Русија ја претстави својата најмоќна снајперска пушка DXL-5

Legion Media
Ова оружје ќе биде модернизирано пролетта 2022 година и ќе има дострел од 7 километри.

Кон крајот на ноември 2021 година корпорацијата Lobaev Arms ја претстави DXL-5, најмоќната снајперска пушка во Русија, според зборовите на основачот на компанијата Владислав Лобаев.

Оружјето користи муниција со калибар .50 BMG, која е популарна во армиите на НАТО и која ја користат снајперистите за елиминирање на лесно оклопна техника на дистанца од два километри.

„Ова оружје од таа дистанца може да исфрли од строј, на пример, „Хамви“ (Humvee) доколку неговиот противоклопен куршум го погоди неговиот мотор“, вели Јуриј Синичкин, водечки инженер на корпорацијата Lobaev Arms.

Тој додава дека пушката DXL-5 е посоодветна за гломазни цели отколку за жива сила на бојното поле, бидејќи калибарот .50 BMG е посилен од калибарот на другите снајперски пушки, но не е толку прецизен како калибарот .375 или .408 Chey Tac.

„Штотуку го реализиравме нашето прво тестирање на стрелиште. Оружјето покажа прецизност помала од 1 MOA (аголна минута, означува дека отстапувањето меѓу 3 куршуми на 100 метри растојание е помало од 3 см)“, рече инженерот.

Во моментов се прават неколку снајперски пушки DXL-5 за клиент од Блискиот Исток. Компанијата има и проектантски цртеж на нова пушка направена врз база на моделот DXL-5 која ќе може да погодува цели на дистанца од седум километри. Новото оружје ќе биде направено напролет и ќе биде испратено на тестирање.

„Ќе ја модифицираме пушката и ќе користиме нови хиперсонични куршуми што ги направивме специјално за неа. Тестирањето ќе биде направено напролет, веднаш штом го завршиме тековниот договор и му ги испорачаме на нашиот клиент сите преостанати пушки “, соопшти водечкиот инженер.

Компанијата има интегрирано во кундакот специјален компензатор кој значително го намалува трзајот, така што се претпоставува дека во моментов DXL-5 е потенцијално „најмеката“ пушка на пазарот на оружје.

„Оваа функција ќе му овозможи на стрелецот да гаѓа попрецизно, а тоа особено ќе се почувствува при гаѓањето цели на дистанца од два километри“, рече Синичкин.

Lobaev Arms очекува дека странските армии ќе бидат главните нарачатели на оваа снајперска пушка. DXL-5 чини 25000 долари без оптика. Компанијата, исто така, соопшти дека планира примена на технологиите на DXL-5 технологија со нови хиперсонични куршуми кои ќе бидат тестирани напролет, со што значително ќе се зголемат можностите на снајперистите.

Изразено во бројки, новата муниција ќе му овозможи на стрелецот кој обично погодува цели на далечина од еден до два километри, да ги погодува исто толку успешно и од три километри. А стрелецот кој работи на растојанија од 2,5 километри ќе може стабилно да погодува цели оддалечени 4 километри.

Што велат снајперистите за DXL-5?

Инструкторот на спецназот Андреј Пискунов смета дека DXL-5 е чекор напред за руските оружари, но и дека новата пушка на компанијата која произведува стрелечко оружје би можела по квалитет да ги надмине странските модели.

„Тоа е како Русија да направи свој телефон на ниво на iPhone 11 во 2021 година. Тоа би било технолошки напредок за неа, но на пазарот веќе има подобри телефони “, рече Пискунов.

Тој вели дека неговите единици интензивно ја користат снајперската Barrett со калибар .50 BMG и не планираат да се префрлат на оружје од руско производство од неколку причини.

Пред сé, моделот DXL-5 е сé уште сиров, т.е. оружјето допрва треба да биде проверено во реални борбени дејствија и да се види какви се реакциите на стрелците. Потоа производителот треба да ги отстрани сите проблеми што евентуално може да се појават.

И второ, цената е висока. Офицерот на спецназот се зачуди кога слушна дека DXL-5 чини 25000 долари. Вели дека тоа е скапо, бидејќи ќе биде поевтино да се купи американска пушка и да се увезе во Русија.

„Додека во пракса не видиме дека пушката DXL-5 вреди толку и дека е три пати подобра од американските пушки, нема да ја отфрлиме Barrett“, заклучува инструкторот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња