Снајперската пушка со најголем дострел на светот ќе се тестира на крајот од 2020 година

Дмитриј Рогулин/TASS
Велат дека DXL-5 „Хаос“ е прва снајперска пушка на светот која го уништува непријателот на оддалеченост од 7 километри.

Рускиот производител на снајперски пушки Lobaev Arms го најави својот најнов производ, снајперската пушка DXL-5 која ги гаѓа целите на оддалеченост од 7 километри. Пушката ќе биде претставена во ноември 2020 година.

„Ние со полна пареа работиме на проектот DXL-5 'Хаос'. Моментално ги дотеруваме последните делови и планираме тестирање во ноември“, изјави за Russia Beyond Владислав Лобаев, сопственик на компанијата Lobaev Arms.

Тој тврди дека новата пушка претставува „револуционерен напредок“ и дека ќе биде направена за четири различни варијанти куршуми.

Се очекува почетната брзина на зрното да изнесува најмалку 4 или 5 маха (што е 4-5 пати побрзо од брзината на звукот). Тоа значи дека куршумот на излезот од цевката ќе развива брзина од 1.200-1.500 метри во секунда. Еден вид куршуми обезбедуваат прецизност од околу 70 МОА (лачни минути) на 3.000 метри, вели Лобаев.

Во превод од снајперската терминологија на разбирлив јазик, од оваа пушка дури и аматер ќе може лесно да ја погоди целта оддалечена неколку километри. Претходно беа потребни години професионална обука за човек да научи да гаѓа цели на голема оддалеченост. На пример, медиумите кон средината на 2017 година соопштија дека неименуван припадник на канадските специјални единици во Ирак поставил рекорд, погодувајќи цел оддалечена 3.540 метри.

„Нашите пресметки покажуваат дека нашата пушка со друг калибар ќе биде уште попрецизна, односно дека ќе има прецизност од 55 МОА на 3.000 метро. Доколку поинаков куршум обезбеди хоризонтална патека, тоа ќе биде фантастично“, додаде сопственикот на компанијата Lobaev Arms.

Според него, главна цел на компанијата е од DXL-5 да направи оружје со кое може секој лесно да ракува, без разлика дали е професионалец или аматер.

Како што вели водечкиот инженер на компанијата Јуриј Синичкин, муницијата за DXL-5 има подобри карактеристики од муницијата со калибар од 12.7х99 и 12.7х108 милиметри, односно од најмоќните снајперски куршуми на светот (се користат за онеспособување на лесно оклопени возила на оддалеченост од 2 километри).

Компанијата развива обична верзија DXL-5 заедно со ексклузивна која е направена за соборување светски рекорди. Lobaev Arms сака неговата ексклузивна модификација да биде прва пушка на планетата која може да погоди цел оддалечена 7 километри. Прочитајте го нашиот специјален извештај за спецификациите на DXL-5.

„На полигон ќе понесеме неколку пушки со новиот калибар и ќе провериме која од нив е подобра за рекорден дострел“, изјави Синичкин.

Иднината на DXL-5

Новата пушка е сопствен проект на компанијата Lobaev Arms, кој не го финансира ниту Министерството за одбрана, ниту Росгвардија.

Според Синичкин, набргу по тестирањето ќе се знае дали новата снајперска пушка ќе биде воведена во арсеналот на руските вооружени сили и дали ќе се произведува за потребите на специјалните единици. Компанијата воедно има намера да ја произведува и да ја продава пушката на меѓународниот пазар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња