ја пресмета траекторијата на летот на Месечината) кој се занимаваше и со проектирање на електрани на ветер.

Генераторот на Крим ја напојуваше целата трамвајска линија Балаклава - Севастопол. Меѓутоа, за време на Втората светска војна, и генераторот и линијата беа уништени во артилериски напад. Кон средината на 1930-тите, постоеше и проект за изградба на електрана на ветер на Крим во близина на врвот на планината Ај Петри, но тој не беше реализиран.

Ветерна турбина како туристичка атракција

Главниот проблем на првите ветерни електрани беше немањето систем за складирање на енергијата, што значи дека кога нема ветер, нема ни струја. Анатолиј Уфимцев, самоук пронаоѓач од Курск (југот на Русија), се обиде да ја реши оваа задача. Во неговата стара куќа сè уште се чува генераторот на ветер со акумулатор во вид на диск, кој тој го направи во 1931 година. Парите за тој проект ги издвои Централниот аерохидродинамички институт, како и познатиот советски писател Максим Горки.

Генераторот на ветер на Уфимцев произведуваше енергија со која се осветлуваа неговата работилница, куќата и делот од улицата каде што се наоѓаше. Генераторот функционираше и по смртта на неговиот пронаоѓач 1936 година, па дури и за време на германската окупација. До 1957 година го одржуваше локален механичар кој исто така учествувал во неговата изградба. После тоа генераторот мораше да биде запрен поради дотраеност на одредени делови и никогаш повеќе не беше стартуван. Куќата на Уфимцев денес е на листата на туристички атракции на Курск и ги привлекува љубителите на необична техника.

Енергијата на ветрот во служба на социјализмот

Со развојот на енергетиката станаа очигледни недостатоците на ветерните турбини во споредба со енергијата на водата, атомот или гасот, но сепак енергијата на ветрот секогаш се користеше кога и да беше потребно, на пример, во индустријата и големите градежни потфати на Крајниот Север и на рускиот Далечен Исток.

Потоа, во 1973 година се појави државна програма за развој на енергијата на ветерот.

Еден од првите целосни ветерни паркови се појави кон крајот на 1980-тите на островот Сарема (Естонија). Имаше 64 ветерни турбини и снабдуваше со енергија цела фабрика за преработка на риба.

Тогаш беше конструиран и генераторот „Радуга-1“ со моќност од еден мегават. Копија од тој генератор е зачувана во Калмикија (југот на Русија). Работеше до 2014 година, а сега е запуштена.

Претпријатието „Ветроен“ правеше мали ветерни турбини за домаќинствата, кои беа наречени „Ромашка“ („Камилица“).

Некои од тие уреди сè уште може да се видат на викендички надвор од градовите, и тоа се главно ветерници кои се користат за црпење вода. „Работат деноноќно и бесплатно“, пишува корисник на една таква пумпа. „Подигаат вода на длабочина од 8 метри од бушотина или бунар“. Тој вели дека предноста на овој уред е во тоа што е безбеден, бидејќи нема делови што би можеле да се запалат.

Во СССР во 1989 година беше усвоена комплексна програма за користење на алтернативна енергија, но таа не беше реализирана бидејќи земјата набрзо се распадна.