Специјализираната руска компанија „Кронштат“ го започна проектот за склопување на првата ударна варијанта на тешкото беспилотно летало „Сириус“. Тоа ќе биде составено во еден од фабричките погони во Москва.
Ова за рускиот интернет портал РИА „Новости“ го соопшти генералниот директор на АД „Кронштат“ Сергеј Богатиков. Според него, ова летало ќе може да се управува и преку сателит, а отворена е и можноста за негово содејство со класичната борбена авијација, пренесува РГ.
Проектот за развој на тешкото беспилотно летало „Сириус“ е всушност понатамошна еволуција на тактичкото борбено-извидувачко беспилотно летало „Орион“. Станува збор за летало кое според своите димензии ќе биде поголемо од својот претходник и ќе се карактеризира со поголема брзина на летање. Дронот ќе добие нова радиоелектронска опрема и ќе може да извршува борбени задачи во радиус од 1000 километри. Ќе може да носи и до 300 килограми разновиден убоен товар.